Свет
Бројката на нелегални пристигнувања мигранти во ЕУ најнсика во последните 5 години

Нелегалните гранични преминувања продолжуваат да се намалуваат со што годинашната стапка е најниска од 2013 година наваму, изјавија од гранична агенција на Европската Унија, Фронтекс.
Во агенцијата се регистрирани 118.900 нелегални гранични преминувања во првите 10 месеци од годината, што е 30 отсто пониско во споредба со истиот период минатата година.
Агенцијата го припишува ваквиот тренд на падот во бројката на мигранти и бегалци што се одлучуваат да тргнат по опасната средоземска рута меѓу Либија и Италија. Бројот на луѓе што пристигнуваат во Италија е намален 87 отсто во споредба со минатата година.
И покрај ова, пристигнувањата на мигранти во ЕУ продолжува да создава негативен став кон нив. Италијанската популистичка влада зазеде цврст став во однос на имиграцијата, а министерот за внатрешни работи, Матео Салвини, вети дека ќе стави крај на бранот мигранти и дека ќе ги протера бродовите за спасување мигранти од пристаништата во земјата.
Од друга страна, Фронтекс наведува дека бројот на мигранти што пристигнале во Шпанија во октомври оваа година е двојно поголем од оној во октомври 2017 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Дописник на Би-би-си: Заборавете на Томахавките, состанокот Трамп-Путин е ладен туш за Украинците

Доналд Трамп повторно се обидува да ги комбинира дипломатијата и политиката на моќ – овој пат помеѓу Москва и Киев.
Само неколку часа пред планираната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, американскиот претседател му се јави на Владимир Путин, што предизвика загриженост и сомнеж во Киев за американските намери.
Трамп му рече на Путин дека наскоро ќе следи состанок на високи американски и руски претставници, по што ќе следи нова средба во Будимпешта.
Двајцата претседатели последен пат се сретнаа во Алјаска во август. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека Трамп „верува дека е сè уште можно“ да ги донесе Путин и Зеленски на иста маса, но нема планови украинскиот претседател да се придружи на самитот.
Вашингтон, исто така, разгледува дали Украина може да добие крстосувачки ракети Томахавки, но набљудувачите веруваат дека таквата одлука би била тешко да се донесе во време кога САД се обидуваат да отворат нов канал кон Москва.
„Трамп се врати на идејата за прекин на огнот од самитот во Алјаска, сега со надеж дека крајот на војната во Газа би можел да поттикне и мир во Украина“, пишува дописникот на „Скај њуз“ од САД, Дејвид Блевинс.
Би-би-си: Ова е политички ладен туш
Сепак, во Киев тоа е ладен туш. Дописникот на Би-би-си, Џон Садворт, вели дека повикот на Трамп до Путин, за кој Кремљ тврди дека е инициран од Русија, „нема да биде сфатен како добар знак“ во Украина.
Пред неговото патување во Вашингтон, помошниците на Володимир Зеленски рекоа дека забележале промена во тонот во Белата куќа – тие верувале дека Трамп почнува да „го гледа светот низ нивните очи“. Тие се надевале дека оваа недела ќе биде моментот кога тој ќе добие одобрение за испорака на американските ракети Томахавк и можност за удар подлабоко на руска територија.
Наместо тоа, пишува дописникот на Би-би-си во Киев, Путин е награден со уште еден состанок со американскиот претседател. „Заборавете ги Томахавките – ова изгледа како политички ладен туш“, заклучува Садворт.
Свет
Путин до Западот: Купија билет и не патуваа, само за да се налутат на кондуктерот: рускиот енергетски систем работи беспрекорно

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека одбивањето на европските земји да се потпираат на руските енергетски ресурси сериозно ја поткопа конкурентноста на нивните економии и доведе до пад на индустриското производство и пораст на цените низ целиот континент.
Зборувајќи на пленарната сесија на Руската недела на енергија во Москва, Путин истакна дека постапките на западните политички елити „ја уништија глобалната енергетска инфраструктура“, нагласувајќи дека политичкиот притисок довел до ирационални одлуки во ЕУ, според западните медиуми.
„Многу европски земји, под политички притисок, одбија да купуваат руски енергетски производи. Веќе неколку пати предупредив за последиците – не за Русија, туку за самите тие земји. Гледаме пад на индустриската активност и пораст на цените поради поскапата нафта и гас од странство“, рече Путин.
Тој додаде дека, по забраната за соработка со Русија, западните компании почнаа да ја губат својата технолошка предност и да го намалуваат производството, додека руските експерти станаа „технолошки лидери“ на пазарот.
„Што направија? Купија билет и не патуваа – само за да се налутат на кондуктерот. Каква глупост.
Нашиот енергетски систем е еден од најголемите во светот. Овој огромен комплекс работи сигурно и ефикасно“, заклучи претседателот на Русија.
Свет
Кремљ: Путин го предупреди Трамп за време на разговорот

Во денешниот телефонски разговор, рускиот претседател Владимир Путин го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп дека испраќањето крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина ќе го загрози мировниот процес и ќе им наштети на односите меѓу САД и Русија. Веста беше потврдена од Кремљ во официјално соопштение, пренесуваат медиумите во регионот.
Според Кремљ, Путин изразил загриженост поради можноста напредното американско оружје во рацете на украинските сили да доведе до понатамошна ескалација на конфликтот. Предупредувањето јасно посочи дека таков потег од страна на Вашингтон би имал директни негативни последици врз билатералните односи на двете сили.
Советникот на Путин, Јуриј Ушаков, им изјави на новинарите дека Путин во разговорот нагласил дека руските сили во моментов имаат „целосна стратешка иницијатива“ по целата линија на фронтот во Украина.
Ушаков додаде дека денешниот повик, кој траел речиси два и пол часа, бил инициран од руска страна. Тој, исто така, објави дека на планираниот нов самит меѓу двајцата претседатели ќе му претходи разговор меѓу државниот секретар на САД, Марко Рубио, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој се очекува да се одржи во наредните денови, пренесува index.hr.
Фото: принтскрин