Македонија
(Видео) Анастасова: Градоначалникот се обиде да нè замолчи со „затворете ја веќе устата“
Со зборовите „затворете ја веќе устата” градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, се обратил на претставничката на граѓанската „О2 иницијатива“ додека траела дебатата во општината во која невладините, граѓански организации бараат повлекување на огласот со кој во период од 99 години ќе биде дадено земјиштето на користење за тешка индустрија. Активистите реагираа на социјалните мрежи, а Георгиевски на својата фејсбук-страница напиша дека бил погрешно разбран и дека неговата добра намера за конструктивна дебата и наоѓање заедничко решение со „О2 коалицијата“, која побарала стопирање и поништување на јавниот оглас за давање земјиште на под закуп во делот на Железара, за детално објаснување на нејаснотиите, се претворила во напад против него.
Сепак, во негово име се извинила една од советничките, а за севкупната атмосфера на дебатата, за вербалниот инцидент, во „Макфакс“ зборувавме со Жаклина Мијалковиќ-Анастасова, активистка од граѓанската асоцијација „Го сакам Водно“.
Според неа, градоначалникот на дебатата често ги премолчувал прашањата што му ги поставувале активистите.
„Зачудувачки е градоначалникот да не знае за каква тешка индустрија станува збор или, пак, кому тоа земјиште ќе биде отстапено на цели 99 години. Ние зборувавме за здравјето на граѓаните и за чистиот воздух, а тој зборуваза бенефитот од вработувањата што би ги имале од таа индустрија. Најпрво рече дека ќе поминува некаква железничка пруга па потоа дека ќе се прави фабрика за производство на делови за железница. Кога една од активистките што бевме таму му постави сосема разумно прашање и изрази загриженост за штетите по загадувањето од оваа одлука, тој ѝ рече да ја затвори устата. Таа го праша дали навистина така рече и така мисли, на што тој потврдно одговори и не се извини. Во негово име неколкупати се извини една од советничките што беше присутна на дебатата“, вели Мијалковиќ-Анастасова.
Активистите од коалицијата за чист воздух „О2 иницијатива“ пак, на својата страница напишаа „ваква ароганција, агресија и подсмевање во комуникацијата со граѓаните, особено кон жени, во повеќегодишната активност во борбата за животна средина, до сега не сме посведочиле“.
Инаку, општиот заклучок е дека кај градоначалникот Борче Георгиевски не постои ниту желба, ниту намера за конструктивна дебата и наоѓање заедничко решение.
„Во текот на вчерашната дебата, тој ја потврди намерата да го спроведе јавниот повик и јавното наддавање закажано за 7 декември, доколку има пријавени заинтересирани компании до 5 декември. Градоначалникот не беше заинтересиран ниту за аргументи, ниту за законските пропусти кои неговата општина ги направила при донесување на ДУП-от во чии рамки е градеженото земјиште кое сака да го издаде на 99 години, и за кои пропусти поднесовме иницијатива пред Уставниот суд. Советниците имаа многу повеќе аргументи и очигледно зборуваа компетентно за темата , но градоначалникот беше исклучив и рече дека решението е донесено“, вели Мијалковиќ-Анастасова.
Борбата за чист воздух, според неа, ќе продолжи и со иницијативите за стопирање на изградбата на гасоводот што поминува низ Водно, и дека како трет најзагаден град во светот прашањата врзани за квалитетот на воздухот и за загадувачите треба да бидат приоритет на нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

