Економија
(Видео) Анѓушев и Бектеши на Виенскиот економски форум: Регионалната економска област ќе ги заживее економиите на сите држави од Западен Балкан

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваа на јубилејниот 15-ти Виенски економски форум „Дијалог за иднината 2018 – Економијата се среќава со политиката“, кој денеска се одржува во Виена, Австрија.
Во фокусот на дискусијата на Виенскиот економски форум е важноста на регионалната соработка во процесот на ЕУ-интеграциите на земјите од Западен Балкан, преку процесите на дигитализација, поврзување и иницијативата за формирање регионална економска област како предуслов за интегрирање во единствениот европски пазар.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, на премиерскиот панел на тема „Регионалната соработка како дел од европските интеграции: Дигитализацијата – премостување на разликите и шанса за големи скокови“, потенцираше дека Виенскиот економски форум претставува добра шанса за дијалог на земјите од регионот, преку која треба да се интензивира и подобри меѓусебната економска соработка.
„Доколку сакаме да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, потребно е да ја развиеме економијата. За таа цел потребно е најпрво да ги средиме работите во нашата држава, а паралелно да работиме на градење подобра соработка со нашите соседи, за повисоко ниво на регионална соработка. Внатрешно, во државите, во насока на креирање подобра бизнис-клима треба да работиме на креирање програми за поддршка на стопанството, за поттикнување нови инвестиции. Но тоа не е доволно, доколку најпрвин не се обезбеди политичка стабилност на земјата и не се обезбеди соодветно ниво на владеењето на правото“, нагласи вицепремиерот.
Вицепремиерот Анѓушев дополни дека Владата на Република Македонија веќе година и половина спроведува активности преку кои се зајакнува стабилноста и сигурноста на земјата и се разрешуваат децениски проблеми со соседите, а кои се во насока на интеграции на земјата во Европската Унија и НАТО. Тој подвлече дека во изминатиот период се потпишаа договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија и договорот со Република Грција, со кои се надминуваат разликите кои постоеја помеѓу Република Македонија и овие две соседни земји.
„До крајот на јануари 2019 година парламентот би требало да ги усвои предлозите за уставни измени, по што ќе се исполнат сите услови за да го продолжиме непречено нашиот пат кон евро-атлантските интеграции. Создадовме низа мерки преку кои се овозможува поддршка за странски, но и за домашни инвестиции. Исто така, преку средства од буџетот обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија и за стартап-компаниите. Овој сет мерки веќе дава резултати, во изминатиот период потпишани се нови дваесетина договори со странски компании, а нивото на странски инвестиции во првата половина од годината е рекордно“, дополни Анѓушев.
Тој потенцираше дека повисокото ниво на регионална соработка, не само декларативна, туку реална, ќе придонесе за побрз економски развој, но и за одржливост не економиите на земјите во регионот.
„Можеме да креираме какви сакаме мерки за поддршка или да потрошиме десетици, стотици милиони за подобро поврзување меѓу нашите земји, за да го скусиме времето за патување, но сето тоа нема смисла доколку стоката на границите стои со часови. Треба заеднички сите недвосмислено да седнеме и да покажеме дека сакаме повисоко ниво на соработка и да се ослободиме од непотребните административни бариери, за подобра економија на секоја од земјите, но и подобар живот на нашите граѓани“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, се обрати на министерскиот панел на кој свои обраќање има министри од Владите на Албанија, Романија, Словенија и Бугарија.
„Очекуваме во парламентот да се усвојат уставните измени и да продолжат интеграциите на Република Македонија во ЕУ И НАТО. На економски план донесовме нов закон за поддршка на инвестициите, ги изедначивме условите за инвестирање на домашните и странските компании. Фокусирани сме на поддршка на малите и средни претпријатија. Одвоивме значајни средства да ја поттикнеме иновативноста и да ги отвориме шансите за работа и успех на младите луѓе во Македонија“, соопшти министерот Бектеши и ги презентираше проектите на кои Република Македонија работи на поврзување на земјата преку енергетска, патна и железничка инфраструктура со соседните земји.
Во тек на одржувањето на Виенскиот економски форум, вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши дадоа кратки изјави за медиумите. Вицепремиерот Анѓушев даде краток осврт од средбата со канцеларот Курц, комесарите на Европската комисија, Хан и Габриел и лидерите на Западен Балкан, оценувајќи ја како важна за градење добрососедски политики, за надминување на билатералните проблеми и економско поврзување на земјите од регионот како важен предуслов за обезбедување подобар животен стандард за граѓаните.
„Агендата за формирање регионална економска област ќе придонесе за заживување на економиите на сите држави од регионот. Добивме поддршка дека Република Македонија е на добар пат да ги оствари своите амбиции да биде дел од евро-атлантското семејство на народи“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Министерот Бектеши во својата изјава ја потенцираше важноста на регионалната соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и во таа насока рече дека Владата на Република Македонија преку владините политики и мерки настојува да се соработува и да работи на поврзување со соседните земји на најдобар можен начин.
„Ја потенцирав важноста на повеќегодишниот акциски план којшто произлегува од Берлинскиот процес. Ние веќе преземавме неколку мерки коишто се во согласност со ЦЕФТА со протоколите 5,6 и 7. Република Македонија во тој поглед е подготвена. Со Србија почнавме да воспоставуваме заеднички гранични премини и да ја зголемуваме трговијата помеѓу нашите две држави, а од почетокот на наредната година тоа ќе го направиме и со Албанија“, нагласи министерот Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски од Штип: Инвестираме дополнителни 70 милиони денари поддршка за инфраструктура

Силна подршка за општините и дополнителни инвестиции во локалната инфраструктура, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при работната посета на општина Штип.
Тој истакна дека покрај владината директна финансиска подршка за проекти, дополнително Министерството за транспорт инвестира во нови проекти за подобрување на квалитетот на живот за граѓаните во општините.
„Ќе продолжиме со сериозна подршка на градоначалниците и општините, надвор од оваа регуларна подршка, која веќе станува регуларна секоја година од буџетот, веќе втора година. За општина Штип инвестираме дополнително некаде околу 70 милиони денари за водоводни и канализациони системи. Да најавам дека оваа година ќе имаме уште една таква активност, како дополнителна подршка. Тоа е едната работа што сакам да ја најавам. Втората работа е тоа што заедно со градоначалникот работиме и во финална фаза сме во изработка на ДУП за бањата Кежовица која треба да отвори многу перспективи за развој на туризмот пред се за банскиот туризам и исто така една убава викенд населба која што ќе значи план за целиот источен дел на државата“, рече Николоски.
Додаде дека се инвестира и во проектот браната на река Отиња, која треба да е нова туристичка атракција.
„Обезбедивме дополнителни 145 милиони денари, се реализира во моментов и очекувам во текот на следната година да заврши, да почне да се полни со вода и летото 2027 година да направиме сефте на езерото и во делот на трузмот и во делот на наводнувањето. Ќе продолжиме со подршката, Штип е еден од најголемите приортети, секако и другите општини, како и општина Крабинци која гравитира кон Штип, ќе продлжиме заедно со градоначалниците да работиме”, истакна вицепремиерот Александар Николоски.
Економија
Мицкоски: Исплатени се околу 50 милиони денари на оризопроизводителите

Јас нема да ги коментирам нападите на опозицијата. Мислам дека или не се информирани, или ја грешат темата. Веќе е исплатена онаа интервентна исплата до оризопроизводителите од околу 50-тина милиони денари изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека се обезбедени и околу 135 милиони денари за обнова на системите за наводнување за овој регион.
„Оризот стана стратешка култура и ќе биде дел од стоковите резерви. Така што тоа што ние го направивме за неколку месеци, тие седум години не ни помислија да го прават за земјоделците, а најмалку за оризопроизводителите. Се сеќавате на министерот за земјоделие, кога им ветуваше, посебно на оризопроизводителите, за жал не само што не го испорача, туку дополнително ги уништи“, одговори на новинарско прашање Мицкоски, за забелешките од СДСМ, дека не се помага на оризопроизводителите.
Премиерот рече дека Владата се бори за земјоделците и во таа насока ќе продолжи да работи.
„Денеска каде и да одите, дали во Тиквешијата, дали ќе одите во Пелагонија кај тутунарите, дали во струмичко кај раноградинарските производи и зелката, ќе видите дека имаме историски цени и историска наплата. Зошто? Затоа што оваа Влада се бори за земјоделците, а не е ортак со откупувачите. И така и ќе продолжиме“, објасни Мицкоски.
Економија
Поевтинуваат дизелот и бензините

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1 денар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,113 ден/кг и сега ќе изнесува 36,042 ден/кг.
Од 06.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,042 (денари/килограм)