Македонија
(Видео) Протестот заврши, за малку избегнат инцидент

По речиси два часа заврши протестот пред Собранието против уставните имени. За малку беше избегнат инцидент меѓу организаторите – движењето #Бојкотирам уставни промени, и дел од присутните на протестот кои се обидуваа да се качат на бината во обид и тие да се обратат пред присутните.
Претставници и лидери на Христијанско братство и Единствена Македонија, меѓу кои Јанко Бачев, Жарко Гроздановски и Драган Угриновски како и Страшко Олумчев, претседателот на Семакедонскиот национален совет сакаа да држат говор, но редарите и дел од организаторите не им дозволија. Тие неколку пати се обидуваа да се пробијат низ толпата, но постојано беа спречувани, а за време на обраќањата на Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, актерката Арна Шијак, Солза Грчева и Љупчо Палевски постојано дофрлуваа навредливи коментари и обвинувања особено на сметка на Тодор Петров како еден од главните организатори дека вечерва го поделил народот.
„Ние бараме само една минута да ја кажеме вистината, но овие тука се предавници, и се додека има суети и предавници македонскиот народ ќе биде поделен. Можам да наредам да се качиме и да ја преземеме бината ама нема да го направиме тоа“ порачаа од Христијанското братство.
Во вербалната пресметка пред бината, фоторепортерите и снимателите беа истуркани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Охрид СОС алармира за изградба на хотел во Горица

Во извештајот на Реактивната мониторинг мисија (РММ) на УНЕСКО која престојуваше во Охрид минатиот март стои: „Додека мисијата се приближуваше кон Охрид, на пошумениот рид Горица забележа уште едно градилиште. Се работи за изградба на уште еден хотел во област која порано беше пошумена, но во која прогресивно се градеа туристички капацитети. Центарот за светско наследство не беше известен за изградбата на овој нов комплекс пред да се донесе одлука за негова изградба, како што налага став 172 од Оперативните насоки.” Експертите констатираат дека по усвојувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, градежните активности во Охрид продолжуваат уште поенергично, дури и во области каде што урбанизацијата не смееше да продолжи, како на пример на ридот Горица.
Мисијата побарала информации и постоечката проектна документација, вклучително и извршената проценка на влијанието, да бидат доставени до Центарот за светско наследство со цел да бидат анализирани од страна на советодавните тела.
Во април 2024 во извештајот до Центарот за светско наследство и советодавните тела, Охрид ЅОЅ достави подетални информации за хотелскиот комплекс.
По РММ, во јули 2024 следеше годишната седница на Комитетот за светско наследство од што произлезе Одлуката 46 COM 7B.44. Оние седнатите во државните и општински столчиња не ги информираа граѓаните дека во точка 10 Комитетот „ја повикува државата членка Македонија да ја запре изградбата во близина на Студенчишко Блато, комплексот Горица Север и Горица 3 сè додека не се направи стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз наследството за секој од проектите.” Не го информираа ни УНЕСКО кога во Извештајот за напредокот (условно кажано) од 31.1 2025 година не напишаа НИТУ ЕДЕН ЗБОР за било какво постапување во однос на Горица.
Или во превод: Државата постапува спротивно на преземената и законски обврзувачка Конвенција на светското наследство. Но, што е законот за шака моќници?!
Така, ароганцијата на задолжените во владата на оваа „на ти го – дај ми го” држава си го допуштила комодитетот да покажат среден прст на Центарот за светско наследство, експертските тела на ИУЦН и ИКОМОС и Комитетот за светско наследство. Бидејќи во оваа небиднина, поважно е да се наполни својот и џебот на Мијалков, Илоски, Усеини… (дополнете согласно наоѓање), одошто да се зачува 1,5 милиони години старо езеро.
А вие, продолжете мирно да молчите“, велат од Охрид ЅОЅ.
Македонија
Облачно со повремен дожд, попладне нестабилно

На терторијата на Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2).
Утринските температури се движат меѓу 2 и 10, додека највисоките во текот на денот соодветно ќе бидат во интервалот меѓу 6 и 17 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината денеска, исто така, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, со највисока температура до 15 степени.
Македонија
Дождот ќе се задржи до четврток, стабилизирање дури во петок

Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд.
Попладне, наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 15 степени.
До четврток ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд, особено во попладневните часови. Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време над 15 л/м2), грмежи и засилен ветер. Стабилизирање на времето ќе има во петок.