Македонија
(Видео) Шекеринска во Кабул ги посети македонските мировници одговорни за безбедноста на главната команда на мисијата „Одлучна поддршка“
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ја продолжи својата посета на македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан со посета на македонските мировници кои се одговорни за безбедноста на главната команда на оваа мисија, сместена во Кабул.
„Вашите вештини, вашите способности и примерот кој досега го давале вашите колеги, а сега и вие, е причината зошто толку години македонскиот контингент во главната команда е задолжен со оваа тешка и одговорна задача – безбедноста на командата“, им порача министерката Шекеринска на македонските мировници.
Шекеринска додаде дека Македонија и АРМ се гордеат со своите мировници, и дека на крајот на ротацијата ги очекува сите, здрави и живи, побогати за едно ново големо искуство, назад во Македонија. Таа исто така изјави и дека земјата која ја напуштија пред неколку месеци се движи во вистинска насока, кон процесот на ратификација на протоколот за пристапување кон НАТО.
„Македонија ќе биде на масата на која НАТО ги носи одлуките, верувајте дека ваша е најголемата заслуга и ваш е најголемиот придонес“, рече министерката.

Во командата на мисијата, Шекеринска имаше средби со командантот на „Одлучна поддршка“, американскиот генерал Остин Скот Милер и со највисокиот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, Корнелиус Цимерман.
„Македонија е посветена на воспоставувањето на демократските вредности на глобално ниво и затоа ние ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на НАТО за подобар живот на граѓаните на Авганистан“, рече министерката на средбата. Таа додаде дека зголемувањето на македонскиот контингент во „Одлучна поддршка“ за 20 % оваа година е доказ за владината определба за придонес во поддршката на мирот.

„НАТО-Алијансата оддаде признание на оваа посветеност, како и на новите политики во Македонија и на Самитот во Брисел ја покани нашата држава да биде 30-та земја членка“, рече Шекеринска.
Паралелно со зацврстувањето на демократските вредности, владеењето на правото и слободите во Македонија, интензивно се работи и на развојот на Армијата на Република Македонија, додаде министерката и информираше за зголемувањето на буџетот во одбраната и преземената обврска за негов континуиран раст до нивото од 2% од бруто домашниот производ.

Генералот Милер се заблагодари за учеството на македонските војници во мисиите на НАТО во Авганистан и истакна дека мировниците на АРМ се храбри, одлучни и професионални војници кои стојат рамо до рамо со сите сојузници. АРМ покажа дека го има капацитетот да биде Армија на земја членка на НАТО, рече Милер.
Највисокиот цивилен претставник на НАТО, Цимерман, пак, рече дека придонесот на македонските мировници во Авганистан е високо ценет и изрази надеж дека Македонија ќе и се приклучи на Алијансата како нејзина 30 земја-членка.

Ова е прва посета на министер за одбрана на мировниците од АРМ од 2013 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)

