Регион
Вучиќ: Немаме контрола ни над делче од Косово и Метохија, но го имаме својот народ
Не сме во лесна позиција бидејќи ние немаме контрола ниту над едно делче од Косово и Метохија, но затоа имаме народ кој е подготвен да ги чува своите огништа, а тие ја имаат својата држава која е подготвена да им помогне на секој можен начин, порача денеска српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Тој најави дека на денешните разговори со претставници на Србите од Косово и Метохија ќе замоли протестите да продолжат на мирен начин, а државата ќе продолжи да ѝ укажува на меѓународната заедница за не само штетните туку, како што рече, и погубни ефекти од мерките за Приштина, кои, според него, длабоко ги подриваат мирот и стабилноста.
„Ситуацијата воопшто не е лесна. Секогаш зависите од волјата на Приштина и од тоа дали тие ќе го почитуваат законот или не. Кога некој се однесува противправно, ограничени се можностите за дејствување“, рече Вучиќ во изјава за новинарите.
Тој истакна дека е среќен што Србите се разбудиле и огласиле и што разбираат колку се погодени од мерките на Приштина, покажувајќи дека се значаен политички фактор на Косово и Метохија.
Властите во Приштина неодамна донесоа одлука за зголемување на тарифите за 100 отсто на увозот на стока од централна Србија и Босна и Херцеговина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Една година од масакрот во училиштето во Белград, беа убиени девет ученици и чуварот
Помина точно една година од трагедијата во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, кога Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му уби девет ученици и чуварот на училиштето, а рани уште неколку.
На местото на трагедијата пристигнуваат се повеќе луѓе за да им оддадат почит на жртвите. Први пристигнале членовите на семејствата на убиените деца, а глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.
На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.
И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.
„Помина една година од невидената трагедија која остави неизбришлива лузна на душата на целата земја, но болката, неверувањето и неизмерната тага не поминаа“, рече Вучиќ.
На 3 мај минатата година Коста дошол вооружен во училиштето и од влезната врата го започнал својот крвав поход, во кој животот го загубија девет деца и чуварот.
Откако го извршил масакрот повикал полиција и пријавил што направил.
Веднаш по трагедијата се одржа вонредна конференција на српското Министерство за внатрешни работи, на која беа соопштени деталите за она што се случи во училиштето „Владислав Рибникар“.
„Повикот дојде во 8 часот и 42 минути наутро, две минути по пријавувањето на случајот во полиција од страна на заменик директорот на ова училиште“, изјави началникот на белградската полиција Веселин Милиќ.
На таа конференција Милиќ изјави и дека К.К. еден месец го планирал злосторството. Тој го покажа и списокот што полицијата го пронашла во станот на момчето убиец, на кој биле испишани имињата на учениците кои планирал да ги убие.
Дополнително, како што тогаш беше кажано од највисоките функционери на српската полиција, К.К. имал и прецизен план на училиштето, со означен влез и излез.
Поради делото, Коста е во болница, а против татко му и мајка му, Владимир и Миљана Кецмановиќ во меѓувреме е покренато обвинение, со оглед на тоа што момчето-убиец во моментот на делото имало 13 години и затоа не е кривично одговорен.
Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека обвинетиот Владимир Кецмановиќ во периодот пред трагедијата го научил својот син да пука во цели во форма на концентрични кругови и силуети на луѓе, да стои и да дише кога користи огнено оружје.
Против семејството Кецмановиќ се водат три граѓански постапки, а поднесени се вкупно пет тужби, меѓу кои и една кривична.
Регион
(Видео) Избрана е новата Влада на Србија
Собранието на Србија со 152 гласа ја изгласа новата Влада на премиерот Милош Вучевиќ. Два дена траеше расправата за составот на Владата и нејзиниот план за работа, при што опозицијата го оспори кредибилитетот на Вучевиќ, посочувајќи дека, како и досега, за секоја одлука ќе биде прашан претседателот на државата Александар Вучиќ.
Новата Влада на Србија брои 31 член, од кои една третина се нови имиња во споредба со претходната Влада на чело со Ана Брнабиќ.
Премиерот Вучевиќ претходно изјави дека длабоко верува во историскиот договор меѓу Србите и Бошњаците и рече дека сака добри односи и со Хрватите. Истовремено, тој рече дека нема да ги гради овие односи на штета на сопствените интереси и дека Србија нема да се откаже од традиционалните пријатели.
Посебно внимание предизвикаа двајцата министри кои се под санкции на САД: Александар Вулин ќе биде вицепремиер, а Ненад Поповиќ ќе биде министер без ресор.
Регион
Договорен текстoт на резолуцијата за Сребреница
Предлогот за резолуција за комеморација на геноцид врз Бошњаците од Сребреница, извршен во јули 1995 година, е договорен, а за него треба да се расправа на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации, потврди амбасадорот на БиХ во ОН, Златко Лагумџија.
Лагумџија на социјалната мрежа „Икс“ објави дека процесот на усогласување на резолуцијата, чии формални предлагачи се Германија и Руанда, е завршен и испратен до претседателот на Генералното собрание на ОН, Денис Френсис, па нејзиниот текст ќе биде претставен до земјите членки. на светската организација, од која се очекува поддршка.
Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови. Ја нагласува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои се уште се на слобода.
Резолуцијата има намера да ги повика сите држави целосно да ги почитуваат своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, да го почитуваат меѓународното обичајно право за спречување и казнување на геноцид и да ги почитуваат релевантните одлуки на Меѓународниот суд на Правдата (МСП).
Од генералниот секретар на ОН се бара да воспостави информативна програма наречена „Геноцид во Сребреница и Обединетите нации“, која треба да се спроведе пред следната година, кога се одбележува 30-годишнината од тоа злосторство.
Сите земји-членки на ОН, како и невладините организации и граѓанското општество, предлагачи на резолуцијата истовремено повикуваат на соодветни активности за комеморација и чест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година.
Македонија е коспонзор на оваа резолуција.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на босанските Срби Милорад Додик инсистираат дека оваа резолуција е обид да се наметне колективна вина врз српскиот народ.