Економија
Мисијата на ММФ за Македонија: Економската активност закрепнува, но невработеноста сѐ уште е висока
Враќањето на политичката стабилност и напредокот во решавањето на спорот за името со Грција конкретно ги зголеми шансите за отворање на преговорите за пристапување во Европската Унија по повеќе од дванаесет години од добивањето на кандидатскиот статус. Структурните реформи за решавање на долгогодишните слабости на пазарот на трудот, судството и јавната администрација, се од суштинско значење за да се искористи оваа можност и да се обезбеди посветла иднина преку поголема продуктивност и побрза конвергенција на доходот. Макроекономските политики треба да ја поддржат оваа цел преку обновување на баферите и просторот за политики, како и одржување на финансиската стабилност. Ваква е првичната оценка на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во завршната изјава на мисијата на ММФ се истакнува дека економската активност полека закрепнува по застојот во 2017 година. Реалниот БДП е проектиран да порасне на 2 отсто во 2018 година поддржан од силниот извоз и приватната потрошувачка во услови на подобрување на состојбите на пазарот на трудот и силниот раст на кредитите на населението. Во меѓувреме, доцнењата на големите инфраструктурни проекти, падот на градежните активности и провлекувањето на неизвесностите продолжија да ги одложуваат инвестициите. Севкупните макроекономски состојби се поволни со ниска базична инфлација, дефицит на тековната сметка во опаѓање и позитивни трендови на девизниот пазар. ММФ додава дека растот се очекува постепено да се приближува кон 3,5 отсто на среден рок.
Во делот на креирањето работни места и зајакнување на институциите, ММФ оценува дека стапката на невработеност уште е висока и изнесува 21 отсто, што се должи на недостигот на вештини како одраз на слабиот квалитет на образованието, неразвиеното стручно образование и емиграцијата на работна сила, се сржта на високата невработеност, од кои 80 отсто се долгорочни. Мисијата порачува дека е потребна повеќестрана политика за справување со слабостите на пазарот на труд и зголемување на растот на продуктивноста. Се додава дека реформите за зајакнување на управувањето, владеењето на правото и судскиот систем придонесуваат за подобрување на инвестициската клима и поддршка на поголема конвергенција на доходот.
Во делот на фискалната политика, според заклучоците, јавните финансии ослабеле во изминатата деценија ограничувајќи го просторот за политиките за спречување шокови. Како оценка за предлог-буџетот, мисијата на ММФ смета дека предлог-буџетот за 2019 година има јасна намера да одговори на одржливоста на пензиите, промовирање на социјалната еднаквост и поддршка на вработувањето.
Мисијата дополнува дека неодамнешните реформи за зајакнување на управувањето со јавното финансирање и зголемување на фискалната транспарентност се охрабрувачки и треба да продолжат. Монетарната политика е соодветно приспособлива, а банкарскиот систем останува здрав, но ризиците треба внимателно да се следат со оглед на основните структурни слабости. Порачуваат дека е важно понатамошно зајакнување на рамката за финансиска стабилност. Напорите за подобрување на ефикасноста на финансискиот сектор и за продлабочување на инклузивноста бараат активности на повеќе фронтови.
Завршната изјава ги опишува првичните наоди на членовите на мисијата на ММФ на крајот од официјална посета (или мисија) во повеќето случаи за една земја членка. Мисии се преземаат како дел од редовните (обично годишни) консултации според член 4 од Статутот на ММФ, во контекст на барањето да се користат ресурсите на ММФ (заеми од ММФ) како дел од дискусиите на програмите за набљудување или како дел од друг мониторинг на економскиот развој. Врз основа на првичните наоди на оваа мисија, вработените во ММФ ќе подготват извештај, кој е предмет на одобрување од страна на менаџментот, што ќе му биде претставен на извршниот одбор на ММФ за дискусија и одлучување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Скопје го предводи порастот на хипотеки – над 1.500 впишани за три месеци
Во периодот април – јуни годинава се запишани 2.876 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 551.537.664 евра и 8.319.220.917 денари, покажува Извештајот за работата на Агенцијата за катастар на недвижност за вториот квартал годинава.
Од април до јуни годинава во Центарот за катастар на недвижности Скопје се впишани 1 522 хипотеки во вредност од 289.526.966 евра и 4.999.018.379 денари, а во 29-те одделенија на катастарот низ државава 1 354 со вредност од 262.010.698 евра и 3.320.202.538.
Хипотеките во вториот квартал се за 280 повеќе во однос на тие во првиот квартал 2025-та кога биле впишани 2.596 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари.
Статистиката на АКН покажува зголемување на бројот на хипотеки во изминатите неколку години. Минатата година, во периодот јануари – декември се запишани 8.748 товари врз недвижностите со вкупна вредност од 1.719.022.360 евра и 15.161.817.874 денари, а во 2023 година 7.844 со вредност од 1.572.943.764 евра, 11.585.447.070 денари, 77.983.115 швајцарски франкови и 108.772 американски долари. Во 2022 година, пак, се регистрирани 7.658 товари врз недвижностите во вредност од 1.549.977.309 евра, 9.452.669.859 денари и 20.000 американски долари, а во 2021 8.386 и со вкупна вредност од 1.997.252.023 евра и 15.824.963.591 денар.
Во базата на Регистарот на цени и закупнини во третиот квартал годинава се внесени 6.135 купопродажби на недвижности (збир од вкупниот број на продажби, продажби на лицитација, продажби од инвеститор и откуп од Република Северна Македонија), за 580 повеќе во однос на претходниот квартал, кога биле регистрирани 5.388.
Според последните податоци на Народната банка, во септември годинава, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 проценти и 1,6 проценти, соодветно, при годишен раст од 10,2 проценти и 16,1 процент соодветно.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.

