Економија
Заев побара од Јункер изземање на македонските компании од анти-дампинг мерките

Претседателот на Владата, Зоран Заев, разговараше телефонски со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Разговорот, како што соопшти владината прес-служба, доаѓа по иницијатива на премиерот Заев, за да го информира претседателот на ЕК за реформските процеси во земјава, со кои се исполнуваат задачите кои Европскиот совет ги одреди како предуслов за формален почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година, како и за политичките процеси за усвојување на уставните амандмани.
Заев за време на разговорот го информирал Јункер за двата паралелни процесa кои Европската комисија ги отвори во врска со увоз на производи од челик и алуминиум, а кои директно засегаат неколку компании од Македонија.
„Премиерот Заев посочи дека времените заштитни мерки и анти-дампинг постапките со кои се засегнати неколку држави, меѓу кои и Македонија, имаат негативни последици кон економијата на државата. Притоа, бидејќи Македонија незаслужено се најде на листата за овие мерки, премиерот Заев го замоли претседателот на ЕК, Јункер, да ја разгледа можноста за изземање на нашата држава од времените заштитни мерки и побара решавање на ова прашање со заемно прифатливо решение, во рамките на процесот на стабилизација и асоцијација“, соопшти Владата.
Дополнително, премиерот изнел уверување дека постоечката верификациска мисија на Европската комисија, во македонските компании, за анти-дампинг истраги ќе заврши успешно и дека европските експерти ќе се уверат дека нема дампинг практики во овие компании.
Од Владата информираат дека Заев и Јункер на крајот од разговорот се согласиле дека Македонија покажува видлив и значителен напредок на полето на реформите, а очекувано е и успешно завршување на процесот на уставните промени утврдени во договорот со Грција.
Заедничка е оценката дека доколку нашата држава продолжи и го засили темпото на реформи и завршување на процесот на уставните измени, ќе го трасира патот за почеток на преговорите по европските избори во 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Опозицијата се служи со лаги, земјоделските производи се откупуваат

„Исплатата на субвенциите кај земјоделците е навистина за мене би рекол изненадувачки позитивна, бидејќи изминатата недела веќе се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7 илјади земјоделци и ценам дека на тој начин ќе продолжиме и понатаму да ја придвижуваме економијата и земјоделската активност“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на обвинувањата од страна на опозицијата Мицкоски посочи дека тие се служат со лаги, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но како што рече земјоделците да бидат спокојни бидејќи имаат Влада која работи во нивен интерес.
„Ги следам пораките од опозицијата коишто се обидуваат повторно со конструкции, лаги, да напаѓаат. Јас би сакал да кажам следно: фактите се сосема поинакви. А, кои се фактите; оваа Влада беше избрана пред нецели 14 месеци, имавме во национални шуми и во А.д. Водостопанство неисплатени плати повеќе од 3 месеци, тоа се заврши и се исплатија тие плати и до ден денес се исплаќаат редовно.
Имавме неисплатени субвенции од 2021 година, сега се завршува со исплатата на субвенциите за 2024 и се отпочнува со тековните од 2025 година. Во делот на тутунот-договорите коишто беа потпишани на 375 денари по килограм и 80 денари субвенција откако беше избрана оваа Влада, со нови преговори со откупувачите се качија од 375 на 400 денари и субвенцијата од 80 на 100 денари со што се постигнаа рекордни 500 денари по килограм продаден тутун, а реколтата од 17, 18 милиони килограми порасна на 22, 23 милиони килограми, затоа што донесовме закон во којшто кажавме сè додека и последниот лист македонски тутун не биде откупен нема да се увезува друг тутун.
Рано-градинарските продукти, дали е тоа зелката пролетна, доматите, краставицата, лукот, кромидот, пиперките итн. забележуваат рекордна откупна цена. Затоа што ние како Влада и Министерството не се договараме со откупците околу цената, како некој што го правеа тоа во минатото да профитира на маката на земјоделците и секаде се бележат рекордни цени. И кај мелничарите, и кај производителите на пченица, кај грозјето исто така. Оваа година имаме и род 25% повеќе, затоа што навремено работеа системите за водоснабдување коишто минатата година не работеа; ако минатата година беше 70, 75 милиони килограми, сега ќе биде над 100.
И тоа сè се факти. А тоа што го гледаме од страна на опозицијата е само обид да се конструира нешто и мал обид за политикантство; тие си имаат своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Тие ќе лажат, нема да ја говорат вистината мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но граѓаните нека бидат спокојни имаат Влада којашто води сметка за се“, истакна тој.“
Економија
9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Стоковите резерви на пченица се полнат со македонска пченица, откупена директно од македонските земјоделци. Државните резерви, со своите вредни и неуморни раце, ги полнат македонските земјоделци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, 9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви.
Тоа ја покажува и потврдува вистинската грижа и посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за интересот на државата и земјоделците.
Наместо да се купува увозна, која како држава скапо ја преплаќавме, како што беше случај во време на власт на СДС и министер Љупчо Николовски, сега државните стокови резерви ги полни пченицата од македонските земјоделци.
За време на владеење на СДС, стоковите резерви се полнеа со пченица купена од странство за 25% поскапа од берзанска, односно 27 денари по килограм, што беше за шест денари поскапо.
А профитот, односно ќарот 100% од ваквите зделки, завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка завршува директно кај македонскиот земјоделец.
Тоа време заврши. Сега никој не заработува на грбот на другите, посебно на трудот на земјоделецот и на штета на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Економија
Трипуновски: Над 280.000 тони домашна пченица ќе се откупат за стоковните резерви

Зголемување од 2 проценти годинава во однос на минатата има кај површините кои беа засеани со пченица.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пренесува изјава на министерот Цветан Трипуновски кој посочува дека согласно првичните податоци од науката и теренските сондажи, се бележи „сериозен раст во делот на просекот кој ќе биде на државно ниво – тој ќе се движи оваа година над 4 тони по хектар.
-Овие 70.000 хектари кои ги имаме во евиденцијата како Министерство, засеани со пченица, ќе дадат просек кој е многу поголем од минатите години. Ќе добиеме производство од 280 до 300.000 тони пченица, со што ќе се задоволат домашните потреби, наведува Трипуновски.
Во минатото, како што вели, главната забелешка беше што државата дозволуваше стоковните резерви да се полнат со увозна пченица, наместо да се полнат од домашното производство.
-На владина седница донесовме одлука каде што преку Агенцијата за стоковни резерви од индивидуалните земјоделци ќе се врши откуп на 9.000 тони пченица за потребите на стоковните резерви, појасни министерот Трипуновски.
Додаде дека стоковните резерви ќе бидат полнети во повеќе региони низ Македонија: во битолскиот и во прилепскиот регион, дел во Овчеполието и во западна Македонија.