Македонија
(Видео) Арсовски: Секое просечно четиричлено семејство од вчера е задолжено со 200 евра

Неспособната Влада на Заев и министерот за задолжување, Тевдовски, вчера направија нов долг од 98 милиони евра. Ова значи дека секој човек во Македонија од вчера е задолжен со 50 евра, а секое просечно четиричлено семејство е задолжено со 200 евра, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, толку од животот што го ветуваа СДСМ, Заев и Тевдовски пред две години. Сега веќе и стравот дека јавниот долг во 2019 ќе биде 54,2 отсто од БДП со нови 600 милиони евра нов долг почнува да изгледа оптимистичко сценарио.
„Сите психолошки бариери оваа власт ги сруши, а ако се земе предвид дека целата економија крахира и тоне, прогнозите се сè поцрни и поцрни. Годината, според меѓународните финансиски институции, ќе ја завршиме со рекордно најнизок раст во регионот и во Европа. Граѓаните, освен со нови долгови, кои речиси на неделна основа им ги товари Владата на Зоран Заев, ќе бидат натоварени и со зголемени даноци, зголемени акцизи, инфлација на цени, зголемена сиромаштија и пад на стандардот кај граѓаните.
Станува јасно дека со оваа власт граѓаните ќе се поделат на две социјални категории – во едната ќе бидат членовите на криминалниот картел на власт, кои се богатат и се блиски до Зоран Заев и СДСМ, а во втората сите други граѓани, вклучувајќи пензионери, работници, млади и сите останати. Оваа власт колку подолго се задржи, толку поголеми последици ќе остави во животот на граѓаните. Тие немаат апсолутно никаква визија, знаење и капацитет да ја подобрат економијата во Република Македонија. Нивниот принцип е купи ден – помини, ама, за жал, тоа го прават со кредити и секој нивен ден на власт граѓаните многу скапо го плаќаат во моментот, но и допрва скапо ќе ги плаќаат каматите во иднина. Што побргу си заминат, толку подобро за Македонија и толку побргу Република Македонија ќе тргне напред!“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.