Европа
Украински морнар призна дека поминувањето низ Керч било провокација
Руската Федерална служба за безбедност изјави дека еден од приведените украински морнари признал дека поминувањето на бродовите преку теснецот Керч било провокација.
„Радиобарањето на руската крајбрежна стража намерно беше игнорирано. На бродот имаше оружје и муниција. Бев свесен дека тоа е провокативна акција”, изјави украинскиот капетан на третата класа, Владимир Лесовој, пренесува новинската агенција ТАС.
Тој, како што пренесуваат руските медиуми, изјавил дека му било наредено од Одеса испловат до Маријопол.
ФСБ соопшти дека провокацијата во теснецот Керч ја координирале двајца членови на Службата за безбедност на Украина и дека влегувањето на украинските бродови во руските територијални води била директна наредба од киевската власт, пренесуваат тамошните медиуми.
Украинските бродови најпрвин ја информирале руската страна дека тие не планираат да одат преку теснецот Керч, се вели во соопштението на ФСБ.
Руската страна, пак, ги информирала за правилата на граничните премини и правилата за поминување преку теснецот Керч, а според кои е предвидено да се поднесе барање до пристаништето Керч 48, односно најмалку 24 часа претходно, наведуваат од ФСБ, од каде додаваат дека сертификатот потоа се издава четири часа пред преминот.
Меѓутоа, украинските бродови не поднеле барање, тие само изјавиле дека немаат намера да „преминат преку руската граница и да поминат низ теснецот Керч“, наведуваат од ФСБ, а објави руската агенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

