Македонија
„Анима мунди“ бара надлежните итно да преземат мерки и законски оневозможат злоупотреба на коњите како превозно средство
Од „Анима мунди“ преку соопштение ги повикаа надлежните институции (АХВ, МВР) и нивното раководство, како и градоначалниците итно да преземат мерки и законски оневозможат злоупотреба на коњите како превозно средство во урбани средини. Реакцијата на „Анима мунди“ доаѓа откако, како што соопштија тие, граѓани им испратиле фотографии на кои се гледа коњ во локва крв, кој, според нив, едвај крева глава и умира среде улица, удрен од автобус што превозува деца од ОУ „Вера Циривири“ на екскурзија.
Во соопштението на ‘Анима мунди’ се вели дека според информациите автобус удрил во запрежно возило кое буквално му влетало против сите сообраќајни прописи и стандарди, по што посочуваат дека вината не е во превозникот на автобусот кој сторил се што може да се заштитат патниците, вината велат е исклучиво во противзаконитата употреба на коњите во сообраќајот и институциите кои ова го толерираат.
„’Анима мунди’ изготвни и поднесе иницијатива за помош на коњите, со која дадовме конкретни применливи предлози за преземање конкретни чекори кои би воделе кон:
– Унапредување на благосостојбата на коњите,
– Зголемување на безбедноста на сите граѓани во сообраќајот и
– Олеснување на животот на граѓаните кои се најранливата и најмаргинализирана категорија граѓани во нашето општество.
Прашуваме кој ќе беше одговорен доколку оваа несреќа имаше и последици по човек, по децата? Или ќе се молчи и чека сè додека не се случи човечка несреќа?“, се вели во соопштението на „Анима мунди“.
Оттаму додаваат дека тие испратиле ветеринар кој се бори животното да преживее. Иако коњот е малтретиран, дошла полиција, тој повторно ќе заврши во рацете на оние кои го измачувале, велат од „Анима мунди“.
„Бараме: 1. идентификација на животните на територија на град Скопје и другите урбани општини, нивната психофизичка состојба и секако сопствениците на тие коњи, за што здружението нуди помош; законско регулирање на сопствеништвото на коњите. 2. Воведување законска забрана за движење на влачни коли со коњи во урбаните средини и брзи сообраќајници, директна интервенција во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата кој ја уредува ваквата пракса. 3. Итно одземање на коњите кои се болни, стари, изнемоштени и нивно згрижување на безбедна локација – наменски центар за рехабилитација, за што нудиме стручна и директна помош, како и во спроведување едукативни кампањи за хуманост и грижа кон животните со што ќе помогнеме во обезбедување дополнителни донации од државата и странство. 4. Ургентно воспоставување забрана за движење на влечни коли со коњи во урбани средини, во рамки на Одлуки за комунален ред на ЕЛС. 5. Обештетување на лицата кои го користеле коњот како превозно средство и начин на заработка/преживуваање, т.е. да им се овозможат начини да дојдат до средства за живот и превозно средство; да им се понуди решение и даде соодветно превозно средство со кое ќе продолжат да ја вршат нивната работа – кое ќе им помогне безбедно и непречено да се движат во сообраќајот“, стои во соопштението на „Анима мунди“.
Од здружението велат дека иако очекувале оваа иницијатива да биде сериозно разгледана и да се пристапи кон итни законски измени, тоа не се случило и овој проблем само се игнорира и продлабочува, на сметка на животот на животните и безбедноста на граѓаните, стои во нивното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Судењето за Кочани е тест за целото општество, мора да се води кристално чисто
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, нагласи дека судењето за трагедијата во Кочани е тест за целото општество и затоа мора да се води транспарентно.
„Барам и очекувам процесот да се води отворено, транспарентно, пред очите на целата јавност“, рече Филипче.
Тој додаде дека родителите на жртвите заслужуваат да ја знаат вистината и правда мора да има.
„Ова им го додолжиме на родителите, ова им го додолжиме на сите граѓани, ова го должиме на целото општество. Ова е еден голем тест за зрелоста во нашето општество“, рече Филипче.
На прес-конференцијата Филипче посочи дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми да се истражи секој детал од оваа трагедија, и тоа е причината поради која што пратеничката група на СДСМ побара Анкетна комисија во Собранието.
Македонија
Департизирана, професионална и европска јавна администрација: Минчев во Рим ги претстави главните реформски приоритети на Владата
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на меѓународна конференција „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“, што се одржа во Рим, каде што имаше свое обраќање во рамките на министерскиот панел посветен на реформата на јавната администрација и европската интеграција.
Настанот, организиран од Министерството за јавна администрација на Италија, Националната школа за администрација на Италија (SNA) и Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА), ги обедини министрите од регионот, високи претставници од европските институции и експерти од областа на јавната администрација.
На конференцијата се обратија италијанскиот министер за јавна администрација Паоло Зангрило, претседателката на Националната школа за администрација Паола Северино и директорката на РеСПА Маја Хаџиска-Трендафилова.
Во своето обраќање, министерот Минчев ги претстави главните реформски приоритети на Владата во областа на јавната администрација и ја истакна стратешката насока на државата во процесот на европска интеграција.
„Нашата цел е да изградиме ефикасна, професионална и транспарентна администрација што ќе биде вистински сервис на граѓаните и носител на европските вредности“, истакна министерот Минчев
Министерот се осврна и на новата законска рамка за јавната служба, посочувајќи дека трите нови системски закони поставуваат темели за современ и европски модел на управување со човечките ресурси.
„Преку новите закони воспоставуваме мерит-систем заснован на професионалност, компетенции и интегритет. Нашата цел е администрација што ќе функционира според правила, а не според исклучоци“, потенцираше Минчев.
Посебен акцент беше ставен на процесот за воспоставување на Законот за високата раководна служба.
„Со овој закон создадовме основа за професионален управувачки кадар избран според заслуги, а не според политичка припадност. Тоа е клучно за стабилно и континуирано функционирање на институциите“, додаде тој.
Во однос на регионалната соработка, министерот истакна дека реформските процеси не можат да се спроведуваат изолирано и дека размената на искуства преку иницијативите на РеСПА претставува значаен поттик за унапредување на административните стандарди во регионот.
Министерот Минчев на крајот нагласи дека јавната администрација треба да биде движечка сила на промените, нагласувајќи дека професионалноста и дигитализацијата се клучните механизми што ја зајакнуваат довербата и го поттикнуваат европскиот напредок. Тој порача дека Министерството ќе продолжи проактивно да ги спроведува реформите што ја подигнуваат ефикасноста, транспарентноста и одговорноста на институциите, со единствена цел, администрација што вистински им служи на граѓаните и ја води државата напред кон Европската Унија.
Македонија
Наставници од Кисела Вода се обучуваат за изведување часови по шах
Шахот станува сè поприсутен во воспитно-образовниот процес, а растечкиот интерес кај учениците ја зголемува потребата наставниците да бидат соодветно обучени за негово реализирање во рамки на наставата. Во таа насока, денес во големата сала на Општина Кисела Вода се одржа обука за наставници од основните училишта на територијата на општината.
Обуката ја организира Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој во континуитет работи на развојот и интеграцијата на шахот во основното образование. Како дел од соработката, Шаховскиот сојуз донираше и по два шаха за сите основни училишта во општината.
Со текот на активностите и методолошкиот пристап што наставниците ќе го применуваат во наставата се запозна и градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска, која присуствуваше на дел од обуката.
-Како општина, даваме силна поддршка на сите процеси што го унапредуваат образованието и создаваат вредности кај најмладите. Шахот е предмет кој развива концентрација, аналитичко размислување и дисциплина, вештини што им се важни на учениците. Оваа обука им овозможува на наставниците професионално да се подготват и да го пренесат знаењето на квалитетен и структуриран начин. Верувам дека со ваквите програми ќе продолжиме да градиме посилен образовен систем во нашата општина- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
-Обуката е важна и задолжителна, бидејќи наставниците стекнатите знаења ќе ги имплементираат во изборниот предмет Шах, во рамките на наставата. Шахот веќе три години се имплементира како изборен предмет. Од прво до трето одделение е воспоставен како слободна ученичка активност, а во четврто и петто како изборен предмет. Наставниците што ќе ја завршат обуката добиваат сертификат со кој можат да држат часови по шах- изјави Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Град Скопје.

