Економија
Втор парламентарен форум за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност и клима
По забележаниот успех на првиот парламентарен форум за Југоисточна Европа на тема енергетска ефикасност (ЕЕ) и клима, кој се одржа во декември 2017 година, во Енергетската заедница во Виена, Отворениот регионален фонд на GIZ за Југоисточна Европа – Енергетска ефикасност (ORF-EE) организира уште еден на 27 ноември во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
Форумот ќе се одржи веднаш по парламентарниот пленум на Енергетската заедница.
Фокусот на годинешниот форум се најдобрите парламентарни практики за енергетска ефикасност во Југоисточна Европа (ЈИЕ) и креирањето политики за намалување на енергетската сиромаштија во регионот. Настанот треба да претставува платформа за размена на знаење и најдобри практики меѓу претставниците на парламентите од ЈИЕ, вклучувајќи ја и Македонија. На настанот ќе присуствуваат претставници од парламентите, односните министерствата и организациите од граѓанското општество – факултети за политички студии од сите шест земји од ЈИЕ.
Настанот ќе го отворат Хари Локвенец, претседавач на Комисијата за одбрана и член на Комисијата за економија во Македонија, и Давид Оберхубер, директор на GIZ за Македонија и Косово. По презентацијата за енергетска сиромаштија во ЈИЕ на хрватската експертка, Славица Робиќ, ќе следуваат неколку презентации, меѓу другите и тематска дискусија за релевантните практики и искуства во секторот на албанскиот парламент, со осврт на законите во областа на ЕЕ, која ќе ја води Едуард Шалси, претседавач на Комисијата за производни дејности, трговија и животна средина на Албанија.
Партиципативниот пристап во подготовката на новиот закон за ЕЕ во Косово ќе го претстави Сала Бериша-Шала, претседавач на Комисијата за економски развој, инфраструктура, трговија, индустрија и регионален развој на Косово.
Презентација за организацијата и спроведувањето консултативни парламентарни седници како партиципативен демократски инструмент во црногорскиот парламент, каде што спроведувањето на односните политики во секторот за ЕЕ во минатите години беше поддржан од ORF-EE. Претставниците од црногорскиот парламент ќе имаат можност да ја објаснат ефективноста на инструментот во следењето на имплементацијата на политиката за ЕЕ во нивната земја, како и во подобрувањето на секторските политики.
Форумот ќе заврши со презентацијата од договорните страни на Енергетската заедница за Западен Балкан за спроведувањето на политиката за ЕЕ со препораки за дефинирање остварлива улога на парламентите од ЈИЕ.
Во последните години, со поддршката на ORF-EE, спроведени се неколку дополнителни активности во насока на зајакнување на капацитетите на парламентарците од ЈИЕ и во насока на градење политичка волја за реформи во секторот. Некои од нив, само во последната година, вклучуваат студиско патување на парламентарците од регионот во германскиот парламент во Берлин, вклучувајќи го и EUREF-Campus и неколку експертски тела што работат во областа на ЕЕ и климатска заштита, како и голем број активности во парламентите на партнерските земји од ЈИЕ.
Форумот се организира како дел од иницијативата за јавен дијалог за одржливо користење на енергијата во ЈИЕ (ИЈД), која ја реализира Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ), преку регионалниот проект ORF-EE.
ORF-EE го финансира германското сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Реплек“ пробива на строгиот британски пазар: Реконазол, прв лек на компанијата регистриран во Обединетото Кралство
Значаен успех на „Реплек“ во пробивањето на портфолиото на компанијата на строгите странски пазари. Со регистрацијата на Реконазол, производ за третман на дерматолошки состојби во Обединетото Кралство, „Реплек“ го направи својот прв важен чекор за пласман на британскиот пазар. Одобрението за Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е издадено од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), регулаторно тело на Обединетото Кралство кое се смета за еден од најригорозните системи во светот во делот на оценка на квалитетот, безбедноста и ефикасноста на лековите. Регистрацијата е потврда дека овој лек на „Реплек“, како и производствените процеси на компанијата, ги исполнуваат највисоките меѓународни регулаторни стандарди.
Оваа регистрација ќе важи пет години, а првиот извоз ќе се реализира преку локален партнер кон крајот на овој месец. Реконазол (ketoconazole) 2% шампон е наменет за превенција и третман на инфекции предизвикани од габата Mallassezia, вклучувајќи состојби како првут, себороичен дерматитис и tinea versicolor.
„Регистрацијата на Реконазол во Обединетото Кралство е важна пресвртница за компанијата и јасна потврда за квалитетот, стручноста и зрелоста на нашите производствени и контролни процеси. ‚Реплек’ има развоен, регулаторен и тим за контрола на квалитетот способни да подготват технички документации, клинички податоци, извештаи за усогласеност со добра производствена и добра лабораториска пракса, како и квалитетни системи споредливи со меѓународни стандарди. Фактот што овој наш производ успешно ја помина строгата евалуација на MHRA дополнително ја засилува довербата во компанијата, и од пациентите, и од нашите партнери. Регистрацијата на лекот е дел од нашата долгорочна стратегија за одржлив раст и континуирано зајакнување на присуството на развиените западни пазари“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Британскиот пазар е многу значаен глобален пазар, кој има јасни регулаторни барања и висока куповна моќ. Регистрацијата на медицински производ во Обединетото Кралство значи дека тој успешно ја поминал оваа ревизија, што ќе отвори врата и за настап на други развиени пазари во Западна Европа. Ова е уште еден доказ дека „Реплек“ располага со високоразвиени системи за контрола на квалитетот, способни да одговорат на барањата и на најпребирливите пазари. Регистрацијата на лек во Обединетото Кралство е силна референца која ја зголемува довербата и кај идните потенцијални партнери и дистрибутери, како и основа за натамошно ширење на портфолиото на меѓународните пазари. Со ова одобрение „Реплек“ уште посилно ја зацврстува својата позиција како сигурен и кредибилен фармацевтски производител, способен да одговори на највисоките регулаторни барања.
Неодамна „Реплек“ по петти пат го доби сертификатот EU GMP, потврдувајќи ја својата усогласеност со највисоките европски стандарди за добра производствена пракса, квалитет и безбедност. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
Дурмиши: Повремените и сезонски работници добиваат законска заштита
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес истакна дека Законот за работно ангажирање на лица, кој започна да се применува од 1 јануари 2026 година, претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот и формализацијата на сивата економија.
„Тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел имплементацијата на законот да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Формализацијата на сивата економија е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците“, нагласи министерот.
Министерството за економија и труд, како што појаснуваат од таму, досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажуваат дека дел од лицата остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа, како што велат, е донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во повременото и сезонското ангажирање на работна сила.
Законот воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем.
Во првата фаза, законот ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата. Очекувањата се за формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, што вкупно опфаќа околу 17.400 лица.
„Оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите. Работодавачите добиваат флексибилност и поедноставни административни постапки, а работниците добиваат исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права“, рече министерот.
Министерот Дурмиши упати посебна благодарност до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) за експертската и техничка поддршка, како и до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и сите други институции кои придонесоа во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.
Економија
Почна исплатата на „Мој ДДВ“, повик до граѓаните со погрешна сметка да ги ажурираат податоците
Управата за Јавни Приходи – УЈП ја почна исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година.
За К4 – 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
До денес, реализирани се 184,5 милиони денари, кон 104.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ.
Напомeна: во овој момент 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата.
„Апелираме Доколку немате добиено средства, проверете ги и ажурирајте ги податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ. На тој начин УЈП ќе има точни податоци за корисникот и ќе може да изврши исплата на поврат по основ на МојДДВ“, велат од УЈП.

