Европа
Украинскиот парламент ќе го разгледува барањето за воведување вонредна состојба
Украинскиот парламент денеска треба да го разгледа барањето на претседателот Петро Порошенко за воведување вонредна состојба.
Претходно Министерството за одбрана на Украина соопшти дека војската е во состојба на највисока борбена готовност, по одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина за воведување воена состојба во земјата, пренесува „Спутник“.
Претседателот на Украина, од друга страна, пак, побара од Русија веднаш да ги ослободи украинските морнари и бродови кои беа запленети во Црното Море.
Тензиите меѓу Русија и Украина се засилија по ситуацијата во Азовското Море. Бродови на руската крајбрежна стража запленија три воени украински брода во Црното Море кај Крим, кои се обиделе да преминат низ теснецот Керч. Руската страна употребила оружје за да ги принуди да запрат, а во инцидентот се ранети тројца украински војници, наведе Федералната служба за безбедност на Русија.
Украинската воена морнарица соопшти претходно дека испратила два мали артилериски брода и еден брод што се користи за влечење на други пловни објекти од Одеса кон Мариопуљ, за што е потребно да се помине низ Црното Море околу Крим низ теснецот Керч во Азовското Море.
Москва соопшти и дека над теснецот патролираат авиони Су-25. Поради ваквата состојба, Русија закажа вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации за 11 часот по локално време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

