Македонија
СЈО ќе може кривично да ги гони претседателот на државата, амбасадори и функционери во правосудството
Специјалниот јавен обвинител ќе може кривично да ги гони претседателот на државата, амбасадори и други претставници на државата во странство, предвидува предлог-законот за специјалното јавно обвинителство, објавен на ЕНЕР. Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе се трансформира во специјално јавно обвинителство.
Шефот на СЈО го избира Советот на јавните обвинители за време од пет години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор. Во предлогот пишува дека јавните обвинители во СЈО по објавен оглас по предлог на специјалниот јавен обвинител ги избира Советот на јавните обвинители од редот на избраните јавни обвинители на неопределено време. Бројот на јавните обвинители, според предлог-законот, го определува Советот на јавните обвинители по предлог на специјалниот јавен обвинител во зависност од потребите, сложеноста и обемот на работа.
Освен прислушувањето, СЈО ќе може да гони кривични дела што ги извршиле претседателот на државата, поставените амбасадори и други претставници на државата во странство и именувани лица од претседателот на државата, избрани или именувани функционери во и од Собранието, во и од Владата, во судовите, јавното обвинителство, Судскиот совет, Советот на јавните обвинители, избраните градоначалници на единици на локалната самоуправа и Град Скопје и одговорни лица во политички партии против изборите и гласањето; животната средина и природата; културното наследство и природните реткости; јавни финансии, платен промет и стопанство.
СЈО ќе може да гони дела што ги сториле вооружените сили; дела против службената должност и јавниот ред, како и кривичните дела неовластено одавање информации и податоци за сведоците, соработниците на правдата, жртвите што се јавуваат во својство на сведоци и нивните блиски лица од Законот за заштита на сведоците и кривично дело давање лажен исказ, спречување докажување, незаконито влијание врз сведоци, присилба према правосуден работник, спречување службено лице во вршење службено дејствие, ако овие дела се сторени во врска со постапки што ги води специјалното јавно обвинителство.
Во предлог-законот пишува дека по писмено барање од специјалниот јавен обвинител, јавните обвинителства се обврзани во рок од осум дена да го предадат предметот по кој постапуваат за да се одлучи дали тој спаѓа во надлежноста на специјалниот јавен обвинител во согласност со неговата наделжност.
Ако специјалното јавно обвинителство биде укинато, Советот на јавните обвинители ќе го распореди шефот на СЈО како јавен обвинител во Јавно обвинителство на Република Македонија, а јавните обвинители во специјалното јавно обвинителство како јавни обвинители во Вишите јавни обвинителства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

