Македонија
Бесплатно тестирање за ХИВ во Скопје
Од денеска до 30 ноември, со мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ, кон која петти пат се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
ХЕРА е само една од над 600 организации од 53 европски држави што учествуваат во активностите на Европската недела на ХИВ-тестирање, со цел да ја подигнат свеста за придобивките од тестирањето за ХИВ. На тој начин информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе може да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат пристап до терапија, грижа и поддршка.
Денес, се претпоставува дека секое четврто лице во Европа што има ХИВ не си го знае својот ХИВ-позитивен статус. Половина, пак, од луѓето што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапија, грижа и поддршка.
Терапијата за ХИВ, која денес е достапна, овозможува луѓето да живеат квалитетно и долго доколку се дијагностицирани навремено. Луѓето што живеат со овој вирус имаат речиси изедначен животен век со лицата што немаат ХИВ доколку добиле навремен третман. Редовното земање на терапијата е и еден од најефективните начини на превенција на вирусот бидејќи луѓето што редовно примаат терапија, имаат ниво на вирусот што не се детектира, со што целосно се спречува преносот за ХИВ по сексуален начин, дури и доколку не се користи заштита, односно кондом. Затоа е толку важно навременото тестирање.
Во рамките на годинешната Европска недела на тестирање за ХИВ, во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно, ќе биде достапно бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ со брзи тестови, секој ден. од денеска до 30 ноември. од 17 до 21 часот. Од здружението ги охрабруваат граѓаните да го посетат центарот и да направат ХИВ-тест. За подетаљни информации, може да се јават на телефонскиот број 02/3176 950.
Дополнително, ХЕРА ќе спроведе кампања на социјалните медиуми, која ја поддржаа и јавни личности од земјата. Европската недела на тестирање за ХИВ се одржува во ноември, кој се одбележува како месец на машкото здравје, па со оваа кампања потсетуваме дека тестирањето за ХИВ е особено важно и е дел и од грижата за машкото здравје.
Дали треба да направат ХИВ-тест и други информации поврзани со ризикот од пренос и заштитата од ХИВ, граѓаните може да дознаат и на мобилната андроид-апликација „ХИВ-тест“. Преку неа може да се информираат за сите локации во земјата каде што може да се направи бесплатно и доверливо тестирање и советување за ХИВ. Апликацијата може бесплатно да се преземе на „Гугл плеј“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.
Македонија
Обвинение добија три лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Сиљановска Давкова учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар, кој под покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето. На настанот на претседателката и беше врачена благодарницата за нејзиниот придонес.
-Годинава, во раскошот на меѓународната разноликост, Дипломатскиот добротворен базар повторно беше место каде што солидарноста ги поврзува културите. Уживав во културното шаренило: во масичките преполни со уметнички предмети по коишто се препознаваат државите, во уникатните производи, во вкусната храна, но најмногу, во насмеаните детски лица, веселите луѓе и убавата музика. Благодарницата за мојот скромен придонес, од „Добредојде“ и Амбасадата на Австрија, ме потсети дека суштината на хуманоста најсилно се изразува кога е упатена кон децата. Импресивно е кога празничната магија добива длабока човечка димензија!, објави претседателката на Фејсбук.

Дипломатски хуманитарен базар, кој привлече голем број посетители, имаше за цел собирање средства за подобрување на хигиенските услови во две основни училишта, за сите ученици, вклучително и децата со попреченост.

На настанот беше посочено дека иницијативата е од исклучителна важност за заедницата и дека дипломатската заедница заеднички придонесува кон создавање на подобри и подостојни услови за развој на децата.

Голем број амбасади имаа свои штандови, каде што посетителите можеа да ги пробаат традиционалните јадења од различни земји, како и да купат автентични подароци, ракотворби, приврзоци и други уникатни предмети. Меѓу учесниците беа амбасадите на Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Јапонија, Кина, како и Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“.

