Македонија
АХВ: Во Македонија нема африканска свинска чума

Агенцијата за храна и ветеринарство го демантира известувањето пратено до собирачите на шумски производи, испратено од „Македонски шуми“ – ПСШ Демир Капија, во кое, како што велат од таму, неодговорно се тврди дека во Република Македонија е потврдена појавата на опасната заразна болест африканска свинска чума кај диви свињи.
„Бараме од одговорното лице во ова јавно претпријатие, кое ја дезинформира јавноста и непотребно внесе страв и паника кај граѓаните, официјално да ја демантира ваквата дезинформација. Како одговорна институција ја информираме јавноста дека во Република Македонија во моментот нема појава на болеста африканска чума кај свињите, ниту во фармите ниту кај популацијата диви свињи“, велат од АХВ.
Од таму додаваат дека состојбата со болеста во соседството и во другите земји, каде што е потврдено нејзиното присуство од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, будно се следи на дневна основа и доколку има нејзина појава и кај нас, Агенцијата навреме ќе реагира и ќе ја информира јавноста.
„Апелираме до лицата што собираат шумски производи или други лица, кои по кој било основ најдат мрша од дива свиња, за тоа да го известат надлежниот официјален ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство или најблиското ветеринарно друштво“, велат од АХВ.
Агенцијата информира дека со оглед на тоа што болеста е потврдена во соседна Бугарија, но и во други земји од Европа и регионот, во сила се решенијата за забрана за увоз од земјите каде што е потврдено присуството на болеста. Донесено е и решение за воведување безбедносни мерки во однос на болеста африканска чума кај свињите со кое на сточарите што одгледуваат свињи им се наложи преземање безбедносни мерки на фармите.
За рано откривање, спречување и контрола на африканската свинска чума во фармите и во природата и за подигнување на свеста за оваа болест со поддршка на Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО, Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство од в година ќе работи на реализација на проект за подигнување на свеста за болеста африканска свинска чума кај ветеринарите, шумарските служби, свињарските фарми, фармерите и ловџиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Кисела Вода

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1523, објектите на фирмите Пастор, Орнамакс и други во нивна близина, корисниците од бул. Борис Трајковски од бр. 77 до бр. 85, како и корисниците лоцирани помеѓу објектите на фирмите Циле Инжињеринг и Интеграф. (општина Кисела Вода)
Македонија
Шукова: Време е за резултати, уреден Бутел, нови паркови, подобар превоз и вода за сите

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, вчера одржа митинг во Бутел, каде пред жителите порача дека Скопје мора да се гради со дела, а не со празни зборови.
„Вечерва не сум тука само како кандидатка за градоначалничка на Скопје. Тука сум, пред сè, како човек што верува во овој град и во луѓето што го прават Бутел дом,“ изјави Шукова.
Таа се осврна на реалните проблеми со кои се соочува општината запуштеното корито на Серава, недоволната инфраструктура, недостигот на јавен превоз и дотраената водоводна мрежа и истакна дека решенијата веќе се подготвени.
„Серава ќе стане место на кое ќе се гордееме уредено корито, пешачки и велосипедски патеки, зелена зона за сите. Новите паркови и 10.000 засадени дрвја ќе го вратат сјајот што Скопје го имаше пред децении,“ нагласи таа.
Посебен акцент стави и на водоснабдувањето и инфраструктурата:
„Денес, 60 проценти од питката вода се губи во системот. Време е за модернизација и стабилно снабдување со вода за секој дом. Новите мостови, клучки и булевари ќе го поврзат Бутел со целиот град и ќе овозможат безбедно и побрзо движење,“ рече Шукова.
Таа потсети дека во изминатите години градот беше заложник на неработење и популизам:
„Четири години ВМРО-ДПМНЕ ги запоставуваше општините. Време е за резултати, а не за слики и празни зборови. Половина од нашите проекти може веднаш да се реализираат,“ додаде таа.
Во својот говор, Шукова повика на единство и одговорност:
„Бутел не смее да биде изолиран. Бутел е почетна точка на модерното Скопје место каде што се инвестира, се гради и се слуша секој граѓанин.“
Македонија
Претежно облачно со врнежи од дожд, повремено пообилни

Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат пообилни во западните делови, каде се очекува локално да наврнат и над 25 l/m²дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд со послаб интензитет. Потоа следува претежно стабилно време со потпросечни температури за овој период од годината.