Економија
„НЛБ Банка“ – најдобра банка во Македонија за 2018 година

„НЛБ Банка“ вчера во Лондон е прогласена за најдобра банка во Македонија за 2018 година од страна на угледниот финансиски магазин The Banker.
На свечената церемонија, којашто се одржа на 29 ноември во Лондон, каде што присуствуваа најдобрите банки од над 140 земји во светот, угледниот финансиски магазин The Banker ги додели глобалните и регионалните награди за најдобрите во банкарството во 2018 година.
За најдобра банка во Македонија за 2018 година е прогласена НЛБ Банка. Ова е деветти пат како „НЛБ Банка“ ја добива оваа престижна награда и го потврдува приматот на најнаградувана банка во Република Македонија.
Изборот за најдобра банка се прави врз основа на повеќе критериуми: постигнатите финансиски резултати, способноста да генерира профит, да развива нови производи, услуги и технологии, да ги опслужува своите клиенти и да се здобие со стратешка предност.
„НЛБ Банка“ АД Скопје се вбројува меѓу најпрофитабилните компании во Македонија, со остварена добивка од 34,6 мил. евра во 2017 година и добивка од 30,2 мил. евра за првите девет месеци од 2018 година. Одличните резултати на „НЛБ Банка“ се резултат на континуирани и интензивни продажни активности во сите сегменти од работењето, квалитетни финансиски услуги, подобрување на наплатата и намалување на портфолиото на нефункционални побарувања, како и значајни инвестиции во дигиталните сервиси со цел нивна поголема достапност и функционалност.
„НЛБ Банка“ АД Скопје согласно со својата стратегија, во фокусот на работењето го има задоволството на своите клиенти и континуирано и посветено работи на оптимизирана и персонализирана понуда, согласно со потребите на различни сегменти на клиенти. Банката продолжува да ги следи светските трендови во банкарството и технологијата во насока на поголема дигитализација и унапредување на банкарските процеси. Паралелно со постојаното надградување на дигиталните сервиси, банката континуирано ја осовременува и мрежата на експозитури, со што на своите клиенти им дава широк избор за извршување на финансиските услуги преку современите или традиционалните канали за продажба.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.
Економија
Мицкоски најави нова инвестиција во Штип

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на најавата на директорот на Технолошко-индустриските развојни зони за 4 нови странски инвестиции, изјави:
„Во текот на вчерашниот ден, во разговор со директорот, имаме добра вест, нова инвестиција, потврдена во индустриската зона во Штип. Фабрика којашто ќе вработи до 150 луѓе. Фабрика којашто ќе инвестира некаде околу 35 милиони евра. Којашто во својот пик за три години од денес ќе извезува 300 милиони евра коишто ќе влезат во Бруто домашниот производ и ќе произведува батерии и тоа е добро. И тоа е добро, а за сите овие други, да имаме и потврди и полека ќе ги објавуваме. Ова е веќе договорено со инвеститорот и заради тоа го кажав, инаку фабриката е од земја од Европска Унија, да немаме дилема.“
Економија
Дизелот поевтинува за 2,5 денари

Од ноќеска на полноќ дизелот ќе поевтини за 2,5 денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 77,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,50 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 70,50 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,188 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се намалува за 1,499 ден/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), не се менуваат.