Македонија
Семејствата на убиените кај Смилковско нема да ги слушаат наодите од судската медицина

Семејствата на петтемина убиени кај Смилковско Езеро нема да присуствуваат на денешното рочиште во кривичниот суд каде што ќе бидат презентирани наодите од судската медицина бидејќи, како што рекоа на минатото рочиште, не можеле да слушаат исказите на вештаците.
Денешното рочиште кое беше закажано за во 10 часот, поради технички проблеми во кривичен беше одложено за по 11 часот. На рочиштето треба свој исказ да дадат вештаците од судската медицина заедно со вештаците за балистика од МВР кога ќе бидат образложени повредите што им биле нанесени на петтемина убиени кај Смилковското Езеро.
На минатото рочиште за „Монструм“ вештаците не кажаа со кого и во кој период разговарале обвинетите појаснувајќи дека тие не се надлежни за детална анализа на содржината на пораките. Судијата Огнен Ставрев истакна дека судот ги поседува комуникациите и дека, најверојатно, ќе бидат презентирани во некои од наредните рочишта.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претреси во домови за стари лица во Скопје под сомненија за нехуман третман: две лица уапсени

По добиени сознанија за можен нехуман третман на стари лица – корисници на услуги за вон-семејна заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во координација со Министерството за внатрешни работи, Единица за економски и компјутерски криминал, презема дејствија за расчистување на случајот, соопштија надлежните.
„Откако беа прибрани доволно информации кои ги потврдуваат основите на сомнение, вчера беа извршени претреси на четири локации поврзани со две приватни установи за социјална заштита на стари лица. Денеска се вршат претреси на уште две поврзани локации. До овој момент две лица се лишени од слобода.
На лице место, покрај претставниците од МВР и обвинителството, присуствуваат и инспектори од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, како и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство. Во акцијата се вклучени и претставници од Центрите за јавно здравје, доктори од Итната медицинска помош и од Институтот за судска медицина и криминалистика.
Македонија
Од денес почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи, објави Министерството за здравство

Министерството за здравство информира дека од денес почнува пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи.
– Интересот на граѓаните за бесплатната вакцинација против сезонски грип секоја година е сѐ поголем, што покажува зголемена свесност за значењето за заштита од грип, и уште еднаш ја потврдува важноста и потребата од оваа превентивна мерка. Ги повикувам граѓаните, а посебно лицата од ризичните категории навреме да го заштитат своето здравје. Министерството годинава набави историски најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија, истакна министерот за здравство, Азир Алиу.
Македонија
Сестринската професија со децении била потценета и маргинализирана во системот: Алиу ги сослуша претставниците на Унијата на медицински сестри

Министерството за здравство ја почитува улогата и професионалниот придонес на медицинските сестри во здравствениот систем. Најнапред, во однос на вчерашната јавна дискусија, ја информираме јавноста дека станува збор за еден од повеќето чекори во тековниот процес на системско усогласување на 12 закони во здравството. Процесот е етапен, континуиран и максимално инклузивен, со вклучување на стручни здруженија, институции од системот, комори и меѓународни партнери, истакнуваат од ова министерство откако Унијата на медицински сестри реагираше дека не се сослушани нивните ставови.
„Министерот за здравство, Азир Алиу, денес ги прими претставниците на Унијата на медицински сестри ЗМСТАС „За нас“ и ги сослуша нивните ставови. На средбата јасно беше истакнато дека процесот за усогласување на 12-те закони не е затворен ниту финализиран, туку продолжува по етапи, со можност стручните забелешки да се вградат пред влегување во собраниска процедура. Министерот апелираше процесот да не се политизира, туку да остане во рамки на професионален дијалог и аргументирани предлози, во интерес на пациентите и целокупниот здравствен систем“.
На средбата Алиу истакнал дека ја препознава реалноста дека сестринската професија со децении била потценета и маргинализирана во системот — и токму затоа тековните реформи имаат цел системски да ја унапредат нејзината позиција, статус и глас во креирањето политики.
„Воедно потенцираме дека процесот на усогласување на пакетот од 12 закони е во тек и не е завршен. Тој ќе продолжи инклузивно и отворено, а секоја заинтересирана страна ќе има можност да даде свој придонес сè до моментот кога законските решенија ќе влезат во собраниска процедура и ќе бидат разгледувани и изгласани од пратениците“.
Унијата на медицинските сестри претходно реагираше и бараше да бидат слушнати нивните ставови.