Македонија
Судот да докаже дека Мијалков има 11 милиони евра, бараат неговите адвокати
Изречениот притвор за господинот Мијалков е политичко, а не правно решение. Не постои никаква основа за мерките на претпазливост да бидат укинати и заострени, бидејќи не е сменета ниту една околност во однос на моментот кога му се изречени, велат адвокатите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за притворот кој му го изрече судијката Џенета Бектовиќ, пред јавната седница во Апелацискиот суд во Скопје.
Според нив, аргументите на СЈО не соодветствуваат со реалноста и законот се крши по три основи кои, како што велат, ги потврдуваат сомненијата дека не станува збор за право и правда, туку за политика.
„Прво, спротивно на сите конвенции, господинот Мијалков и ние како негова одбрана воопшто не сме повикани да се произнесеме во однос на барањето на СЈО. Второ, нема ниту еден аргумент дека има некаква промена во околностите во однос на предметите кои се водат против господинот Мијалков. Трето, целосно се неосновани аргументите приложени во барањето на СЈО“, наведуваат адвокатите.
Одбраната на Мијалков најостро ги отфрла тврдењата на СЈО дека тој има каква било поврзаност со наводните 11 милиони евра за кои Обвинителството побара притвор, а судот го усвои предлогот.
„Одбраната бара Обвинителството и Судот јавно ги обелоденат наводните докази од причина што тврдиме дека такви не постојат и дека наводните трансакции немаат никаква поврзаност со господинот Мијалков. Исто така настрана од овие лажни тврдења, определениот притвор е незаконски поради фактот што господинот Мијалков повеќе од година ги почитува определените мерки на претпазливост, се јавува на сите покани од судот и обвинителството“, стои во реакцијата на одбраната.
Оттаму додаваат дека дента кога е лишен од слобода, Мијалков се јавил во СЈО на покана на Катица Јанева и ниту планирал ниту преземал дејствија за бегство.
„На крај целиот имот со кој располага господинот Мијалков е јавен, заведен во јавните книги во РМ и во странство, а на судот и на обвинителството тој имот им е познат и досега, но судот и обвинителството не го сметале како околност поради која Мијалков може да се даде во бегство. Единствена причина поради која му е изречен притворот е да се прикрие бегството на Н.Г. односно да се скрие неспособноста и непрофесионалноста на државните органи“, велат адвокатите на Мијалков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

