Македонија
Здравството се приватизира – Детската кардиохирургија се сели во „Филип Втори“

Иако пред еден месец министерот за здравство, Венко Филипче, тврдеше дека ќе има јавни дебати и детаљни анализи за тоа дали детската кардиохирургија треба да се „приватизира“, односно да се пресели во болницата „Филип Втори“ на Жан Митрев, денеска тој и официјално соопшти дека одлуката е донесена. За овие операции на тешко болните бебиња со срцеви проблеми, кои се околу 70 годишно, Фондот за здравство ќе издвојува околу милион евра.
Жан Митрев, сопственикот на „Филип Втори“ пред само неколку месеци изјавуваше дека од Детската кардиохирургија ‘живо дете не излегло’, а детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски, кој досега работеше на Клиниката за детска хирургија, го нарекуваше ‘манипулатор кој го загрозува здравјето на децата’, сега треба да работат под ист покрив.
Чадиковски и неговиот тим од државна капа преминуваат да работат токму во приватната клиника, од каде што и ќе земаат плата.

Интервју на Чадиковски за „Плусинфо“ во април годинава за обвинувањата на Жан Митрев
Со овој чекор на министерот за здравство, кој без распишување тендер и без јавна расправа реши да ја замагли границата меѓу приватното и јавното здравство, неодговорени останаа многу прашања, како, на пример, на кој начин е избрана токму болницата на Жан Митрев, дали со преминувањето на кадарот од јавното во приватното здравство тој го признава поразот дека државното здравство на чие чело е тој е пред колапс и дали во надредена положба става една категорија болни што ќе се лекуваат во приватна клиника пред друга категорија, кои мора да одат во јавното здравство.
Она што засега се знае е дека од наредниот месец Клиниката за детска кардиохирургија ќе работи во „Филип Втори“, кадарот на чело со Чадиковски ќе биде вработен во приватната клиника, а парите за операции ќе ги исплаќа Фондот за здравство.
Ова јавно-приватно партнерство Филипче го правда со фактот „додека да се направи новиот клинички центар, не вреди да се инвестира во постојниот бидејќи за неколку години тоа ќе треба да се сруши“. Инаку, за новиот клинички центар сè уште нема ни локација, па оттаму неизбежен е заклучокот дека за какви било поголеми реформи во здравството ќе мора да поминат години.
„Иако во изминатите години во јавното здравство е направена експертиза за детски кардиохирушки операции, сепак инфраструктурата е лоша. Проценивме дека залудно е да се инвестира во инфраструктурен капацитет на Клиниката за кардиологија бидејќи кога ќе се изгради новиот клинички центар, тоа ќе се сруши. Со овој проект ги спојуваме експертизата од јавното и приватно здравство и создаваме подобри инфраструктурни услови за лекување на децата. Очекуваме на овој начин да се создадат услови лекарите да не бегаат во странство, туку да останат да работат во земјата“, рече Филипче.

Венко Филипче и Ден Дончев убедуваат дека јавно-приватното партнерство со „Филип Втори“ е за доброто на пациентите, а ќе нема поголеми финансиски импликации
Директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, објасни дека сега со милион евра годишно, кардиохируршки операции на децата, наместо од Клиниката за детска хирургија, ќе се купуваат од приватната болница. Покрај овие милион евра, сега ФЗО троши и дополнителни од 300.000 до 400.000 евра за кардиохируршки операции на децата во странство.
„Очекуваме да се напават заштеди со тоа што нема да има потреба децата да се праќаат во странство“, рече Дончев.
Уште едно неразјаснето прашање во овој договор меѓу јавното здравство и приватната болница е и како ќе тече процедурата за праќање во странство на децата што сепак ќе имаат таква потреба бидејќи веќе нема да постои тим на лекари во јавното здравство што ќе треба да потпише конзилијарно мислење со оглед на тоа што овој тим сега поминува во приватното здравство.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираат дека со овој чекор на виделина излегува неспособноста на министерот за здравство Венко Филипче.
„Здравствениот систем од ден на ден сè повеќе се распаѓа. Неспособноста на министерот излегува на виделина. Филипче е канцерот на македонскиот здравствен систем. Тој наместо да инвестира во јавното здравство за да се задржат лекарите во Македонија, решава да им ги полни џебовите на одредени поединци. Самиот министер и СДСМ со оваа одлука ги отворија вратите на нашите млади лекари на големо да си заминуваат од земјата, се наведува во партиското соопштение“.
Во меѓувреме Министерството за здравство со физибилити-студијата ја испитува можноста и за јавно-приватно партнерство за брзата помош.
„Физибилити-студијата треба да покаже дали воопшто е можен овој модел на јавно-приватно партнерство, кој функционира и во други земји, да функционира и кај нас. Бараме начин како да ја подобриме ситуацијата, па затоа се размислува на примена на моделот на јавно-приватно партнерство за брзата помош и домашната посета“, изјавија од Министерството пред еден месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марјан Димитриев кандидат за градоначалник на општина Аеродром од Левицата

Марјан Димитриев е кандидат за градоначалник на Општина Аеродром од Левица. Носител на советничката листа е Дејан Ристовски.
„Со ова официјално влегуваме во изборната трка со јасна визија: Аеродром да стане место каде што интересот на граѓаните ќе биде пред личните и партиските привилегии. Нашиот тим, составен од луѓе со интегритет и волја за промени, е подготвен да работи посветено за: подобра урбана средина; транспарентна работа на општината; вистинска грижа за жителите. Веруваме дека Аеродром заслужува нов почеток, без корупција, без партиски игри и без запоставување на реалните проблеми. Со поддршката на граѓаните, заедно можеме да ја донесеме таа промена“, соопштија од партијата.
Македонија
Утре и задутре пулмолози ќе проверуваат колку им се оштетени белите дробови на жителите на Трубарево и околината

Два тима од Клиниката за пулмологија и алергологија утре и задутре ќе ги посетат жителите на Трубарево и околните места за скрининг на белите дробови по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу денес ги повика жителите да се пријават на скринингот.
„Министерството за здравство заедно со Клиниката за пулмологија, на 24 и 25 септември, од 10 до 16 часот, организира скрининг за граѓаните што живеат во Трубарево и околните места. Замолувам, сите граѓани, кои ценат дека треба да посетат доктор, на 24 и 25 септември да се пријават на овој скрининг. Дополнително, овие граѓани, ако има потреба, ќе може да продолжат со прегледи во Клиничкиот центар тука“, рече министерот Алиу.
Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, Оливер Зафировски, вели дека на самото место на жителите ќе им се направат почетни испитувања на белите дробови.
„Направивме два тима, кои ќе ги посетат сите граѓани во местото Трубарево и ќе направат почетни испитувања. Во зависност од овие испитувања, ако може да се постави дијагноза или да се докаже дека нема никакво оштетување на нивните бели дробови, останува да се ревидира терапијата што ја имаат. Ако има потреба, тогаш ќе ги упатуваме во нашата Клиника за пулмологија и алергологија за да може да ги продлабочиме испитувањата и по потреба да се даде соодветна терапија“ , рече директорот Зафировски.
Пред десет дена во Трубарево се запали фабрика за рециклирање пластика и електронски отпад. Пожарот предизвика густ црн чад видлив од цело Скопје, а во воздухот беа измерени високи концентрации на тешки метали, меѓу кои кадмиум, олово и арсен.
Гаснењето траеше повеќе од 24 часа, а во акцијата беа вклучени пожарникари, полиција, Армијата, медицински екипи и Црвениот крст. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, го нарече гаснењето школски пример за справување со комплексен пожар.
Настанот предизвика прекин на наставата во четири основни училишта во Трубарево, кои беа префрлени на онлајн-настава поради загадувањето.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не манипулира, учебници има

Учебници има, а СДС упорно продолжуваат да лажат. СДС да престане да се резили со вакви празни фрази, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес – конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Кога веќе излегуваат на прес-конференции и се брукаат со вакви тези, барем нека кажат кој учебник, според нив, фали. Учебници има и наставата се одвива во најдобар ред, а со СДС на власт седум години, ниту еднаш, како на почеток на учебната години, така и во текот на целата, учениците немаа учебници. После седум години, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, исто така го реши и проблемот со учебниците по странски јазици, така што за прв пат после нивното владеење учениците ќе учат по стандардизирани учебници, наместо од интернет материјали. Додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедува учебници, покачува платите на вработените во образование и ги решава наследените проблеми, СДС на власт единствено гледаше да спечали некој ден плус од тендерите во образование. Додека СДС трошеше милиони евра за тендери за учебници, парите завршуваа во приватни џебови, а учениците страдаа и учебници не добиваа“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека само во учебната 2018-2019 година, преку 27 нови договори склучени во четири очи фирмите се офајдиле со повеќе од 7,5 милиони евра или 463 милиони денари за набавка на учебници и помошен дидактички материјал за основно и средно образование.
„СДС, исто така, ветуваше студентски град, а на академските граѓани и обезбеди само руинирани домови без основни услови за живеење. СДС нема да може со лаги и манипулации да ги скрие нивните скандали од седумгодишното владеење, уништување на образовниот сектор и на цели генерации по желбите на Мила Царовска. Одговорност ќе има, и тоа за сите криминали и криминални тендери кои, во владеењето на СДС, учениците ги оставија без елементарни средства за настава, учебниците, а парите завршуваа по приватни џебови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.