Македонија
За една година финансиска детектирала криминал тежок 100 милиони евра, обвинителството и судот немаат решено ниту еден случај
Управата за финансиска полиција за периодот од август минатата година до почетокот на ноември годинава има поднесено вкупно 57 кривични пријави против 128 лица за сторени 77 кривични дела. Според податоците што ги доби „Макфакс“ по барање на пристап до информации од јавен карактер, обвинителството оформило случај по сите предмети, но до денес во казнена постапка во судот се само две обвиненија. По кривичните пријави на Управата за финансиска полиција за различни сторени дела, излегува дека за една година се откриени проневери со кои државата е оштетена за близу 100 милиони евра или 6.089.789.949,00 денари.
Сепак, врз предметите од оваа фрапантна бројка на злоупотреби до кои дошле инспекторите од Управата на финансика полиција ниту еден случај не е решен од обвинителствата и судот.
Директорот на финансиската полиција, Арафат Муареми, по своето доаѓање на чело на оваа институција, во неколку наврати рече дека ќе стави крај на финансискиот криминал. Ова тврдење го поткрепува бројот на сработени случаи, меѓу кои неретко пријавите се и за поранешни функционери, градоначалници, директори на институции.
Според увидот во податоците на Управата за финансиска полиција, најмногу сторени кривични дела по кривичниот законик за финансиски криминал има: по 23 кривични пријави „за даночно затајување“ и „фалсификување или уништување на деловни книги“.
За „злоупотреба на службената положба и овластување“ се поднесени 5 кривични пријави, 2 се однесуваат на „фалсификување исправа“, исто толку за „измама“, и за ,,употреба на исправа со невистинита соддржина“.

По една кривична пријава има за „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, „бесправно градење“, „поднесување лажни докази“, „помагање на сторител по извршено кривично дело“, „затајување“, „измама на штета на Европската заедница“ и едно по „закон за ДДВ“.
Од овие предмети до Основното јавно обвинителство за истиот период завршиле 32 кривични пријави и за сите се оформен предмет. Од овие, за 3 предмети се води истражна постапка а за 25 се води предистражна постапка.
Четири од оформените предмети се отстапени на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„До надлежниот суд по спроведена предистражна постапка поднесени се два обвинителени предлога и два предлога за издавање на казнен налог. Додека кај другите предмети истрагата е во тек“, стои во официјалниот одговор на надлежните за информации од јавен карактер во ОЈО.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, пак, во периодот од август до крајот на минатата година година, од Управата за финансиска полиција добило 2 кривични пријави. Во 2018 година примени се девет кривични пријави, од кои еден предмет е отстапен на надлежно предметно постапување на друго основно јавно обвинителство, три предмети се во предистражно постапување, а пет се во фаза на истрага.
Од сите овие предмети, по завршена истрага поднесено е обвинение, односно по една кривична пријава против две лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Средбите со градоначалниците и советниците ми даваат јасна слика за потребите на општините
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински заедно со заменик министерот, Ерџан Селими остварија средба со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски и претставници на Советот на општината.
На средбата со градоначалникот Мицевски беше разгледана динамиката на спроведување на проектите одобрени во рамки на вториот јавен повик од потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините. Општина Сопиште, преку двата јавни повика, доби поддршка за 11 проекти, со вкупна вредност од 54.016.646 денари.
На средбата со советниците се разговараше за клучните активности на Министерството како и за воспоставениот Ресурсен центар за поддршка на општините.
„Во рамки на центарот веќе се подготвуваат неколку прирачници кои ќе им ја олеснат работата на новоизбраните градоначалници“, нагласи министерот.
Перински го презентираше Прирачникот „Патоказ за ефикасно локално управување“, изработен како едно од првите продукти на Ресурсниот центар. Документот е осмислен да им даде јасна поддршка на новите градоначалници во почетниот период од мандатот преку конкретни чекори, препораки и насоки за клучните процеси и додаде дека ќе биде доставен до сите градоначалници низ државата.
Nајави и дека е во тек развојот на дигитална алатка преку која општините ќе можат лесно и брзо да побараат поддршка, да преземат корисни документи за секојдневната работа, да се информираат за новитети од нивен интерес и директно да комуницираат со Министерството за локална самоуправа.
„Она што го презентираше министерот само ја потврдува вредноста на прирачникот како документ кој ќе ни ја олесни работата и ќе нè води низ процесите“, истакна Мицевски.
Македонија
Почна доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиона денари
Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на инвестиција вредна 42 милиони денари.
Проектот опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.
Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите.
Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.
„За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината“, рече Стојкоски.
Македонија
„Син ми многу сакаше кафе, напијте се”: мајка на загинато дете ги послужи новинарските екипи на паузата од судењето
На првата пуаза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откога многумина бранители побараа одлагање на судењето и нова листа на докази бидејќи Обвинителството ги спои постапките за дискотеката „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“, мајка на едно од загинатите деца пред објектот на судницата ги послужи со кафе новинарските екипи и семејствата на загинатите.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде напијте се“, рече таа.

Во тек е пауза на судењето. Судијката одобри 15 минути пауза затоа што голем број од обвинетите побараа пауза за тоалет.

