Култура
Со предавањето на Алфредо Саад Фиљо завршува првиот дел на КРИК фестивал
Вечерва во 20,30 часот во МСУ, на програмата на КРИК фестивал за критичка култура, воведно предавање насловено „Кризата на неолиберализмот, кризата на демократијата“ ќе одржи Алфредо Саад Фиљо, професор по политичка економија на Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон.
Неолиберализмот е во криза. Финансискиот колапс од 2007/2008 беше привремено решен, создавањето светски финансиски меур се претвори во криза на демократијата, преку порастот на авторитарното наличје на неолиберализмот, кој зема замав во сé поголем број земји. Кога се на власт, авторитарните лидери постојано наметнуваат особено исклучувачка форма на неолиберализам, која им штети на сиромашните, ја промовира финансијализацијата и неолиберализацијата на секојдневниот живот и уште повеќе ги концентрира моќта, приходите и имотот.
Оваа сесија ќе ги испита корените на економската и политичката криза на неолиберализмот, фрактурите во глобалниот поредок, подемот на авторитарниот неолиберализам и можностите за левицата.
По предавањето, ќе се одржи разговор со професорот Алфредо Саад Фиљо и Бранимир Јовановиќ.
„Во рамки на КРИК секогаш настојуваме да излеземе од нашиот потесен фокус на културните и уметничките практики и да ги согледаме динамиките во поширокот општествен, политички и економски контекст. Општествената молекула е создадена од различните, взаемно поврзани атоми на дејствување, кои се во постојано преплетување, одбивање и привлекување.
Токму затоа, на последната вечер од првиот дел на КРИК 03, радосни сме да го објавиме предавањето на Алфредо Саад Фиљо, еден од водечките професори по политичка економија, чиј матичен универзитет повеќе од 15 години е Универзитетот СОАС (SOAS) во Лондон, каде што е и раководител на докторските студии.
Освен анализите во рамки на политичката екномија од марксистичка перспектива, тој длабко навлегува и во анализите на поврзаноста на авторитарните режими, новите фашизми, популизмот во корелација со кризата на демкоратијата заснована врз неолибералниот наратив“, вели Искра Гешоска, директорка на фестивалот.
Синоќешниот трет фестивалски ден беше посветен на Ангела Мелитопулос, уметничка од Германија, која предава на Кралската академија за ликовни уметности во Копенхаген, Данска.
Ангела Мелитополус е позната авторка, која се изразува преку видео инсталации, видео есеи, документарци и звучни дела, како и теоретски текстови. Нејзината работа ги истражува не-наративните својства на движечките слики, вметнувајќи ги во конструкти од политичка географија и нови архиви базирани на историјата на малцинствата, на пример, миграциони искуства, антикапиталистички движења и антифашистички отпори.
Таа претстави дел од нејзин видео есеј од 2002 година за автопатот „Братство единство“ во поранешна Југославија, односно за последиците на нејзиниот распад, во кој учества и професорот Небојша Вилиќ од Македонија.
Потоа, таа го претстави нејзиниот проект „Crossings“, со кој учествуваше на последното издание на Документа (2017), експериментална филмска медитација за кризата со мигрантите во Грција и како е таа поврзана со сложените реалности на делувањето на капиталот и искористувањето на ресурсите. Видео инсталацијата прикажува картографија на места, истории и сеќавања за да ја позиционира актуелната криза во подолгата историја на капиталистичко уништување што се пренесува насилно од тело на тело и од генерација на генерација.
„Повеќе се работи за следење на траги отколку за видео документирање, а кога се следат траги, тие треба и да се прочитаат и низ тој процес на прегледување, монтирање тоа станува процес на акција. Ако ве интересира мапирањето и односот кон пејсажот, се разбира, кој не ги исклучува луѓето, нужно ќе стигнете до прашањето на мигрантите. Автономијата на мигрантството се семта дека има политички потенцијал да ги смени политиките на државите, нешто што е надвор од контрола на државата“, вели Мелитополус.
Потоа следуваше и разговор помеѓу Ангела Мелитополус и Маурицио Лазарато, кој со свои теоретски текстови учествува во нејзините дела. Во овој дел тие се задржаа на важноста на микрополитиката, како значаен фактор и за иднината на светот.
„Иднината на светот ќе биде фашистичка, реакционерна и расистичка доколку не се направи поврзување помеѓу политиката и микрополитиките во заедниците“, реќе Лазарато. Со неговото предавање за политиките на задолжување и неофашистичкиот бран во светот беше отворено годинашното издание на фестивалот за критичка култура КРИК.
Синоќа во МСУ свој концерт имаше и грчката група „Millions of dead tourists“, кој познат и значаен дел од грката експериментална музичка сцена. Исто така, во текот на овие два дена се одржува работилница за критичко пишување во сферата на визуелните уметности „Јасно и гласно“.
Фестивалот КРИК на 7 декември продолжува со вториот блок програмски содржини.
КРИК – фестивал за критичка култура е отворе (Критика – Реакција – Идеја – Конфронтација) има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор.
КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.
КРИК – Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, n.b.k. Video-Forum од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија), Проектниот простор Прес ту егзит (Македонија).
Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Македонија, Фондација отворено општество – Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 – 2020.
Логистички партнери на фестивалот се: НУ Музеј на современа уметност – Скопје, Младински културен центар и порталот окно.мк Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа од Загреб и kuda.org од Нови Сад.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прилепскиот џез фестивал не доби финансиска поддршка од Министерството за култура, организаторите бараат објаснување
Здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП, организатор на фестивалот „Прилеп Џез викенд“ (Prilep Jazz Weekend), ја информира јавноста дека Министерство за култура одлучило да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.
Од здружението наведуваат дека по 14 години континуирана институционална поддршка, ваквата одлука не може и не смее да се третира како изолиран случај. Според нив, Prilep Jazz Weekend не е експериментален или привремен проект, туку фестивал со историја, публика, јасна програмска визија и препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната сцена во Прилеп и пошироко.
Во соопштението се поставуваат низа прашања до надлежните институции, меѓу кои дали културната политика на државата оди кон централизација и маргинализација на културните настани во помалите градови, дали континуитетот, квалитетот и публиката сè уште се релевантни критериуми при распределбата на јавни средства, како и дали комисиите што одлучуваат се навистина независни и стручни.
Од здружението оценуваат дека со вакви одлуки културата надвор од главниот град не се развива, туку, како што наведуваат, „се гаси тивко, без објаснување и без одговорност“. Тие додаваат дека ова не е само удар врз еден фестивал, туку порака до културните работници во внатрешноста дека нивниот долгогодишен труд и резултати лесно може да бидат игнорирани.
Во соопштението се нагласува дека Prilep Jazz Weekend ќе продолжи да постои благодарение на публиката, идејата и упорноста, но дека јавноста има право да знае зошто институциите се откажуваат од докажани културни вредности, особено оние што доаѓаат надвор од центарот.
Од Здружението бараат транспарентност, образложение и одговорност, порачувајќи дека културата не смее да биде жртва на молк, бирократија и селективна поддршка, туку право што мора да биде достапно насекаде.
Култура
„Ѕвездено арпежо“ со врвната харфистка Анлин Ленартс
Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Македонска филхармонија ќе одржи концерт насловен „Ѕвездено арпежо“ на кој како солистка ќе настапи Анлин Ленартс, водечка харфистка од Белгија, која во моментов работи во оркестарот на престижната Виенска филхармонија. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија. На програмата се „Горе и долу – три слики од Книга на промени“ од македонскиот композитор Владимир Николов, Концертот за харфа и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго и Симфонијата бр.5 од Лудвиг ван Бетовен.
Белгиската харфистка Анлин Ленартс е една од водечките солистки на својот инструмент. Во декември 2010 година е именувана за прва харфа на Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со бројни реномирани оркестри, меѓу кои Симфонискиот оркестар на Баварското радио, оркестарот „Моцартеум“, Брукнеровиот оркестар од Линц, Бриселската филхармонија и Националниот оркестар на Белгија. Своето солистичко деби го имала во престижни сали како Вигмор во Лондон, Карнеги хол во Њујорк, Берлинската филхармонија…, како и на престижни фестивали. Нејзините настапи се снимени од BBC Radio 3, Radio France Musique и Deutschlandfunk. Анлин има освоено 23 награди на меѓународни натпревари за харфа, меѓу кои првата награда на Grand Prix International Lily Laskine (2005) и Награда на публиката на ARD International Music Competition во Минхен. Таа има снимено повеќе албуми за Warner Classics, вклучувајќи и издание со дела од Нино Рота, кое во 2019 година ја доби наградата Opus Klassik. Истата година ја доби и наградата „Почести на фламанската заедница“ од Владата на Фландрија. Анлин Ленартс студирала во Брисел и во Париз, а магистерската диплома по харфа ја стекнала со највисоки одлични оценки. Денес таа предава на Универзитетот во Мастрихт и е член на наставниот кадар на Aspen Music Festival (САД).
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.

