Македонија
Светски ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди
Според податоците на СЗО, годишно, во сообраќајни незгоди животот го губат околу 1,3 милиони луѓе, што претставува 2,2% од глобалната смртност. Овие податоци покажуваат дека над 3.500 лица дневно умираат како последица на сообраќајни незгоди, а околу 140.000 лица се повредени. Од нив, дури 15.000 лица се здобиваат со трајни последици – траен инвалидитет.
Црната статистика, во светски рамки, покажува дека годишно околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1100 лица, секој ден.
Според СЗО, сообраќајните незгоди претставуваат трета причина за смртност кај децата на возраст од 5 до 9 години, втора причина за смртност кај децата на возраст од 10 до 14 години и кај младите на возраст од 20 до 24 години, а прва причина за смртност кај децата на возраст од 15 до 19 години.
Во Република Македонија, на годишно ниво, околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а повеќе од 6000 лица се повредени. Бројките се навистина загрижувачки, но не станува збор само за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини.
Се поставува прашањето, дали таа слика можеме барем за миг делумно да ја промениме? Се разбира дека можеме, и мораме. И не само за миг, и не само делумно, туку целосно и трајно.
Свесни за сериозноста на предизвикот кој многумина го нарекуваат „чума на 21 век“, Обединетите Нации ја прогласија декадата 2010-2020 како декада за безбедност во сообраќајот на патиштата, а третата недела од месец ноември ја прогласија за недела на „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“.
По повод „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“, 18 ноември, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до сите надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување, но исто така, апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот, да покаже повисоко ниво на свест и одговорност во сообраќајот.
Црната слика на патиштата можеме да ја промениме само ако секој поединец, учесник во сообраќајот, го даде својот личен придонес за побезбеден сообраќај.
Животот е патување кое треба да го исполниме со лубов и весела содржина. Да го направиме секое патување вистинско доживување. Да ја смениме приказната на патиштата со среќен крај.
Од нас зависи! Вози одговорно! Почитувај ја сообраќајната сигнализација, почитувај ги сообраќајните правила и прописи, почитувај го животот!“ порачува РСБСП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

