Економија
Одржана првата работилница за соларни системи на „Солар Македонија“ поддржана од УСАИД

Здружението за сончева енергија „Солар Македонија“ ја одржа првата работилница за претставување на новите услуги кон нејзините членки со цел подигнување на економската активност во секторот. Покрај презентацијата на обуките за соларни инсталери кои „Солар Македонија“ ги нуди на своите членки, на настанот се одржа и панел-дискусија на којашто се актуелизираа проблемите со кои соларниот сектор во Македонија се соочува.
Во дискусијата беа вклучени и претставници од Министерството за економија, кои имаа можност да слушнат за искуствата на приватниот сектор директно од претставниците на присутните компании членки на „Солар Македонија“.
„Соларната енергија во Македонија е многу малку искористена, што е особено загрижувачки имајќи предвид колку сончеви денови има во нашиот регион. Ова се должи на неколку проблеми во секторот, проблеми на чие решавање ‘Солар Македонија’ ќе работи преку грантот доделен од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем”, изјави претседателот на организацијата, Илија Насов.
Како главно решение кое „Солар Македонија“ го понуди на нејзините компаниите членки се обуките за работна сила кои ќе ја зголемат професионалноста на соларните инсталери и ќе ја зголемат довербата на потрошувачите. Дополнително, здружението ќе земе активно учество во лобирање со цел решавање на системските проблеми на секторот, како што се: грешно дизајнираните шеми за субвенционирање на термални ситеми, како и царините за компоненти кои ги оптоваруваат домашните производители на панели.
Обуките и лобирањето здружението ги организира како активности од проектот „Подобрување на вештините, производството и вработувањата во македонските микро, мали и средни претпријатија (ММСП) кои работат со сончева енергија и опрема“, поддржан преку грант од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
Започнат во 2018 година, Проектот на УСАИД работи со деловни здруженија, стопански комори, финансиски институции, тренинг-центри и компании во делот на развивање на нивните синџири на добавување, како и други организации кои нудат услуги за поддршка на ММСП. Проектот исто така соработува и со финансиски институции за зголемување на финансирањето достапно за ММСП. Нивната соработка со „Солар Македонија“ се заснова на поддршка на бизнис-организациите (асоцијации, здруженија, комори и бизнис-центри) како важни чинители во подигнувањето на продуктивноста и приходите на приватниот сектор во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата

„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.
Економија
Владата нема да ги толерира триковите на трговците ако ги зголемат цените без основа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека будно се следи состојбата со цените и најави дека Владата ќе реагира доколку се утврдат непринципиелни однесувања кај трговците, посочувајќи дека мерки ќе бидат донесени доколку е потребно.
„Состојбата со цените апсолутно ја следам одблиску, реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира, доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови, ќе делуваме. Инаку, имаме во план да носиме мерки со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на манифестацијата „Од нива до трпеза“ во општина Аеродром.
Тој најави дека Владата ќе го разгледа Извештајот на Државниот пазарен инспекторат кој се однесува на состојбата со цените по завршувањето на владините мерки, по што ќе излезе со официјален став во јавноста.
Во однос на цените на овошјето, премиерот истакна дека покачувањето кај црешите и јаболките е резултат на неповолните временски услови, и најави дека намалениот род ќе влијае на понудата.
„Нивната цена не е 500 денари, туку од 200 до 300 денари по килограм, но и тоа е многу. Тоа е така поради студот, тоа што беше елементарна непогода за црешите, истото го афектираше и ресенското јаболко. Иако оваа година очекувавме и таму голем род, за жал тоа нема да се случи, ќе биде преполовено, ако не и трипати намалено поради неколкуте недели кога имаше ниски температури. Ретка е понудата на трпезата, очекувам истото да се случи и со јаболката кога ќе дојде редот“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, и уверува дека пазарните инспектори ја следат состојбата низ целиот синџир – од производство до продажба.
„Нема драстично зголемување на цените во делот каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен, ќе гледа, и ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економска оправданост од трговците, нормално дека ќе донесеме пак одлуки. И тоа сум го кажал и во други изјави – ќе донесеме поригорозни мерки од тие што сме ги презеле досега“, рече Дурмиши на новинарско прашање во Тетово, каде присуствуваше на настан за промоција на Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Министерството за економија и труд на 20 февруари предложи мерка што Владата ја изгласа, со која беа ограничени маржите за 100 групи производи, а замрзнати цени за осум артикли. Мерката траеше до 30 април, по што започна мониторинг на цените во цел месец мај.
Економија
Од идеја до бизнис со помош на државата, Владата обезбеди 40 милиони евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска престојуваше во Тетово каде што оствари работна посета и средба со граѓани, локални претприемачи и претставници на институции. Целта на посетата беше директна презентација на активните мерки за вработување кои се предвидени со Оперативниот план за 2025 година.
Овој план, кој се спроведува преку Агенцијата за вработување, е една од клучните алатки на Владата за зголемување на вработеноста и поттикнување на претприемништвото. За неговата реализација, во 2025 година се издвоени над 40 милиони евра, што претставува највисок досега буџет наменет за оваа цел.
„Преку Оперативниот план за вработување, државата првпат системски пристапува кон решавање на невработеноста – не само преку финансиска помош, туку и со структурна поддршка, менторство и обука. Граѓаните добиваат реална можност да започнат сопствен бизнис, да креираат работни места и да придонесат во локалната економија“, истакна министерот Дурмиши.
Во рамки на Планот за 2025 година, активни се три главни мерки за самовработување:
Мерка 1.1 – Финансиска поддршка до 7.000 евра за лица постари од 29 години кои сакаат да отворат сопствен бизнис. За работодавачите кои ќе вработат лице со попреченост, се предвидува дополнителна поддршка од 4.000 евра.
Мерка 1.2 – Поддршка до 10.000 евра за млади лица до 29 години кои имаат одржлива и иновативна бизнис-идеја.
Мерка 1А – Поддршка до 20.000 евра за формирање на заеднички бизнис од страна на најмалку две невработени лица.
Сите мерки се спроведуваат преку интегриран пристап, кој опфаќа: идентификација на потреби, професионално советување, обука, развој на бизнис-план, административна поддршка и менторство во првите 12 месеци од работењето.
„Наша цел е да изградиме економија базирана на знаење, иницијатива и локален развој. Овие мерки не се само финансиски поттик – тие се платформа за личен и професионален напредок. На младите не им велиме само да останат тука – туку им даваме услови за да успеат“, нагласи министерот Дурмиши.
Во рамки на теренската комуникација, министерот ќе продолжи со посети во повеќе општини – Гостивар, Кичево, Липково, Сарај и други – со цел директно информирање и вклучување на граѓаните во овие програми.
Аплицирањето за мерките веќе е започнато, а до крајот на вчерашниот ден се регистрирани над 2.500 апликации.