Македонија
Кривична пријава против Тодоров и Кралев – осомничени се дека го оштетиле буџетот за 80.000 евра
Поранешните министри за образование и наука, Никола Тодовор и Панче Кралев, се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластувањето во врска со јавна набавка за реконструкција на Домот на АРМ во Охрид.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против поранешните министри за образование Никола Тодоров и Панче Кралев и против И.Е., поранешен советник за капитално инвестирање во Министерството, и Н.Х., овластен раководител на сектор во МОН под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 80.000 евра.
„МОН во текот на 2009 година, по претходно спроведена постапка за јавна набавка, склучило договор за градење со изведувачот ‘Конструктор инженеринг’ АД Сплит за реконструкција и адаптација на Домот на АРМ во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички технологии. Првопријавениот Н.Т. како министер за образование и наука имал обврска да ги почитува законските процедури наведени во договорот и да го заштити буџетот на МОН. Второпријавениот И.Е. како советник за капитално инвестирање имал обврска, во согласност со условите и роковите наведени во договорот, да ја следи реализацијата на договорот за градење и да го известува министерот за образование и наука за текот на изведбата, како и за сите настанати проблеми при изведбата“, велат од Финансиската полиција.
Пријавените, додаваат од таму, и покрај тоа што биле свесни и запознаени за ненавременото извршување на работите, од страна на изведувачот во текот на 2009 година не презеле активности за активирање и наплата, но и не побарале продолжување на рокот за важност на банкарската гаранција за добро извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавните набавки и договорот со изведувачот.
„Со неизвршување на службената положба и овластувањето пријавените Н.Т. и И.Е. го оштетиле буџетот на МОН, односно буџетот на РМ со 4.761.207 денари“, велат од Управата за финансиска полиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: 3 милиони евра спорна документација во Лотарија оставиле Бајрами и Груби, СДС за ден повеќе власт немо одобрувале
СДС и ДУИ своето владеење го покажаа со раководењето на Државна Лотарија каде што Бајрами и Груби ја испокрадоа институцијата и избегаа. Додека едните крадеа, другите мижеа, и обратно. А некогаш и двете структури крадеа заедно, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Таков е и случајот со Лотарија, каде што Бајрами и Груби ја приватизирале институцијата и правеле што сакале, а СДС за да не ја распадне коалицијата, молчеле.
Во последниот извештај на ДЗР, утврдено е дека се исплаќале аванси за “мали добивки” на деловни соработници вредни 14 милиони денари, од кои, за 13 милиони денари документацијата била неуредна или невалидна.
Понатаму, ДЗР утврдил и спорна документација за 36 милиони денари готовински одливи и 7 милиони денари приливи. И за ова, во извештајот се вели дека има изјави дека за тие износи не се примени ниту вратени аванси.
Дополнително, ДЗР преку увид во трговските книги и анализи на податоци од централниот онлајн систем и платформата за интернет игри, утврдила дека се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции во износ од 123 милиони денари“.
Над 180 милиони денари или близу 3 милиони евра спорна, според Петрушевски, невалидна или неуредна документација оставиле Бајрами и Груби во Лотарија, а СДС, како што вели, молчеле и немо го одобрувале овој криминал за да не паднат од власт.
Затоа, додава тој, СДС и ДУИ се минато на политичката сцена и потребни се реформи. „Криминалците мора да одговараат“.
Македонија
(Видео) СДСМ поднесе иницијатива во Уставниот суд против Резолуцијата за мигрантите
Уставниот суд да ја поништи неуставната Резолуцијата и да го заштити Уставот и слободата на говор, побараа повторно од СДСМ.
„Кога Уставниот поредок и основните човекови права се загрозени, потребна е заедничка акција. Денеска СДСМ поднесе иницијатива до Уставниот суд против неуставната Резолуција на ДПМНЕ-ЗНАМ усвоена во Собранието. Конкретно, за повреда на дел 1 од Уставот, членот 16, кој ги гарантира: слободата на говорот, слободата на јавниот настап, слободата на уверувањето и јавното изразување. И коj забранува цензура во секаква форма“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Како што кажа тој, неуставната Резолуција е директен напад на слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата во целост, преку цензура.
„За која тема од исклучителен јавен интерес? Граѓаните тоа многу добро го знаат, за еден договор со Британија за кој јавноста дозна од британските медиуми, поврзан и со заем од 6 милијарди евра. Оваа тема никако не може да се третира како создавање паника и како закана за јавната стабилност. Не може Резолуција во Собрание да биде против „наративот на опозицијата“ и да се заканува повикувајќи се на кривичен законик, прекршоци и кривични пријави заради искажан збор“, рече Димитријевиќ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Тренчевска, новото лице на Филипче, стариот кадар на Заев
Претседателот во сенка Заев, му ги напиша и состави новите членови на раководството на неговиот чувар на фотелјата Филипче, кој без двоумење ги изгласа со две раце. Едно од така наречените нови лица е Јована Тренчевска, кадар на Заев од Струмица, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Подемите во политичката кариера Тренчевска ги добива токму од Зоран Заев. Таа станува државен секретар во Министерството за труд и социјална политика токму во времето кога Зоран Заев е премиер. Потоа станува и директор во неговата влада на Инспекторатот за труд, како и министер за труд и социјална политика, секако неуспешен.
Јована Тренчевска, граѓаните ја паметат по рекордните зголемувања на пензиите од 180 денари годишно. Јавноста ја памети Тренчевска по тоа што на работа го врати Александар Филев – трговец со дрога во Радовиш како директор на социјалното. Пензионерите ја паметат кога им велеше дека супер им било да живеат со 25.000 денари месечни примања, кога инфлацијата беше вивната до небото. Синдикалците ја паметат по тоа што местеше претседатели на синдикатите, по насока на нејзиниот лидер. Ја паметат и по кочењето на 16 согласности за воспитувачки и негувателки како и 10 согласности за помошно технички персонал во градинките во Бутел и во Куманово“.
Тренчевска минатата година по изборниот пораз на парламентарните избор, додава Манасиевски, си даде оставка од претседател на форумот на жени, каде што рече дека местото го остава на нови, поквалитетни и лица неизвалкани од минатото.
„Тренчевска изгледа има заборавено на ова што го има кажано, и по само една година за да му удоволи на Заев, стана потпретседател на Филипче.
Со ваквите кадри СДС тоне и оди во стечај. Народот не им верува“.

