Македонија
Бесплатни прегледи за мерење на дишната функција во „Капитол мол“

Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје и Здружението на пневмофтизиолозите за граѓаните, денеска организираат бесплатни прегледи за мерење на дишната функција на Светскиот ден за хронична опструктивна белодробна болест – ХОББ, 21 ноември, кој се одбележува под мотото ,,Никогаш не е прерано, никогаш не е предоцна”.
Прегледите ќе се изведат од 11:00 до 14:00 часот во трговскиот центар „Капитол мол“ во скопската населба Аеродром.
„Овој настан е од особена важност за да се испрати порака до населението на Република Македонија за важноста на препознавањето на оваа болест. Навременото дијагностицирање и правилното лекување на оваа болест ќе го подобрат квалитетот на живот и животниот век на лицата кои страдаат од ХОББ“, велат од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и од Здружението на пневмофтизиолозите на Македонија
Тие додаваат дека еден од најголемите ризик-фактори за појава на ХОББ е пушењето, но дека поради разни причини, како начин на живеење или самата средина, препорачливо е сите кои се во можност да се проверат на бесплатните прегледи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минатата недела санкционирани се 𝟣𝟢𝟥 непрописно паркирани возила на територија на општина центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 10.08.2025 до 17.08.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 103 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците“, се наведува во соопштението на ПОЦ.
Македонија
Постапка против осум лица за масовна тепачка во Скопје: фрактура на черепот со крварење на мозокот, скршена долна вилица

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум лица заради учество во масовна тепачка на улицата „Славеј Планина”, од кои едно се товари за обид да изврши кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19, едно за нанесување тешка телесна повреда што е казниво според член 131 став 1, додека шест се осомничени за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.
До тепачката дошло поради нерасчистени семејни односи меѓу две групи. За обид за убиство е осомничено лице кое во тепачката користело дрвена даска со која тешко повредил едно лице од спротивставениот табор, нанесувајќи му фрактура на черепот со крварење на мозокот. Друг осомничен нанел тешка телесна повреда – скршена долна вилица, удирајќи со тупаници еден од останатите учесници во инцидентот. Сите останати се осомничени за учество во тепачката, која се случила на 16 август.
За осомничениот за обид за убиство, ценејќи ги сите околности под кои тој ги извршил дејствијата и фактот дека станува збор за млада личност која тукушто наполнила 18 години, но кај која сепак постои ризик од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото, јавниот обвинител предложи мерка куќен притвор. За останатите учесници во кривично-правниот настан предложени се мерки на претпазливост.
Македонија
Променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15 l/m²) и услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.