Култура
Адеми во Истанбул: Продлабочување на културната соработка со Турција, Црна Гора и со Словенија

Mинистерот за култура, Асаф Адеми, во рамките на Третата светска конференција за туризам и култура, која се одржува во Истанбул, Турција, оствари билатерални работни средби со свои колеги од регионот, меѓу кои и со турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, со министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, како и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура, Јанс Шкоберне.
На средбата со турскиот министер за култура и туризам, министерот Адеми упати благодарност за топлото гостопримство и честитки за одличната организација на Третата светска конференција за туризам и култура, на која беа споделени значајни искуства на земјите учеснички од сферата на културата и нејзината поврзаност со туризмот.
Соговорниците изразија задоволство од досегашните односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои ги карактеризира дух на пријателство и традиција, како и постојани заложби на двете страни за нивно унапредување. Во таа насока двајцата министри за култура се согласија дека на двете страни постои сериозна подготвеност за реализација на уште многу проекти кои ќе ја интензивираат соработката во областа на културата.
Двајцата соговорници изразија уверување дека набргу ќе се потпише и новата програма за културна соработка меѓу министерствата за култура во двете земји, а се осврнаа и на актуелните прашања кои се однесуваат на културните центри во двете земји, како и активностите поврзани со нивното отворање.
Беше нагласена и одличната соработка со Турската агенција за соработка и координација, со чија поддршка беа реализирани голем број проекти. Меѓу другите проекти беа напомнати и редовното претставување на Република Македонија на Саемот на книгата во Истанбул, преводот на дела од неколку македонски значајни автори на турски јазик преку конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици што го реализира Министерството за култура и други проекти од дејностите од областа на културата. Министерот Адеми упати покана до својот турски колега да ја посети Република Македонија в година на 5. јубилејна Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.
Во рамките на престојот во Истанбул, министерот за култура, Асаф Адеми, оствари работна средба и со министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, на која беше изразена подготвеност во наредниот период да се интензивираат соработката и размената на проекти во двете земји.
На средбата беше нагласено дека Република Македонија и Црна Гора досега имаат реализирано успешна соработка на полето на културата во сите дејности од областа на културата, а голем е бројот на македонските уметници кои успешно се претставиле во оваа земја. Двајцата соговорници истакнаа дека двете држави остваруваат одлична соработка и во рамките на еминентните меѓународни организации, како што се: Форумот за словенски култури, Советот на министрите од Југоисточна Европа, УНЕСКО. Беше нагласена и соработката која се негува во рамките на меѓународната мрежа „Традуки“, програмата на Европската Унија „Креативна Европа“, а стана збор и за договорот за соработка со календар на активности во 2019 година.
Беше истакнато дека потпишувањето на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Црна Гора овозможува интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата.
Министерот за култура Адеми, во рамките на Конференцијата во Истанбул, оствари билатерална средба и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура, Јанс Шкоберне. На средбата министерот за култура Адеми нагласи дека Република Македонија и Република Словенија традиционално негуваат одлични културни релации, а оваа земја е наш голем пријател и поддржувач во евроинтегративните процеси за што упати уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период. Двајцата соговорници се договорија за поинтензивна размена на културни програми помеѓу институциите во двете земји, како и поинтензивна соработка помеѓу националните филхармониски оркестри во Македонија и Словенија, со потпишување билатерални договори, кои би овозможиле заеднички концерти, размена на диригенти, уметници и сл.
На средбата беше истакната и важноста од соработката помеѓу двете земји на мултилатерален план, а освен соработката во рамките на Форумот за словенски култури, во Советот на министрите од Југоисточна Европа, се реализираат и заеднички проекти во рамките на соработката со УНЕСКО.
Во насока на позначајна презентација на македонската култура во Словенија, на средбата беше разговарано и за можноста да се основа и културно-информативен центар во оваа земја.
Во наредниот период се очекува да биде потпишан и нов билатерален документ помеѓу Република Македонија и Република Словенија, кој ќе претставува правна рамка за соработка меѓу институциите во двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Букстар“ 2025: „За писателцките работи“ – кога се љуби и негува зборот

Моќни мисли и зборови на реномирани македонски и европски писатели можеа да се чујат на единаесетотто издание на фестивалот на европска литература „Букстар“, кој се одржуваше од 29 септември до 2 октомври.
Годинашниот фестивалски слоган гласeше „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
„За писателцките работи“ како мотив се провлекуваше низ целиот фестивал како мотив, концизно смислен со фокус на проблемите со кои се соочуваат писателите, кои говореа низ своја призма, како во интимистички, така и во општествен контекст.
Годинава гости беа голем број македонски имиња, па публиката имаше можност да чуе бројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава од фестивалот дел беа светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика имаше можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Првиот фестивалски ден, во полната сала на Културно-информативниот центар во Скопје, беше доделена наградата „Букстар“ за најактуелна книга меѓу двете изданија на фестивалот. За првпат оваа награда е доделена на македонски автор – Блаже Миневски за збирката раскази „Опаш во устата“ („Антолог“, 2025).
– Годинава, под слоганот „За писателцките работи“, поставивме една симболика што има длабоки корени во нашата културна историја и меморија. Слоганот е инспириран од делото на Крсте Мисирков, чиј јубилеј – сто години од неговата смрт – ќе го одбележиме следната година. Со ова сакавме да укажеме дека книжевноста не е само уметнички вид, туку и чин на одговорност, на визија, на заедништво и на храброст. Сакаме да проговориме за интимната и често невидлива битка зад секое дело, за силата на зборот кој може да го обликува, не само животот на авторот, туку и целото општество – истакна на отворањето основачот на фестивалот „Букстар“, Жарко Кујунџиски.
Последниот фестивалски ден публиката имаше можност да присуствува на еден ексклузивен настан „На кафе со Ахмет Умит“, кој се одржа во „Рамстор мол“, а вљубениците во крими-романите имаат можност да добијат автограм, да се фотографираат и да разговараат со овој автор со светска слава.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беше доделена и наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година, која ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.
Комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“, имаше пет финалисти за оваа награда.
Покрај Лидија Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Фестивалот заврши со книжевниот настан „Правда за кратката проза!“, кој се одржи во кафе-книжарницата „Буква“, а на кој беа учесници Мајнхард Раухенштајнер (Австрија), Владимир Мартиновски, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Иван Шопов.
Култура
Затворен 13. „Џифони Македонија“ – избрани најдобрите филмови на фестивалот

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.
Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.
Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.
– Ги поздравувам италијанските учесници и поздрав до Дарко Башески, едниот дел е дрвено пиперче што се верува дека носи среќа, а другиот дел е симбол на градот Џифони. Благодарение на финансиската поддршка од Италијанското Министерство за култура, а од оваа година и италијанската агенција за млади, го организираме фестивалот и подобро – рече Русо.
Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа, истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје.
Култура
„Танец“ ја заокружи својата балканска турнеја

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, триумфално ја заврши својата Балканска турнеја, оставајќи зад себе трага од воодушевена публика и силни емоции.
Со наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, турнејата го потврди статусот на „Танец“ како ненадминат амбасадор на македонската култура.
Оваа турнеја не беше само серија настапи, туку и културна мисија. Таа успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ја претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор.
Концертите во Валпово (Хрватска), Крањ (Словенија), Виена (Австрија) и Лакташи (Босна и Херцеговина) „Танец“ ја воодушеви публиката со енергични кореографии и раскошни носии, пренесувајќи ја богатата македонска култура и традиција. Експлозијата на бои и звуци, од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, создадоа магична атмосфера што ги спои гледачите и изведувачите во еден ритам.
Турнејата претставуваше повеќе од обични концерти-тоа беше културна мисија која ги поврза Балканот и Европа. Играорците, пејачите и оркестарот маестрално пренесоа порака за виталност, убавина и културно богатство кое заслужува светско внимание. Секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила.
Со овој голем триумф, Ансамблот „Танец“ ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните чувари и промотори на културното наследство на Македонија.
„Срцето на Македонија чука во ритамот на нашите ора и песни. Каде и да одиме, носиме дел од таа душа и таа топлина“.