Црна хроника
Обвинителството бара притвор за скопјанец фатен со дрога и оружје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице затоа што постои основано сомнение дека сторило кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик, како и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Според кривичната пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, при претрес во домот на осомничениот било утврдено дека тој неовластено заради продажба кај себе држел разновидна наркотична дрога, соопштуваат од ОЈО.
„Притоа од страна на припадниците на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје биле пронајдени и одземени: 448,95 грама марихуана, 389,17 грама хероин, 66,73 грама хашиш и 1,79 грама кокаин во различни пакувања, како и неколку дигитални ваги со остатоци од различна наркотична дрога. Осомничениот кај себе неовластено држел и огнено оружје: еден револвер марка Astra Cadix од шпанско производство, како и еден пиштол марка Ekol Special 99% со рамка кој бил пренаменет во огнено оружје. Кај него биле пронајдени и вкупно 199 куршуми од различен калибар и за различни огнени оружја“, стои во соопштението на јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи за определување мерка притвор за осомниченото лице, особено имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на кривичните дела, како и висината на запретената кривична санкција која изнесува од три до десет години за секое кривично дело за кое е осомничен, велат од ОЈО. Поради постоење на опасност од бегство и околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот би можел да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Нелегално поседувал воздушна пушка: пријава против маж во Охридско

Вчера при претрес во домот на С.Т.(32) од охридското село Лескоец, извршен со судска наредба, полициските службеници од СВР Охрид пронашле и одзеле воздушна пушка „Славија“ калибар 4,5 милиметри, која нелегално ја поседувал.
Според полицијата, по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Пијан возач удрил во паркирано возило во Кичево

Утрово во 00:35 часот на улица „Јанко Михајлоски“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишија од слобода М.Ц.(42) од Кичево.
Претходно, тој, управувајќи патничко возило „рено“ без регистарски таблички, удрил во паркирано возило „мицубиши“ со скопски регистарски ознаки.
При преземање мерки во врска со настанот, извршено е алкотестирање, при што полициските службеници констатирале дека го управувал возилото по дејство на алкохол, односно измерени му се 1,72 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти полицијата.
Црна хроника
Турчин уапсен на Табановце: кај него пронајдена марихуана и дробилка

Вчера во 18:15 часот на Граничен премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници го лишија од слобода 27-годишнниот А.Х. од Република Турција.
При гранични проверки, односно преглед кај него и контрола на возилото во кое бил сопатник, кај него се пронајдени марихуана и дробилка.
Лицето е задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.