Регион
„Еурактив“: Тројца функционери во Бугарија вмешани во аферата со пасоши
Тројца високи функционери во Бугарија се вмешани во аферата со продажба на пасоши, објавува „Еурактив“. Тие наводно им продавале бугарски пасоши на 200 Македонци дневно.
Вицепремиер, министер и бугарски европратеник, наводно, се одговорни за нелегално продавање бугарски пасоши на странци, според тврдењата на информаторка што обезбедила пакет-документи што се чини дека го потврдуваат обвинението. Станува збор за вицепремиерот Красимир Каракачанов, поранешната министерка за правда Екатерина Захариева (сега министер за надворешни работи) и европратеникот Андреј Ковачев (од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов), кои се највисоките функционери обвинети за измамата што им овозможила на илјадници странци да добијат бугарски пасоши за пари и да добијат безвизен режим за ЕУ, рекол изворот.
„Еурактив“ ова го дознал од информаторката Катја Матева, поранешен директор на Советот за државјанство, тело што учествува во одлучувањето за доделување бугарско државјанство на странци. Захариева ја отпуштила Матева во 2016 година кога оваа одбила да учествува во измамата, вели Матева.
Според нејзините тврдења, Каракачанов добивал од 550 до 1.500 евра за секој Македонец што добил бугарски пасош. Бројот на кандидатите дневно изнесувал 150-200. Во целата оваа шема Македонците плаќале пари за да добијат лажен сертификат дека имаат бугарско потекло
„Еурактив“ ги повикал Каракачанов, Захариева и Ковачев да одговорат на обвиненијата против нив. Првите двајца за веб-страницата рекле дека се изненадени од обвинувањата, а Ковачев подоцна негирал каква било одговорност.
Државната агенција за Бугари во странство беше предмет на огромен скандал по откритијата дека издавале лажни сертификати за бугарско потекло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

