Македонија
Џафери-Ручи: Иднината на Западен Балкан е влез во големото европско семејство
На покана од претседателот на Собранието, Талат Џафери, делегација предводена од претседателот на Собранието на Република Албанија, Грамоз Ручи, е во официјална посета на Македонија.
Како што инфорираа од Кабинетот на претседателот на Собранието, Ручи бил дочекан со високи државни почести, а првата средба на оваа официјална посета се оствари со домаќинот, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.
Џафери за време на средбата истакнал дека за него претставува особена чест да оствари средба со пријателска земја како што е Албанија, со која, како што стои во соопштението, имаме одлични билатерални и мултилатерални односи и потенцираше дека парламентарното мнозинство се залага за добрососедска политика и евро-атлантска интеграција.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието додаваат дека тој исто така ја поздравил и поддршката што Албанија како членка на НАТО ѝ ја дава на Република Македонија и изрази надеж дека оваа поддршка ќе продолжи со зголемен интензитет, особено во претстојните месеци кога се очекува финализирање на евро-атлантската интеграција на Република Македонија со нејзино полноправно членство во НАТО.
Во однос на евроинтеграциските процеси на двете земји, и двајцата претседатели истакнале дека е потребна континуирана заемна поддршка бидејќи иднината на Западниот Балкан е влез во големото европско семејство на сите земји кандидати од овој регион.
Двајцата соговорници разговараа и за актуелните случувања во двата парламента, како и за предвидените парламентарни активности во наредниот период и заеднички констатираа дека двата парламента треба да ја зајакнат соработката на ниво на групи за соработка, комисии и на административно ниво.
Претседателот Ручи на средбата истакнал дека се посветува посебно внимание на малцинствата кои живеат во Албанија, а за тоа добар пример е македонското малцинство во Пустец. Исто така, претседателот Ручи посебен акцент стави на големите предизвици кои Република Македонија ги надмина со успех, како што е референдумот, Законот за јазици, договорот со Грција, кои се пример и патоказ за една земја која умее да покаже дека е подготвена за полноправно членство во Европската Унија.
За време на средбата се истакна дека двете соседни земји споделуваат заеднички интереси во многу области, и во таа насока од големо значење се економските, инфраструктурните и енергетските проекти, како што е изградбата на патот Ќафасан – Елбасан како дел од Коридорот 8, автопатот Елбасан – Дебар, како и железничката врска меѓу двете земји, проекти што се во завршна фаза. Двајцата соговорници се согласија и дека оваа официјална посета е продолжение на одличната соработка на парламентарно ниво, при што ги охрабрија парламентарните групи за соработка на двата парламента да ги интензивираат односите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

