Македонија
Предлогот за амнестија за ненасилниците во финална фаза, ќе се разгледува в среда на состанокот за помирување

Во финална фаза е предлог-законот за амнестија на лицата што не вршеле насилство на 27 април, а го подготвува независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Неофицијално, во предлогот ќе се бара еден вид преквалификација на делото за дел од обвинетите, но сè уште се прават консултации со правни експерти, брифираат од оваа пратеничка група. Своите предлози осумте пратеници ќе ги презентираат в среда на првиот состанок на координативното тело за помирување и интеграција.
Од СДСМ велат дека тие немаат намера да поддржат амнестија на насилниците и на нарачателите на крвавиот четврток, но расположени се да ги слушнат предлозите за аменстија што ќе ги испорача телото за помирување.
„Ставот на пратениците од СДСМ е јасен: одговорност за насилството на 27 април мора да има. Не смее и не може да има амнестија за оние што планирале, нарачале и извршиле насилство на 27 април“, рече Костадин Костадинов од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, единствената партија што не учествува во телото за помирување, денеска во Собранието образложија дека за нив само целосна амнестија за сите учесници во настаните на 27 април би значела национално помирување.
„Доколку Зоран Заев и парламентарното мнозинство навистина и искрено сакаат национално помирување како тоа што беше спомнато токму од оваа говорница, тоа може да го направат со поддршка на овој закон за амнестија. Овој закон предвидува вистинско национално помирување за сите оние што учествувале во настаните на 27 април, a не селективно помирување како што сакаат да направат премиерот Зоран Заев и парламентарното мнозинство преку т.н. комисија за помирување“, рече Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Со 25 гласа „за“ и 59 „против“ предлог-законот за амнестија поднесен од ВМРО-ДПМНЕ беше отфрлен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.