Македонија
Груби во Вашингтон се потпиша во книгата на жалост за смртта на Буш
Претседателот на Комисијата за европски прашања и на Групата за пријателство со САД, Артан Груби, кој престојува во Вашингтон, се потпиша и во книгата на жалост за покојниот претседател на САД, Џорџ Х.В. Буш.
Тој денеска оствари средба со в.д. заменик-помошник државен секретар, Сусан Фалатко, која воедно раководи со канцеларијата за Централна и Југоисточна Европа на Стејт департментот, со која разговараше за процесот на уставните измени и спроведувањето на преспанскиот договор, евро-атлантските интеграции на земјата, билатералните односи со САД, системските реформи, владеењето на правото и помирувањето.
Груби им се заблагодари на Соединетите Американски Држави за големата поддршка за Македонија и регионот во изградбата на демократските капацитети и нашиот пат кон интеграцијата во НАТО и Европската Унија, која, како што рече, е неопходна и без алтернатива.

Груби ја запозна соговорничката за патот на уставните измени коишто произлегуваат од договорот помеѓу Скопје и Атина и овозможуваат деблокирање на интегративниот процес за нашата земја изразувајќи очекување за успешно завршување до средината на јануари следната година.
Тој зборуваше за напорите да за се задржи и да се зголеми мнозинството од две третини кое е неопходно за успешно завршување на процесот. Груби исто така ги истакна и опструкциите кои одредени структури ги прават кон процесот, подвлекувајќи дека никој не треба да го спречи овој процес за индивидуални или групни калкулации.
„Секој потег кој е во спротивност со волјата на народот за интеграција во НАТО и ЕУ и кој го ризикува патот на процесот е неприфатлив“, рече Груби.
На средбата се дискутираше и за процесот на помирување и реформите, при што Груби ги истакна очекувањата дека до крајот на годината ќе се свика посебна седница на Собранието за десетици реформски закони.
Фалатко ја изрази поддршката на Соединетите Американски Држави за преспанскиот договор и за интеграцијата на Македонија во НАТО и Европската Унија, како и напорите за успешно заокружување на овој процес.
Груби го посети и Американскиот сенат каде заедно со конгресмени и сенатори и колеги од 80 држави, учествуваше во 12. Парламентарен форум на безбедноста за разузнавање на кој се дискутираше за борбата против тероризмот и надзорот над агенциите за разузнавање и контраразузнавање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски доби опомена од „Сејф сити“ – возел со 1 километар на час над дозволената брзина
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на Фејсбук објави дека добил порака за сторен сообраќаен прекршок од „Сејф сити“.
„Утрово, движејќи се со своето приватно возило кон Кавадарци каде што денеска се одржува партискиот конгрес, добив смс порака за сторен сообраќаен прекршок констатиран од системот „Безбеден град“, бидејќи сум се движел со 1 км/ч над дозволената брзина. Ова е најдобрата илустрација за тоа како треба да функционира државата. Системот важи и постапува еднакво кон сите и ако регистрира прекршок – санкцијата следи, без разлика кој е во возилото. Нема исклучоци, нема селективност, нема привилегирани. Управувањето со возило е обврска, не привилегија. Така се гради доверба, така се гради безбедност“, напиша Тошковски на ФБ.
Системот „Сејф сити“ пробно почна да функционира на 1 декември, а официјално треба да биде пуштен во употреба на почетокот на следната година.
Македонија
Томовски: СДС да се извинат за клеветите и измислицитe, посочената компанија не е моја, во моментов немам никаква приватна компанија
„Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам“, реагира директорот на СОЗР, Ивица Томовски, откако СДСМ на прес-конференција утринава обвини дека негова семејна фирма која го менувала името, добила 161 тендери вредни над 5 милиони евра.
„СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи. Власта е одговорност и таму не се доаѓа со пазарџиски финти, клевети. Очигледно тоа е нивната понуда, а народот ќе суди, впрочем како што им пресуди на последните избори. Слободно сите можни институции да проверат сè, а искрено од СДСМ не очекувам извинување затоа што за извинување потребна е доблест и морал, а тоа одамна видовме дека го немаат“, пишува Томовски на ФБ.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра
Опозициската СДСМ денеска обвини дека семејната фирма на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, која го менувала името, добила 161 тендери вредни над 5 милиони евра.
„Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт семејната фирма на Томовски ја зголемила својата деловна дејност за 306%!!! И тоа само во 2024 година. Случајно, им тргнало чистењето на буџетот. Само оваа 2025 година, фирмата добила 10 тендери од речиси половина милиони евра. Сопственик на Сити логистик во мометнот кога е основана е Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски а управител Слободан Кутановски, нивни близок роднина. Потоа се менува името на фирмата, Сити аутсорсинг. Иста адреса, ист единствен матичен број на субјект, само со друго име. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат. А каде завршуваат парите освен во џебовите на фамилијата Томовски: откриваме наскоро во наредните бомби“, кажа денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО на СДСМ.

