Македонија
ДОМ предлага глоби од 700 евра за негрижа на кучињата
Пратеничките од ДОМ, Маја Морачанин и Лилјана Поповска, подготвија предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните. Покрај нив, предлагачи на законот се и пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Милева Горгиева од СДСМ, Никица Корубин од ЛДП, Мирсада Емини-Асани и Шпреса Хадри од ДУИ и независните пратенички Ирена Стефоска и Ивана Туфегџиќ.
„Со предлог-законот ќе се спречи неконтролираното зголемување на бројот на улични кучиња, кои во најголем дел потекнуваат од размножувањето на домашните миленици. Секое куче женка во репродуктивен период продуцира десетина младенчиња годишно и повеќето од нив завршуваат на улица како улични кучиња. Со законските измени се воведува обврска сопствениците на кучиња во репродуктивниот период да ги кастрираат, односно ојаловат своите кучиња во овластени ветеринарни амбуланти, болници и клиники на сопствен трошок. Исклучок се сопствениците што имаат регистрирано одгледувачници на кучиња. За неспроведување на оваа законска одредба се предвидува глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност“, се наведува во соопштението.
Предлог-законот предвидува зголемување на глобите за сопствениците на кучиња доколку не ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните установи со цел регистрирање и идентификување, не постават табла на влезната врата во дворот за присуство на куче, не ги врзуваат кучињата на поводник кога се на јавно место, не го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна установа, не ги идентификуваат младенчињата пред да ги удомат и не ги пријават лицата кај кои ги удомиле. За овие прекршоци глобите за правните лица ќе се зголемат од сегашните 100 на 700 евра, а за физичките лица од 10-15 на 100 евра во денарска противвредност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Со Лабудовиќ како иден градоначалник на Центар ќе најдеме решенија за сите проблеми во Маџир Маало
Кандидатот за градоначалник на општина Центар од Движењето ЗНАМ поддржан од ВМРО-ДПМНЕ Мирослав Лабудовиќ и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска остварија средба со жителите на Маџир Маало, на кој им ветија дека ќе направат се за набргу да им ги обезбедат сите неопходни услови за живот и развој во 21 век. Со вицепремиерот и министер имаме заедничка согласност дека оваа брутална бетонизација што му се случува на Центар треба да запре час поскоро. А, првиот чекор е носење и ревизија на сите урбанистички планови. Што ќе се прави со континуирана соработка на локалната со централната власт.
„Имаме заеднички став дека новиот детален урбанистички план за Маџир Маало, ќе биде квалитетен, за модерен развој на овој дел од Скопје и, се разбира, исклучиво во интерес на граѓаните. Со нив ќе се консултираме како сакаат, каква потреба имаат тие за овој дел од нашата општина. Дополнително планираме изградба на нова градинка на овој потег, како и модернизација на улиците кои долго време не се санирани“, рече Лабудовиќ, нагласувајќи дека соработката што ќе ја имаат и со Минстерството за транспорт и врски и со Град Скопје ќе биде исклучиво во штитење на јавниот интерес.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски пак, посочи дека е жално во 21 век луѓето да живеат во субстандардни услови во срцето на Скопје.
„И овде на дело може да видите како изгледа урбанистичкиот хаос и создавање на урбанизам во интерес само на поединци. Затоа што, поединци кои се блиски до актуелното раководство на општина Центар не може овде да си го најдат личниот финансиски интерес или да најдат бизнис и токму затоа луѓето живеат во сосотјба која не личи на 21 век – со уништени улици, без соодветен водовод и канализација и со нерешени имотни прашања. И, ова на најдобар начин покажува како се уништува општината и зошто се неопходни промени во Центар“, потенцираше Николоски.
Вицепремиерот Николоски верува дека заедно со Лабудовиќ, кого го нарече иден градоначалник на Центар, ќе работат на изнаоѓање решенија за сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат маџлирмаалци. За, конечно тие да дојдат до пристојни услови за живот.
Македонија
Минчев: Со новиот закон и Академијата поставуваме темели за модерна, стручна и европска јавна администрација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на јавната дискусија на тема „Имплементација на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници“, организирана од страна на Министерството за јавна администрација во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници“, кој се реализира во партнерство со Центарот за управување со промени (ЦУП) и со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Скопје.
На настанот свое обраќање имаа и амбасадорот на Република Франција, Н.Е. г. Кристоф Ле Риголер, д-р Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на ЦУП, францускиот експерт проф. д-р Jean-Michel Eymeri-Douzans од Институтот за политички студии во Тулуз, како и претставници од Генералната дирекција за администрација и јавна служба на Франција (DGAFP). Меѓу присутните беа и гости од дипломатскиот кор, владини функционери, претставници на државни институции, граѓанскиот сектор и академската заедница.
Во своето обраќање, министерот за јавна администрација Горан Минчев истакна дека со донесувањето на новите закони за јавната администрација, а особено со Законот за стручно усовршување и обука, се поставуваат нови стандарди во јавната служба.
„Законот за стручно усовршување и обука на јавните службеници е суштинска промена. Промена што ја премостува децениската разлика меѓу желбата за европска администрација и реалноста што ја градиме денес – модерна, стручна и одговорна администрација,“ нагласи министерот Минчев.
Тој потенцираше дека партнерството со Француската амбасада и со француските институции претставува доказ за довербата на европските партнери во реформите што се темелат на знаење, транспарентност и резултати.
„Проектот ‘Јакнење на капацитетите и професионализација на администрацијата’, кој го реализираме со поддршка од Француската амбасада, во партнерство со Националниот институт за јавна администрација (INSP), Генералната дирекција за администрација и јавна служба и Центарот за управување со промени, претставува вистински темел за создавање нов систем – систем во кој институциите не се формалност, туку алатка за развој,“ изјави министерот.
Министерот Минчев најави дека во рамките на оваа соработка ќе биде воспоставена Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници, како институција што ќе стане „срцето на професионализацијата на јавната служба“.
„Со формирањето на Академијата, која ќе се структуира во рамките на овој француско-македонски проект, создаваме институција која ќе биде срцето на професионализацијата на јавната служба. За прв пат во историјата на нашата држава, системски и институционално ги регулираме стручните обуки на јавните службеници,“ изјави Минчев, додавајќи дека „секој административен службеник – од најмладиот до најискусниот – ќе има можност да се надградува, да стекнува нови знаења и да го покаже својот професионален капацитет.“
Во своето обраќање, министерот се заблагодари на амбасадорот на Франција, на ЦУП и на сите партнери кои придонесуваат за реализација на реформите во јавната администрација.
„Ова е партнерство меѓу државата и нејзините луѓе, меѓу институцијата и службеникот, меѓу знаењето и јавниот интерес,“ нагласи тој.
Настанот вклучи две панел-дискусии со учество на домашни и меѓународни експерти, кои ги презентираа моделите и искуствата во организацијата на академии за обука, како и најдобрите практики во континуираната едукација на јавните службеници.
Министерството за јавна администрација останува посветено на реформите што водат кон создавање професионална, транспарентна и европска јавна администрација, која ќе биде темел на модерна и одговорна држава.
Македонија
Герасимовски: Ги прошируваме капацитетите на „Јохан Хајнрих Песталоци“, го санираме покривот и создаваме подобри услови за учениците
Кандидатот за нов градоначалнички мандат во Општина Центар, Горан Герасимовски, најави проширување на капацитетите на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
„Со зголемувањето на бројот на ученици, потребата за дополнителен простор стана приоритет. Затоа ќе инвестираме во проширување на капацитетите на училиштето со изградба на нови училници,“ рече Герасимовски.
Во програмата се предвидува и промена на фасадната столарија и подовите, како и партерно и хортикултурно уредување на дворот на училиштето.
Дополнително, по промената на кровот на училиштето, реконструкцијата на отворените игралишта и тековната санација на покривот врз спортската сала, „Ј.Х. Песталоци“ ќе биде целосно реконструирано.

