Македонија
Со ИПА-грант подобри услови за настава за 500 ученици во кумановско Черкези
Над 500 ученици во кумановското село Черкези добија подобри услови за настава преку грант-средства од Европската Унија, односно инструментот ИПА. Грант-средствата во износ од 1,96 милион денари за реновирање на основното училиште „Јероним де Рада“ се доделени преку проектот за подобрување на општинските услуги, кој го реализира Министерството за финансии со поддршка на Светската банка и Европската Унија.
Со реновирање на училишната зграда обезбедени се подобри услови за 530 ученици, како и за 58 вработени во училиштето. Направена е промена на внатрешната столарија, поставени се гипсни плочи на таванот, заменети се подовите, санирани се дупките и молерисани на sидовите.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, истакна дека проектот за подобрување на општинските услуги поддржува подобри услуги во сите општини во земјата, што вклучува и подобри услови за настава во училиштата и градинките. Тој рече дека преку проектот, но и други мерки и реформи, Владата настојува да го подобри образовниот процес во земјата.
„За одржлив економски раст и подобар животен стандард треба да се инвестира во човечкиот потенцијал. Инвестициите во oбразованието се од исклучително значење. Секој од нас е добар во нешто и има нешто да понуди. Оределбата на нашата Влада е да вложува во образованието – како во образованата инфраструктура така и во подобрување на квалитетот на образовните програми. За в година за буџетот се издвоени 27,4 милијарди денари за образование, што е 2 милијарди повеќе во однос на годинава“, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Амбасадорот на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар, истакна дека според финансиските средства можеби ова е мал проект, но со огромно влијание бидејќи ги подобрува условите за настава за децата во училиштето.
„Првите години во развојот на децата се најважни за нивниот правилен развој. Токму поради таа причина од огромна важност е децата да имаат соодветни услови за учење. Со овој проект се работи токму на оваа цел“, рече Жбогар.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитривески, посочи дека преку вакви инфраструктурни проекти општините работат на подобрување на условите за живеење во руралните средини.
„Една од стратешките цели во потстратегијата за рурален развој на општината е подобрување на условите за живеење на населението во руралните средини преку реализирање на конкретната цел, односно подигање на стандардите на живеење преку имплементација на инфраструктурни проекти, како што е овој проект за адаптација на училиштето“, рече Димитриевски.
Директорот на канцеларијата на Светската банка во Македонија, Марко Мантованели, посочи дека адаптацијата на училиштето е дел од поголем проект. Преку проектот за подобрување на општинските услуги реализирани се повеќе инфраструктурни проекти, кои придонеле за подобри услови за живеење за голем број граѓани во земјата.
„Ова е дел од посеопфатна програма што ја правиме заедно со Министерството за финансии во рамките на МСИП-проектот. Во рамките на таа програма 12.900 семејства имаа чиста и поквалитетна вода за пиење и повеќе од 524.500 граѓани имаат пристап до подобри комунални услуги“, рече Мантованели.
Проектот за подобрување на општинските услуги овозможува финансирање капитални општински проекти, како водоснабдување, канализација и одведување отпадни води, енергетска ефикасност (улично осветление, изолација на општински објекти и сл.), локална патна инфраструктура (модернизација и реконструкција на улици и патишта), комунални услуги (набавка на возила за јавните комунални претпријатија) како и други општински услуги и надлежности (изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона и сл.).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши: Денот на лицата со попреченост е повик за институционална одговорност да изградиме општество каде секој поединец е третиран со достоинство и почит
По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост и Меѓународниот ден на човековите права, денеска, се одржа настан на тема „Поттикнување на инклузивни општества за лицата со попреченост за унапредување на социјалниот напредок“.
Присуствуваа претставници од парламентот, институции, граѓански организации, академската заедница, како и студенти и засегнати страни.
Настанот започна со поздравно обраќање на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и воведно обраќање на претседавачот на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост, Никола Мицевски.
„Посебно задоволство и чест е да бидеме заедно во Собранието на овој настан што нè потсетува на една од најфундаменталните вредности на демократијата: вклучувањето на секој граѓанин без разлика. Денот на лицата со попреченост е годишен повик за размислување за нашата институционална одговорност да изградиме општество каде што секој поединец е третиран со достоинство, еднаквост и почит“, истакна Гаши.
Во однос на овогодишната тема, „Поттикнување на инклузивни општества за лицата со попреченост за општествен напредок“, Гаши сподели дека таа нè потсетува дека напредокот на едно општество се мери не само според економскиот или технолошкиот развој, туку и според неговата способност да создава простори каде што секој човек, без оглед на предизвиците со кои се соочува, може да напредува, да придонесува и да го реализира својот уникатен потенцијал.
Претседавачот на Групата, Мицевски посочи дека одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост и Меѓународниот ден на човековите права ни служи да се подсетиме на важноста на најголемиот демократски принципи, а тоа е вклучувањето на сите наши граѓани во демократските процеси. На овој ден кажуваме дека тие се видливи, а ние како политички чинители внимаваме на нивната општествена благосостојба при креирањето на политиките. Оваа важна комуникација се спроведува преку Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост.
Потоа следеа презентациите на Јоана Тренеска (ИДСЦС / ПСП) и Ана Богдановска (Парламентарен институт) кои ја претставија актуелната состојба и наоди од истражувања за маргинализираните групи и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Во панел-дискусијата, модерирана од Александра Крстеска (НДИ), панелистите Ангелинка Петкова, Јована Тренчевска, Снежана Трпевска, Елена Кочоска и Љубиша Савески разговараа за стратегиите за унапредување на инклузивноста, социјалниот напредок и пристапот до образование, здравство и социјални услуги за лицата со попреченост.
Настанот заврши со прашања и коментари од публиката, при што студентите и претставниците на граѓанските организации активно учествуваа во дискусијата.
Македонија
Минчев на средба со француски експерти за воспоставување на Академијата за обука на административните службеници
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Jean-Michel Eymeri-Douzans од Институтот за политички студии во Тулуз, истакнат француски експерт за јавна администрација, како и со Неда Малеска Сачмароска, извршен директор на Центарот за управување со промени (ЦУП). Средбата се одржа во рамки на проектот „Поддршка за воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници“.
Разговорите беа насочени кон експертската поддршка за подготовка на подзаконските акти неопходни за воспоставување на Академијата за обуки и стручно усовршување на административните службеници, за изработка на јасен модел според кој ќе се планираат обуките, како и за подготовка на сеопфатна анализа што ќе ги утврди конкретните потреби за обука на административните службеници.
Министерот ја истакна значајната улога на идната Академија како институционален столб за континуирано професионално развивање на административните службеници во рамки на Министерството.
Министерството за јавна администрација во септември годинава потпиша Меморандум за соработка со Амбасадата на Република Франција, со што и официјално започна реализацијата на овој стратешки проект кој има за цел подигнување на квалитетот, ефикасноста и професионалните стандарди во јавната администрација.
Во таа насока, министерот Минчев истакна: „Воспоставувањето на Академијата претставува клучен чекор кон создавање модерна, компетентна и сервисно ориентирана јавна администрација. Посветени сме на тоа административните службеници да добијат систематска, квалитетна и континуирана обука, а поддршката од француската страна и од експертите е од исклучително значење за успешно реализирање на оваа реформска цел.“
Оваа средба претставува уште еден важен чекор во унапредување на соработката со меѓународните партнери и во градењето на современ систем за обука и професионален развој на административните службеници, истакнуваат од министерството.
Македонија
Муцунски: Оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти во каква било форма
Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Градиме партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина, напиша на социјалните мрежи министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма.
Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина“, нагласува Муцунски.
Според него, стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели, како што вели, на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста.
„Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните – а не сценарија измислени за дневнополитички потреби.
Темата за наводно прифаќање мигранти претставува класичен дневнополитички обид за дефокус – последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која СДСМ е заглавен подолг период. Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми“, пишува Муцунски.

