Свет
Депортациите во Авганистан продолжуваат и по масовниот протест во Шведска

Речиси десет одбиени авганистански баратели на азил беа транспортирани до аеродромот во Стокхолм за депортација во понеделникот вечерта по масовниот протест пред притворскиот центар за миграција, пренесува „Локал“. Портпаролот на полицијата потврди дека авганистанските граѓани биле однесени со автобус од центарот за притвор во Марста, северно од Стокхолм, до аеродромот „Арланда“ во Стокхолм.
Портпаролот рече дека трансферот се одвивал релативно мирно иако мал број, речиси 100 демонстранти, биле отстранети од местото на настанот.
Првичните извештаи од активистите велат дека 48 лица требало да бидат депортирани во понеделникот вечерта, но само 10-ина лица биле во автобусот. Не е познато дали други луѓе биле однесени на аеродромот од центарот, но честа појава се практичните пречки за депортација во последен момент, што значи дека планираните депортации не секогаш одат според планот.
Депортацијата требаше да биде извршена со чартер-авион до Кабул, информира мрежата „Младите во Шведска“, која водеше кампања против принудните депортации во земјата за која се тврди дека не е безбедна.
Активистите спроведоа кампања против континуираните депортации на Авганистанци последнава година вклучувајќи ги и претходните протести на аеродромите во Шведска. Шведското МНР контунирано ги предупредува граѓаните да ги избегнат сите патувања во Авганистан поради безбедносната ситуација, но Агенцијата за миграции тврди дека делови од земјата, вклучувајќи го и главниот град Кабул, се доволно безбедни за барателите на азил да бидат вратени таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Албанија чекор поблиску до ЕУ: отвори нов кластер

Албанија го отвори петтиот од вкупно шест кластери во преговорите за пристапување во ЕУ.
Ова е кластер 4, кој се однесува на зелената агенда и одржливата поврзаност и вклучува четири поглавја од преговорите: транспорт (14), енергетика (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
„Албанија врши импресивна работа. Доколку продолжи со ова темпо, ќе ги отвори сите кластери оваа година“, изјави комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
Албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференција изјави дека ЕУ е „империја“ на која Албанија сака да ѝ припаѓа.
„Денес отворивме уште еден кластер, петти за 11 месеци. Мислам дека е рекорд. Сакаме да го отвориме последниот кластер до крајот на годината, знам дека е амбициозно, но се надевам дека ќе успееме“, рече Рама.
Тој додаде дека сè уште има многу предизвици и напори пред Албанија, но дека нема друг начин.
„Конечно, за прв пат во историјата, можеме слободно да избереме со кого сакаме да се венчаме. Во минатото, бевме принудени да се венчаме со други империи, но ова е империјата од која сакаме да бидеме дел.“ Империја на вредности, права и безбедност во која нашите граѓани ќе бидат убедени дека нивната слобода и права нема да бидат одземени“, рече Рама.
„Знам дека реформите што ги бараме од земјите-кандидатки понекогаш не се лесни и бараат фундаментални промени, но Албанија покажа дека позитивните промени се можни и дека ЕУ ги наградува“, рече Кос.
Европската комесарка ги пофали албанските власти за реформите спроведени во последните години, додавајќи дека не е лесно да се отворат кластери, но дека е уште потешко да се затворат поглавјата и дека Албанија мора да продолжи да спроведува реформи, особено во областите на судските реформи, борбата против корупцијата, правата на малцинствата и слободата на медиумите.
Кос изјави дека целта на албанската влада е да ги заврши преговорите во техничкиот дел до крајот на 2027 година и дека Европската унија ја поддржува таа визија.
„Нема сомнение дека иднината на Албанија е во ЕУ, а денес сме еден чекор поблиску до таа цел“, рече Кос.
Пред почетокот на меѓувладината конференција, таа рече дека постојат разлики меѓу земјите-кандидатки и дека една од најголемите улоги во процесот на пристапување ја игра раководството на земјата.
„Ако раководството покаже проевропска ориентација, тогаш граѓаните имаат чувство дека земјата оди во вистинската насока“, рече Кос.
Данската министерка за европски прашања, Мари Бјере, чија земја претседава со ЕУ, рече дека отворањето на уште еден кластер во преговорите за пристапување на Албанија е значаен чекор и покажува дека вистинските реформи носат вистински резултати.
„Со текот на годините, Албанија вложи големи напори во реформирањето на судството, борбата против корупцијата и хармонизирањето со надворешната политика на ЕУ. Покажа дека јасно ја гледа својата иднина во Европа, произведува резултати и заслужува признание“, рече Бјере.
Таа додаде дека данското претседателство со ЕУ ќе продолжи да работи на процесот на проширување, кој стана геополитичка неопходност по руската инвазија на Украина.
„Мораме да продолжиме со проширувањето за посилна и побезбедна ЕУ и затоа проширувањето е приоритет на данското претседателство“, рече Бјере.
Фото: принтскрин
Свет
Лавров: Русија постепено се оддалечува од терминот непријателски земји

Русија постепено се оддалечува од терминот непријателски земји, постојат само земји со влади што не се пријателски настроени кон Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
„Постепено се оддалечуваме од терминот непријателска земја, иако тој останува во законодавството“, објави Лавров на прес-конференција посветена на подготовките за „Интервижн“, пренесува ТАСС.
Лавров одговори дека Русија нема непријателски земји, туку дека постојат само земји што „имаат непријателска влада во однос на Руската Федерација“.
Фото: принтскрин
Свет
Затворени плажи во Хургада поради појава на ајкули

Неколку плажи во египетските одморалишта Хургада и Макади беа затворени во последните денови кога беа забележани ајкули во близина на брегот. Ова го објавуваат локалните медиуми.
Според туристите, неколку хотели одлучиле да ги затворат своите плажи како мерка на претпазливост, а некои од нив во меѓувреме се отвориле повторно.
Како што објавуваат медиумите, експертите предупредуваат дека видови, како што се тигрестите и леопардските ајкули, кои се сметаат за особено опасни за луѓето, може да се појават во Црвеното Море. Поради оваа причина, се препорачува да се биде дополнително внимателен и да се почитуваат сите мерки пропишани од одморалиштата и од службите за спасување, според написите.
Фото: принтскрин