Македонија
Кучето кое беше повредено со секира пристигна во новиот дом во Чешка
Некаде кон почетокот на минатиот месец куче облеано со крв лежеше на улица во центарот на Охрид, а очевидци потврдиле дека некој нехуман жител му забил секира во глава на кучето, кое притоа не испуштило глас, туку мирно си ја чекало својата судбина, најверојатно помирувајќи се дека тоа ќе биде крајот на неговиот живот.
Фотографии од кучето со жолти крзно, кое сега беше црвено од крвта, ги преплавија социјалните мрежи, а активистот Климент Арнаудов и неговите пријатели од Охрид ги зедоа работите во свои раце – го однесоа Манго на ветеринар, кој му направи операција, но сепак неизвесна беше неговата судбина.
„Операцијата добро помина, раната беше многу длабока, има преку 60 конци, мораше да се фиксира вратот со гипс за да не ги кине конците. Стискајте палци за да истрае милово, а штом бидне закрепнување да му најдеме најпрекрасно домче. Ветеринарот влева надеж дека ќе успее, иако вечерва е критична, па затоа ќе дежураме“, напиша Климент на „Фејсбук“ веднаш по операцијата.
Секојдневно, тој преку социјалните мрежи информираше за состојбата на кучето за кое вели дека е најмилото суштество што некогаш го видел. Само два дена откако некој крвнички си поигра со судбината на Манго, Климент напиша дека кучето не ја губи довербата во луѓето.


Манго во наредниот месец напредуваше добро, со помош на грижата од неговите пријатели – активисти. Раната целосно зарасна, а тој се претвори во преубаво весело куче. Хумани луѓе донираа пари, а наскоро стигна и веста дека Манго ќе патува во Чешка, каде што е најден дом за него.
Пред два дена, Манго стигна во својот нов дом. Спие на кревет и веднаш се навикнал на новата средина, која му ја врати довербата во човечкиот род. Најсреќен, се разбира е Климент, а и неговите пријатели, кои во последниов месец и половина целосно се посветија да го вратат на нозе кучето кое настрада од нечовечка и сурова постапка.

Манго кога беше најден, на 8 октомври годинава и Манго денеска, во новиот дом во Чешка
Во меѓувреме, поднесена е пријава до МВР против непознат сторител.
„На тој што ова му го учинил на Манго не му посакувам ништо лошо, но му посакувам час поскоро да се покае за стореното злодело и јавно да се извини за монструозниот чин со ветување дека никогаш нема да стори нешти слично. А ако по некоја игра на ‘случајноста’ има исход по однос пријавата, казната да му послужи како поука да се себекоригира штом доброволно не нашол начин да увиди какви ужасни дела црнилата душевни може да предизвикаат. Оти, ако би му посакал исто вака тој или некој негов ближен да настрада, што тоа мене ќе ме направи поразличен од него?“, вели Климент, посакувајќи му убав „втор живот“ на Манго.
„Не велам дека и во странски земји нема насилие и злоупотреби на животинките, напротив и таму ги има, но велам дека во странските земји сочувството и свеста за животинките е за едно ниво повисоко од она на Македончето, што на граѓаните што на институциите. Ќе се промени ли земја Македонија и ќе стане ли една поарност за сиротиве бездомни и домни кученца (и маченца)? Тоа само од нас народот и од нас лично зависи. Биднеме ли поарни во душиве, ете ни и поарна земја. Биднеме ли и натаму гнили и црни, ете ти бедна земја, со бедни власти и институции. Манго, уживкај си во второто животче“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова состојба по обилните врнежи: Поплавени подруми и куќи во Охрид, Кичево, Битола, Тетово и Гостивар
Центарот за управување со кризи ја објави новата состојба до 13 часот по обилните врнежи од дожд во земјава.
Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата.
Во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.
Во регионот на Битола зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.
Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.
Македонија
Левица: Административна тортура врз повредените во „Пулс“, секој месец мора да се појавуваат пред комисии
Со тешки изгореници, незараснати рани и длабоки психолошки трауми, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се принудени секој месец да се појавуваат пред комисии за продолжување на боледувањето. Уште од првите денови по пожарот лекарите укажуваа дека дел од повредените ќе се соочат со лекување што ќе трае со години. Наместо државата да го земе тоа во предвид и да обезбеди мир, стабилност и непречено лекување, таа ги изложува на дополнителен физички, психолошки, административен и финансиски притисок, кој го загрозува и нивното закрепнување, велат од Левица.
Според партијата, дополнително загрижува фактот што постојната законска регулатива за боледување е крута за вакви трагедии. Од Левица велат дека според важечките прописи долгорочно боледување се продолжува преку месечни лекарски комисии, со временски ограничувања и административни процедури кои се целосно несоодветни за масовна трагедија со тешки телесни и психички последици.
„Токму затоа државата уште од првиот момент имаше морална должност да изнајде начин за решавање на овој правен вакум. Државата во изминатава речиси година од трагедијата требаше да донесе посебен указ, подзаконски акт или да направи интервенција во законите за да обезбеди автоматско и долгорочно боледување без месечни комисии за сите повредени. Освен што владата на ДПМНЕ не се заангажира тоа да го направи дополнително им отежна повредените. Иако Владата на ДПМНЕ по трагедијата најавуваше апсолутна помош, реалноста е поинаква – не е обезбедена никаква финансиска поддршка ниту за семејствата на загинатите, ниту за повредените. Трошоците за патувања за лекување во странство, скапите креми, силиконски лепенки и медикаменти неопходни за долгорочна нега, целосно паѓаат на товар на семејствата“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека најсрамен пример за институционална бесчувствителност е фактот што државата не само што не помогна, туку од хуманитарната солидарност на граѓаните наплати и данок од милион денари.
„Средствата собрани преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменети за помош на настраданите, беа оданочени од државата, наместо самата да застане зад тие луѓе. Додека граѓаните покажуваат човечност и солидарност, институциите демонстрираат ладна бирократија и финансиски апетит. Левица смета дека е недозволиво државата да ги малтретира повредените со месечни комисии, да не обезбеди непречено боледување до конечно излекување, да не покрие трошоци за лекување, патувања и медицинска нега, а притоа да оданочува хуманитарна помош и да троши милиони на папаја во владината луксузна кујна“, се наведува во соопштението.
Македонија
Патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила
Од 11.00 часот патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила, информира АМСМ.
Од таму најавија дека денеска граничниот премин Богородица, односно ГП Евзони од 17 часот ќе биде затворен за сите видови на возила.
„Поради протест на грчките земјоделци, од денес 08.01.2026 г. со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 г. во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

