Македонија
Шекеринска: Македонија заслужи да ги почне преговорите со ЕУ

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Брисел учествуваше на конференција за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето на Унијата, интеграцијата и предизвиците од трансформацијата на земјите од регионов. На самитот министерката Шекеринска зборуваше на првата сесија со наслов „ЕУ – Западен Балкан: сè уште комплицирано“.
Обраќајќи се пред присутните, Шекеринска рече дека во политиката во регионот премногу долго се користел изговорот дека се комплицирани прашањата. „Така беше и со односите на Македонија со Грција и со Бугарија, но ние наместо да се оправдуваме дека е комплицирано, работевме да го смениме ова статус кво. Успеавме да го решиме тридеценискиот спор поради лидерството и храброста од двете страни“, рече министерката.
Ова лето, додаде таа, не само што го склучивме договорот со Грција, туку и го ратификувавме во нашиот парламент, а во моментот ја премостуваме и втората пречка за негово спроведување.
„Парламентот во два наврата веќе гласаше за уставните измени. Направивме напори за спроведување на успешен процес и сме решени да имаме успешна завршница“, истакна министерката Шекеринска.
Министерката истакна дека членството во ЕУ не е само да се пополнат графите за бараните услови, туку е, всушност, трансформацијата на општеството. „Вистинската трансформација во повеќето земји од Централна и Источна Европа се одвивала за време на пристапниот процес. Значи, она што го бара Македонија е да почне тој процес на преговори“, нагласи таа.
Во рамките на работниот престој во Брисел, Шекеринска синоќа имаше работна вечера заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и НАТО-амбасадорите, а за утре е предвидена средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини. На средбата ќе биде направен пресек на состојбите во евроинтегративните процеси и актуелните прашања во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тим од ОЈО ГОКК во АНБ: договорена динамика за увид во документацијата за можните злоупотреби и следења

Во врска со можните злоупотреби на овластувањата на припадници на безбедносните служби и незаконско следење на комуникациите, ОЈО ГОКК известува дека постапува согласно своите законски надлежности и уставно загарантираниот принцип на законитост и еднаквост пред законот.
„Во рамките на предистражната постапка денеска тим од истражители од ОЈО ГОКК беа примени во АНБ каде што беше договорена динамиката за спроведување на увидот во документацијата со која располага АНБ, а која се однесува на наводите содржани во известувањата доставени до ОЈО ГОКК. Во рамките на денешниот работен ден, двете институции демонстрираа коректен и професионален однос во насока на ефикасно спроведување на законските надлежности и заштитата на јавниот интерес. Со оглед дека станува збор за обемна и сензитивна документација врз основа на која треба да се обезбедат релевантни докази, како и фактот дека истата има степен на доверливост, увидот ќе трае во наредниот период, а ќе се преземаат и други предистражни дејствија“.
ОЈО ГОКК информираат дополнително од таму, постапува исклучиво врз основа на докази, во рамките на законските процедури и со целосно почитување на правата на сите засегнати страни.
„Притоа, во интерес на постапката, а имајќи ја предвид тајноста на предистражната постапка, апелираме до медиумите и до јавноста да се воздржат од прерано изнесување на заклучоци додека трае постапката и не се утврдат фактите. ОЈО ГОКК навремено ќе ја информира јавноста за текот на постапката тогаш кога споделените информации нема да ја загрозат тајноста на предистражните дејствија“.
Македонија
Гаши по повод 8. Септември: Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, заедно знаевме да освојуваме и победи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред пратениците, претставници на владиниот кабинет, дипломатскиот кор и јавноста по повод 8 Септември – Денот на независноста, честитајќи ја 34-годишнината од независноста на Македонија.
Во својот говор, Гаши истакна дека независноста е темелот врз кој треба да се гради демократски и стабилен заеднички дом, со почитување на различностите, справување со корупцијата, зајакнување на правната држава и меритократијата, како и зголемување на благосостојбата на граѓаните.
„Кога зборуваме за независноста на државата, природно ни изгледа како да ја допираме историјата, а сите добро знаеме дека историјата на нашата држава не беше ниту лесна ниту многу пријатна. Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, но имаше и моменти кога заедно знаевме да освојуваме победи. А денес, пред сè, се радуваме бидејќи овој ден нè наоѓа обединети во мир“, порача Гаши.
Нагласи дека Северна Македонија денес е пример на сплотеност меѓу различните народи, стабилен сојузник на НАТО и достоен кандидат за полноправно членство во Европската Унија. Главната порака што ја упати до граѓаните е суштинската сплотеност – да се гради заедништво преку почитување на различностите, наместо поделби.
„Независноста не е подарок – таа е завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе без поделби и без исклучоци“, рече Гаши, повикувајќи на создавање на заедничка иднина.
Македонија
Интерната комисија проверува дали се правеле непотребни операции на срце, методологијата за работа е утврдена

Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции ја утврди методологијата за работа, која што ќе биде основата за анализата не само на веќе доставените осум случаи, туку на сите случаи кои ќе бидат доставени или утврдени од страна на интерната комисија.
„Транспарентноста е клучна во целиот процес. Се следат меѓународните стандарди како референтни точки. Очекуваме интерната комисија да ги утврди фактите во однос на осумте случаи и да постапува врз основа на медицински докази. Нашата крајна цел е заеднички да го подобриме здравствениот систем и да поставиме цврста основа на менаџирање во здравството“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Се додава дека интерната комисија е составена од врвни експерти во областа, правници и економисти. Наодите од анализата на интерната комисија ќе бидат во најскоро време доставени до стручната комисија составена од странски експерти, а извештајот од интерната комисија ќе биде објавен на веб-страницата на Министерство за здравство.
Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија што ја формира Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба.