Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ во посета на мировниците во Либан
Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, се наоѓа во дводневна официјална посета на мисијата УНИФИЛ во Либан. По речиси 12 години учество на нашите мировници во мисијата УНИФИЛ во Либан, ова е прва посета на делегација од Република Македонија во оваа мисија предводена од Обединетите нации, таканаречени „Сини шлемови“.
Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, по пристигнувањето беше пречекан со воени почести во главната команда на УНИФИЛ во базата Нагура, која се наоѓа во непосредна близина на границата на Либан со Израел. Во рамките на посетата генералот Ѓурчиновски оствари работна средба со командантот на силите на УНИФИЛ, генерал-мајор Стефано дел Кол, од италијанската армија и заменик на директорот на мисијата од пакистанските вооружени сили, Имран Риза.
На средбата беше потенцирано несебичното залагање и професионализмот на македонските претставници во мисијата, при што е изразена благодарност за активниот придонес на Армијата на Република Македонија во меѓународните мировни мисии. Зголемувањето на бројот на земјите учеснички во мисијата УНИФИЛ може само да го зголемат кредибилитетот на мисијата, а воедно и да придонесат во размената на искуства меѓу нациите, градење на меѓусебна толеранција и промоција на светскиот мир, истакна генералот Ѓурчиновски на средбата. Тој додаде дека стратешка определба на АРМ е да продолжи посветено кон градење на светскиот мир преку учество во мировни операции во земјите со цел подобрување на глобалната безбедност.
За време на посетата на мисијата, согласно со програмата, началникот го посети здружено-оперативниот центар на УНИФИЛ, каде што извршува должности еден штабен офицер на АРМ. За време на посетата генералот Ѓурчиновски беше запознаен со ситуацијата во Јужен Либан и неговото опкружување и идните предизвици на мисијата.
Во текот на денешниот ден Ѓурчиновски ќе ја посети и командата на секторот Запад, каде за првпат оваа година во септември Република Македонија испрати уште двајца штабни офицери кои ги извршуваат дадените задачи во мисијата во состав на италијанскиот контингент. За време на посетата генералот ќе оствари средба со командантот на сектор запад, бригадниот генерал Диодато Абагнара.
Република Македонија својот придонес во мировната операција предводена од Организацијата на обединетите нации во Либан, УНИФИЛ, гоапочна со донесување одлука од страна на Собранието на 27 април 2007 година. Одлуката беше спроведена на 16 мај 2007 година. Овој придонес почна со испраќање на еден припадник на Армијата на Република Македонија на место штабен офицер во здружено- оперативен центар во Нагура во Либан со мандат од една година. Оттогаш еве веќе 12 години во Либан се вее македонското знаме, како потврда за присуството на нашите „Сини шлемови“ во мисијата, рамо до рамо со останатите земји од Обединетите нации, со цел обезбедување на мирот во овој дел од светот.
Во моментот во мисијата УНИФИЛ во Либан учествуваат 42 земји членки на Обединетите нации со околу 10.600 мировници. Мандатот на УНИФИЛ согласно со Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации е одржување на мирот во јужен Либан, превенција од евентуален конфликт помеѓу Либан и Израел и посредување во преговорите помеѓу владите на овие две земји за постигнување на посакуваната цел – мир и стабилност во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

