Македонија
Иванов на Самитот Босфор: На Балканот е неопходна политичка, безбедносна и економска поврзаност
Политичката, безбедносната, економската, транспортната и дигиталната поврзаност се неопходни за нашите компании да бидат поконкурентни на глобалниот пазар, нашите држави поуспешни во создавањето услови за просперитет на младите, а нашите региони поатрактивни за директни странски инвестиции. А тоа е клучно за одржлив мир и развој за сите, рече претседателот Иванов во своето обраќање на отворањето на 9. Самит Босфор, што се одржува во Истанбул.
Осврнувајќи се на предизвиците со кои денес се соочуваат економиите, претседателот Иванов ги посочи малите пазари за големите компании.
„Како што границите на Балканот се разгрануваа, така граничните премини се мултиплицираа, а пазарите се ситнеа“, подвлече македонскиот претседател.
Вториот предизвик, според него, е големиот одлив на стручен кадар.
„Како држави ние успеавме да го затвориме балканскиот мигрантски коридор за илегалните мигранти. Но, никако да успееме да ја спречиме миграцијата на нашите млади. По сè изгледа дека илегалните мигранти и нашите млади имаат едно нешто заедничко, а тоа е нивната дестинација – најразвиените европски центри. Таму можат да ги реализираат своите бизнис-идеи и да ги остварат своите животни планови. Нашиот регион се празни. Си заминуваат оние кои со своите таленти, образование и вештини создаваат реална вредност. Цената ја плаќаат и државите и компаниите“, оцени македонскиот претседател.
Третиот голем предизвик, додаде претседателот Иванов, е застарениот начин на функционирање на дел од компаниите. Иако веќе сме во првиот век на третиот милениум, некои од компaниите во регионот сè уште функционираат според правилата од вториот милениум. Ризикуваат да станат некомпетентни, а со тоа и неконкурентни на глобалниот пазар.
Според македонскиот претседател, за да се надмине регионалната фрагментираност, неопходна е политичка и безбедносна поврзаност. За Балканот тоа подразбира членство во Европската Унија и во НАТО.
„Европската Унија беше најуспешен мировен проект што ги мобилизираше државите и општествата од Балканот. Ние доброволно се менуваме поради трансформирачката моќ на Унијата. Но, заморот од проширувањето кај нас создаде замор од чекање и наместо да се занимаваме со реформи, ние почнавме да се занимавме со самите себе. Затоа, неопходно е Европската Унија час поскоро да ги почне преговорите за членство со Република Македонија“, рече Иванов.
Говорејќи за предизвиците во регионот, претседателот Иванов оцени дека е потребна економска и транспортна поврзаност, како и дигитална трансформација на застареното функционирање.
Кога нашите држави и економии ќе се поврзат, тогаш нашиот регион ќе стане една економска зона, со многу повеќе можности за нашите млади кадри, рече македонскиот претседател. Тој додаде дека за рамноправно да се вклучиме во европскиот економски простор неопходно е да сме рамноправен дел и од европските и евроазиските патни, железнички и енергетски коридори.
Целта на Самитот Босфор, кој се одржува под покровителство на претседателот на Република Турција, е да обезбеди платформа за дијалог и да ја поттикнува економската соработка меѓу државите.
Во рамки на работната посета на Република Турција, претседателот Иванов ќе го посети градот Бурса, каде е предвидено да одржи предавање на Универзитетот „Улудаг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да ги објави документите или да одговори од каде 500 илјади долари за златна виза во Дубаи и инвестиции
Во свое појавување пред медиумите, Венко Филипче рече дека тој не бил бизнис партнер на Зоран Заев во градбата на висококатница во Дубаи. Но со тоа, пак, потврди дека Заев сепак таму гради зграда висока 42 ката, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку допис до медиумите.
„После оваа јавна потврда, во јавноста се јавуваат нови дилеми, на кои Филипче треба да даде одговори, како на пример, како дошол до златната виза за Дубаи.
Кога пред извесно време во јавноста се појави темата со златна виза на Филипче за Дубаи, тој се правдаше дека истата ја стекнал поради работен ангажман додека бил во напредни преговори и разговори со некоја тамошна болница.
Тој отиде до таму за што тврдеше и дека сето ова е така и со докази и документи ќе го докажел.
Доколку Филипче навистина бил на работа во Дубаи, договарал работа во некоја болница или што и да има измислено за оваа лага, бидејќи веќе ни тој самиот не се сеќава, нема да му биде проблем да ги покаже документите.
Но, до ден денес, Филипче не покажува документи за некаков договор или преговори за работена ангажман со некоја тамошна болница. Тоа е така, најверојатно, поради тоа што таквите документи, очигледно, ги нема.
Од друга страна имаме сведоштво на Тома Аврамски, поранешен соработник на Зоран Заев, кој рече дека ја видел 42-катницата која тој ја гради и дека бил во зградата во која Заев и Филипче имаат станови.
Но, Филипче како што не објави документи за разговори за работен ангажман, така не одговори дали има или нема стан во Дубаи и дали тоа е причината за добивање на златна виза.
Колку за потсетување на македонската јавност, за да се здобиете со златна виза, во Дубаи треба да се има минимум инвестиција од 500.000 долари, но до оваа сума на пари не се стигнува со докторска и пратеничка плата.
Затоа, Филипче да не молчи, кога веќе не објавува документи за наводен работен ангажман, туку да одговори дали златната виза е поради влог во Дубаи од минимум 500.000 долари и на кој начин ги има тој заработено овие пари?
А ваквото темно минато создадено од двоецот Заев-Филипче треба да остане таму кај што му е местото, во минатото, а не да сака да ја предводи иднината на државата“, се вели во соопштението.
Македонија
Сончево време со температура до 10 степени
Времето денес сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до повремено силен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
Македонија
СДСМ: Нема да нè замолчите, обидите за уривање на партијата одвнатре ќе бидат спречени
ВМРО активираше организирана и координирана операција за уривање на СДСМ одвнатре, тврди опозициската партија преку соопштение.
Целиот план, како што се додава, бил осмислен пред две недели, кога власта сфатила дека ја губи поддршката на граѓаните по сознанијата за мигранти за пари и по отворањето на криминално-корупциските афери на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Антикорупцискиот тим на СДСМ.
„Активностите на СДСМ ги принудија предвреме да го активираат овој план. ВМРО мислеше дека ќе нè ослабат и ќе нè замолчат, ама се излажаа. Првиот обид за дестабилизација беше целосно разоткриен и пропадна. Сега сме посилни.
Јован Деспотовски вчера не се ни обиде да ја демантира соработката со ВМРО, ниту пак координираните текстови со Героски туку објасни дека бил „умерен“ во предавството.
Сега на сите им е јасно кој внесуваше немир во нашите редови – ВМРО, и на сите им е јасно дека обидите за уривање на СДСМ ќе бидат спречени.
СДСМ секогаш била и сè уште е партија со дијалог во рамки на партијата, по тоа сме препознатливи, но нема да дозволиме сценарија на ВМРО за делење и уривање на СДСМ одвнатре.
Нема да нè замолчите. Нема да престанеме со објавувањето на криминалот и корупцијата.
Сите ќе одговарате!
Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.

