Македонија
Денеска сончево, од утре дожд и снег

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Максималната температура ќе се движи од 6 до 12 степени. Во Скопје ќе биде сончево со мала облачност. Максималната температура ќе достигне до 8 степени.
Под влијание на влажен бран утре попладне и во текот на ноќта кон недела ќе има повремени врнежи од дожд, особено во западните подрачја. На планините врнежите ќе бидат од снег. Во недела во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Нови врнежи се очекуваат во текот на ноќта и во понеделник кога поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а во некои пониски места од дожд и снег. На планините ќе се формира нова снежна покривка
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собрани речиси 2 милиона евра за настраданите од пожарот во Кочани

Црвениот крст денеска соопшти дека на апелот за помош на повредените и за семејствата на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 100 беа повредени, се собрани над два милиона евра.
„Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со 17.4.2025 година, собрани се 128.011.651,00 денар за настраданите од пожарот во Кочани“, соопштија од таму.
Денес, Црвенот крст изврши трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000 денари.
Црвениот крст заедно со партнерите продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението.
Македонија
Димитровски: Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакна дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, рече Димитровски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Македонија
Македонија мора да биде подготвена како Исланд за членство, а ЕУ да биде искрена и брза во поддршката, ѝ порача Кос на Зајкова

„Македонија мора да ја направиме подготвена како Исланд за членство, да бидеме со усогласено законодавство и европски стандарди дома, а Европската Унија да биде искрена, брза и креативна во поддршката на нашиот европски пат, вреднувајќи го напредокот на земјите според исполнетоста на стандардите и вредностите на ЕУ односно согласно Копенхашките критериуми“, беше пораката на претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, утрово во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан.
Зајкова и Кос разменија мислења за европската перспектива на Северна Македонија и итноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Во разговорот Зајкова истакна дека Македонија не смее да биде изоставена на европскиот пат, кој треба да се темели исклучиво врз основа на критериумите од Копенхаген.
На средбата беше договорена и скорешна официјална посета на Брисел на претседателката на ЛДП, Зајкова, која е воедно и претседателка на либералите од југоисточна Европа – ЛИБСЕН. Во пријателски позитивниот разговор беше постигната заедничка согласност дека кредибилна европска перспектива за Западен Балкан е клучна за стабилност и развој на регионот.
Зајкова уште еднаш се заблагодари на ЕУ за итната реакција по трагедијата во Кочани, посочувајќи ја вклученоста на Македонија во Европскиот систем за справување со кризи како одличен пример дека целосната европска интеграција има огромно значење за секојдневниот живот на македонските граѓани.