Македонија
Ѕвездан Георгиевски ќе биде в.д. претседател на ССНМ

До изборот на нов претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), новинарот Ѕвездан Георгиевски ќе биде в.д. претседател, беше соопштено на денешното изборно собрание на синдикатот, на кое беше избрано ново раководство.
Тамара Чаусидис, која беше претседател изминатите осум години, рече дека изборот на в.д. претседател се случил бидејќи немало кандидат од членовите на ССНМ за претседател, а раководењето го презема Извршниот одбор.
В.д. претседателот Георгиевски потенцираше дека Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници е важна алка не само во остварувањето на новинарските права што произлегуваат од работниот однос и во зголемувањето на социјалниот статус на новинарите, туку и во остварувањето на новинарскиот идеал – слобода на говорот.
На Собранието беа избрани и назначени новите членови на Извршниот одбор, Надзорниот одбор и членови на Статутарна комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филков: Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилигираните

По една година од формирањето на Владата, Министерството за правда презентира јасни резултати од процесот на рестартирање на правосудниот систем. Од нефункционална институција со затекнати долгови, блокирани механизми и изгубена доверба, Министерството денес се позиционира како столб на реформите и гарант на владеењето на правото, изјави министерот за правда, Игор Филков.
Додаде дека изминатите 12 месеци, подготвени се и доставени до Владата 22 системски закони, од кои 13 се директно предвидени со Реформската агенда. Станува збор за закони што го засегаат правосудниот систем – изборот, оценувањето, платите, статусот и одговорноста на судиите и обвинителите, како и институционалните капацитети на Советите, вештачењето и службите во правосудството.
Според Филков, клучен меѓу овие е новиот предлог Закон за Судскиот совет, кој претставува коренита промена во начинот на кој се избираат и разрешуваат судиите, како и во одговорноста на самите членови на Советот.
„Од осумте закони во Реформската агенда со рок до јуни 2025, седум се веќе испратени во владина процедура : Закон за платите на судиите, Закон за платите на јавните обвинители, Закон за платите на членовите на Судски совет, Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Закон за Судскиот совет, Законот за судска служба, Законот за јавнообвинителска служба. Во однос на 8-от закон од реформската агенда, Изборниот законик , текстот е подготвен од страна на стручните служби во Министерството за правда, во согласност со препораките на ОДИХР. Предлогот е испратeн на мислење до ОДИХР. Воспоставена беше комуникација и беше одржан состанок со претставниците на ОДИХР, за обезбедување на експертска помош за целосно усогласување на одредбите со препораките на ОДИХР”, изјави Филков.
Покрај реформските закони, додаде тој, Министерството за правда подготви и два важни закони кои не беа дел од Агендата, но произлегуваат од обврските кон ЕУ и препораките на ГРЕКО – Законот за заштита на укажувачи и Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
„Затекнавме министерство без стратегија, без систем и без волја. Денес, правдата зборува гласно, со системски алатки, закони и професионални тела. Градиме институции што работат за граѓаните, а не за привилегираните. И ова е само почеток“, порача Филков.
Министерството за правда најавува продолжување на реформската агенда со еднакво темпо, политичка волја и стручна посветеност.
Македонија
Kaндидатот за градоначалник на Цирих потекнува од Куманово

Прпарим Авдили, чијашто фамилија потекнува од Кумановско, е номиниран за кандидат за градоначалник на Цирих од страна на Либералната партија (ФДП). Веста ја објави самиот преку Фејсбук, каде што спомена дека е дете на имигранти кои се доселиле во Цирих.
„Пораснав во Цирих, дете на имигрантско семејство. Одев на училиште во Алтштетен и Албисриден и сè уште редовно играм фудбал со моите пријатели во соседството. Го сакам тоа што го правам и го сакам овој град. И имам длабоки корени тука,“ напиша Авдили.
Тој изрази благодарност до одборот на ФДП за довербата и истакна дека сака да го види Цирих како вистинска европска метропола.
„Сакам Цирих понатаму да се развива. Цирих да напредува. Цирих конечно да се перципира како метропола“, наведе Авдили.
Авдили е финансиски директор на непрофитната организација libs во Северен Цирих, каде што раководи со обука на 1.500 практиканти во техничките индустрии.
Македонија
Мицкоски: Клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација

Со целосната имплементација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси, правиме разлика. Од хаос кон систем. Од пристрасност кон дигитална евиденција. Од импровизација кон стратегија.
Оваа реформа ја носиме во време кога граѓаните одамна го изгубија трпението. И со право. Затоа што долго време имаше една логика- администрацијата како партиски плен, институциите како приватен имот. Ние градиме систем. А Информациониот систем за управување со човечки ресурси е значаен чекор, изјави премиерот, Христијан Мицкоски на денешниот настан.
Мицкоски посочи дека со Информациониот систем за управување со човечки ресурси за прв пат во државата ќе има целосен и транспарентна слика за тоа кој каде е вработен, но и колкава плата добива.
„Преку овој систем, за првпат државата има целосна и транспарентна слика за тоа кој е вработен, каде, по кој основ, со кои квалификации, каква плата добива и дали е заслужена. Повеќе нема кумови, пријатели, советници по заслуга. Сега има податоци, перформанси и одговорност. Претходната власт не остави систем. Ни остави мрежа. Мрежа на влијанија, уцени, договорени функции и поставувања преку врски. Се криеја вработувања од јавноста. Се местеше документација. Луѓе без ден искуство раководеа со сектори. Тој модел го рушиме од корен. И на негово место градиме нов – праведен, транспарентен и контролиран систем.
Информациониот систем за управување со човечки ресурси е алатка, но реформата е политика која ние ја застапуваме. И ние таа политика ја водиме со јасен став- администрацијата не смее да биде партиска каса, туку државен сервис.“, изјави тој.
Мицкоски истакна дека додека визија на Владата е јасна, а тоа е како што рече тој да создадеме професионална, стабилна и отпорна администрација. Да обезбедиме кариера, а не послушност
„Нашата визија е јасна- да создадеме професионална, стабилна и отпорна администрација. Да обезбедиме кариера, а не послушност. Да градиме луѓе, а не лојалности.
Ние сме влада што инсистира за гарантирана услуга- институцијата мора да одговори на граѓанинот во рок. Влада што отвори процес на идентификација на нерегуларности во администрацијата. Што постави контролен механизам за напредување според учинок. И што, најважно од сè, ја враќа довербата во институциите.
Затоа денес, преку ИСУЧР, покажуваме што значи владеење преку систем, а не преку влијание.
Додека некои создаваа работни места за своите, ние инвестираме во дигитални системи, во обука, во квалитетни кадри. Ние отвораме врати за секој млад професионалец што сака да работи за државата. И тоа е суштинска промена. Тоа е разликата меѓу нас и нив. Ние градиме, тие прикриваа. Ние дигитализираме, тие укинуваа конкурсни постапки. Ние реформираме, тие ја злоупотребуваа администрацијата.“, објасни Мицкоски.
„Ќе завршам со порака што одамна требаше да биде реалност – јавната администрација не припаѓа на ниту една партија. Таа припаѓа на народот. Ваквите реформи го градат системот што го потврдува тоа. И ова е само почеток. Ќе продолжиме со реформи. Ќе воведеме автоматизирани процеси. Ќе изградиме целосен дигитален систем на управување со институциите. Модерната држава не може да постои со застарена администрација.
Граѓаните очекуваат брза услуга, одговорност и ефикасност- а не бирократска лавиринти и чекање со месеци. Администрацијата е лицето на државата. Ако тоа лице е неефикасно, затворено, арогантно или хаотично- тогаш и довербата во државата опаѓа. Во 21-от век, клучот за доверба и стабилност е дигитална, транспарентна и отчетна администрација. Без неа, секоја реформа е осудена на половичен успех.“, дециден е Мицкоски и додаде:
„Ако сакаме европска Македонија, мора да имаме европска администрација. Не по имиња, туку по стандарди. Не по форма, туку по суштина.“