Македонија
(Видео) Заев: Стануваме нормална, европска земја
Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја-членка на НАТО и во јуни 2019 година ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на Поглавјата за Европската Унија, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Лисабон, во рамки на дводневната работна посета на Португалија и неговото учество на Конгресот на ПЕС.
Во однос на процесот во Парламентот, во врска со уставните измени, согласно Договорот од Преспа, премиерот Заев во одговор на новинарско прашање изрази уверување дека инклузивниот процес во Собранието ќе заврши успешно.
„Досега како што се движат работите, преку еден интерактивен процес во самиот Парламент, верувам дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство како што се обезбеди на самиот почеток, за да се отворат уставните промени. Јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и верувам дека и преку тоа граѓаните ќе дознаат и за сите детали од самиот Договор со Грција, но и Парламентот ќе изнајде начин како да собере сила и да ја гарантира иднината на Република Македонија. Затоа што конечно со овој Договор, а и претходно со Договорот со Бугарија, ние ги затворивме нашите билатерални проблеми, кои што ги имавме со соседите. Стануваме нормална земја, европска земја, каде што заедно со реформите се надеваме, убедени сме дека навистина ќе бидеме следната, триесетта земја-членка на НАТО и во јуни 2019 година, ќе ги отпочнеме преговорите со отворање на Поглавјата за Европската Унија“, рече премиерот Заев.
На прашањето на медиумите за бегството и однесувањето на претходниот премиер, Никола Груевски, кој избега од Македонија, премиерот Заев рече дека согласно меѓународните стандарди и конвенции Груевски треба да биде вратен на издржување на правосилната судска пресуда во Македонија. Заев изрази надеж дека Унгарија ќе ги преиспита одлуките и ќе го врати на издржување на казната.
„Во Македонија, едно од најсилните реформи е реформата во правосудството, целиот правосуден систем е под строга контрола и мониторинг на Европската комисија и Европската Унија и преку еден транспарентен процес, јасна е казната на Никола Груевски со правосилна пресуда, која што беше дадена од судот. Но, давањето на азил од страна на Унгарија за нас е навистина неприфатливо, затоа што ниту по еден меѓународен закон, меѓународна конвенција, дури и по законодавството на Унгарија, не е дозволен азил за човек, кој што е веќе осуден со правосилна пресуда. За нас е тоа многу горчливо чувство заради тоа што од една земја членка и на ЕУ и на НАТО, ваков сигнал да добиеме како земја кандидат навистина е непријатно. За нас, владеењето на правото, е светост, за нас европските вредности се светост. Ние се надеваме на тие европски вредности и веруваме дека навистина Унгарија ќе ги разгледа своите одлуки, ќе одговори на нашите барања и ќе го врати Никола Груевски на издржување на казната“, рече премиерот.
Заев изрази уверување дека, како што рече, пријателска Унгарија ќе постапи онака како што меѓународните Конвенции, меѓународното право тоа го предвидува, а тоа е да го прифати нашето барање за да го испорачаат или екстрадираат Никола Груевски назад во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.
Македонија
Ѓорѓиевски најавува враќање на празничниот дух, на 15 декември почнуваат настаните на плоштад „Македонија“
На 15 декември почнуваат предновогодишните настани на плоштад „Македонија“.
„Градот Скопје со радост најавува дека годинава празничниот дух повторно се враќа на плоштадот „Македонија“. Со посебна атмосфера, богата програма и многу изненадувања за сите генерации, претстојниот настан го означува почетокот на новогодишните и божиќните празнувања во главниот град“, велат од Градот.
„ Ајде заедно да го осветлиме градот. 15.12.2025 во 18:00 часот. Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња, нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух. Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации. А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен“, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Притвор за скопјанецот кој насилно упадна во студиото на „Инфомакс“
Судот му определи притвор на 43-годишниот скопјанец кој вчера насилно упадна во студиото на „Инфомакс“.
Според информациите од МВР, полицијата поднесе кривична пријава по брза постапка против Г.С.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела насилство и спречување на службено лице при вршење службено дејствие.
„Имено по претходна пријава од страна на А.М. водител на емисијата ‘Инфомакс’ и по преземени мерки од страна на полициските службеници извршен е разговор со оштетениот и сведоците на настанот, обезбедени се видео записи од безбедносни камери, извршен е службен разговор со пријавениот и документирани се заканувачки пораки од пријавениот кон оштетениот. Тој е изведен пред судија на претходна постапка при што му е изречена мерка притвор“, соопшти МВР.

