Македонија
(Видео) Андоновски: Шилегов ќе потроши 300 илјади евра за панаѓур на плоштадот
,,Градоначалникот Петре Шилегов очигледно нема никаков допир со реалноста.Додека Скопје се гуши во елементарни комунални проблеми, Шилегов планира да потроши 300 илјади евра за на плоштадот Македонија да направи панаѓур каде ќе се продава храна и пијалоци, со катчиња за игри и смеа.На граѓаните ниту им е дојдено до смеа, ниту до игра. Тие на избори бираа градоначалник, а не градски паљачо”, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за каква забавна програма на плоштадот се планирани стотици илјади евра кога граѓаните мака мачат да излезат од своите домови поради енормната загаденост на воздухот и проблемот со кучињата скитници.
,,После повеќе од една година власт, ги нема ветувањата на Шилегов за нови булевари, мостови, тунели, поголемо зеленило, почист воздух, асфалтирање на улици, водоводна, канализациона мрежа, подобар јавен превоз, инвестиции во средните училишта и уште десетици други. Сега програмата на Шилегов се сведе на журки за автобуска станица, панаѓури и скапа шминка. Само за споредба:За 300 илјади евра можат да се набават повеќе од 90 илјади маски за спречување на загадувањето кои можат да им се поделат на сите бебиња, деца и ученици во основните и средните училишта.
Со 300 илјади евра можат да се субвенционираат повеќе од 6000 граѓани за да купат велосипед.Или пак да се субвенционира набавката на повеќе од 1800 електрични тротинети.Со 300 илјади евра може да се зголеми фреквентноста на јавниот превоз. Шилегов наместо да се занимава со реалните проблеми на граѓаните ќе прави скапи импровизации за обид за игри и смеа. Со секој ден поминат како градоначалник, тој покажува дека е неспособен да се справува со вистинските проблеми на градот, за кои е избран од граѓаните. Затоа, ние ќе го потсетуваме се додека не започне да ги решава проблемите на Скопјани”, додаде Андоновски. .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Демократската партија на Турците ја поднесе кандидатурата за градоначалник на Центар Жупа
Демократската Партија на Турците на Македонија (ДПТМ) соопшти дека официјално ја поднела кандидатурата на Аријан Ибраим, за градоначалник на Општина Центар Жупа пред Државната изборна комисија, во пресрет на повторените локални избори што ќе се одржат на 11 јануари во четири општини.
Од партијата наведуваат дека Центар Жупа со години е средина во која вложуваат труд, доверба и посветеност, а кандидатот Аријан Ибраим, како што посочуваат, ја стекнал и зацврстил поддршката на граѓаните преку својата работа и пристап.
„Уверени сме дека и на овие избори ќе продолжиме по истиот пат, со истата одлучност и посветеност“, стои во соопштението. ДПТМ изразува очекување дека на 11 јануари ќе има поголема излезност и посилна поддршка, додавајќи дека веруваат во повторна победа на Центар Жупа.
Партијата му посакува успех на кандидатот и на општинската организација и наведува дека очекува голема победа постигната заедно со народот на Центар Жупа.
Македонија
Насилен упад во студиото на Инфомакс, ЗНМ бара најстрога санкција за напаѓачот
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
Според информациите од колегите од Инфомакс, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото.
Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.
Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент, како што велат од ЗНМ, претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Здружението бара најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
„Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок“, се додава.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници.
Фото: Pexels
Македонија
(Видео) Станкоска: Дали со еден стан Орце го реши проблемот на жените жртви на насилство?!
„Со отстапување на еден единствен стан од 30 м², кој наводно е „сè што градот има на располагање“ градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски „го реши“ проблемот со сместувањето на жртвите на семејно насилство. Оваа предлог-одлука предвидува токму тој мал, единствен стан да стане новиот простор за најранливите жени во градот“, велат од партијата Левица.
-Град Скопје нема извршено попис на сопствениот недвижен имот, не постои јасна евиденција што поседува градот, во каква состојба е имотот, колку објекти стојат празни, неискористени или пропаѓаат. А кога институцијата не знае што има, секогаш се прогласува дека „може“ само најмалку, на штета на најранливите, истакна Евгенија Станкоска, советничка од Левица и укажа дека вакво „решение“ е симптом на подлабок системски хаос.
Според неа понудениот стан не претставува решение за овој сериозен проблем, туку понижувачки и импровизиран обид да се создаде впечаток дека проблемот се решава. „Жртвите на семејно насилство не смеат да се третираат како ПР-позадина, туку како сериозна обврска која бара системски пристап и одговорно управување со градскиот имот.“
Во своето обраќање посочи и дека секоја година во Македонија стотици жени пријавуваат семејно насилство, а земјата веќе брои повеќе случаи на фемицид кои остануваат како траен доказ за институционалниот неуспех да се спречи ескалацијата на насилството.
„Во такви услови, Левица одамна предложи законски измени семејното насилство да се гони по службена должност, со што би се спречил притисокот врз жртвите да го повлекуваат пријавувањето и би се обезбедила проактивна државна заштита – но мнозинството во Собранието, предводено од ДПМНЕ, го одби овој предлог“, рече Станкоска и додаде дека токму ова одбивање е доказ дека властите не се подготвени за суштински мерки, туку остануваат на симболични гестови кои не ја менуваат реалноста на жените кои живеат под закана.

