Македонија
Нов дрворед со 300 дрвја во општина Сарај

Акцијата за засадување нови дрвја и за обновување на дрворедите во Скопје денеска продолжи со засадување нов дрворед по должината на улицата Сарај во општината Сараj, соопшти Град Скопје.
„На потегот од мостот на реката Вардар до раскрсницата кај Езеро Треска се подигаат нови дрвореди, во кои ќе бидат засадени над 300 висококвалитетни садници од видовите јасен и јавор. Веќе засадивме 100 садници, а во наредните денови ќе бидат засадени уште 200 садници“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.
Додаде дека изминатиов период е подигнат нов дрворед на Бит-пазар, а реконструирани се голем број постојни дрвореди кои биле уништени поради нерационалноста на претходната градска власт.
Оваа акција за обновување на зеленилото Градот Скопје ја реализира заедно со скопските општини кои во неа учествуваат со свои работници, механизација и садници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сите основни училишта во Карпош добиваат фотоволтаични системи, извести Општината

Општина Карпош информира дека континуирано работи на зголемување на енергетската ефикасност и искористувањето на обновливи извори на енергија на својата територија, водејќи грижа за комфорот и условите за престој на децата во детските градинки и основните училишта.
Во таа насока, минатиот викенд започна поставувањето на фотоволтаични панели во општинските основни училишта „Војдан Чернодрински“ и „Владо Тасевски“. Поставувањето на овие он-грид фотоволтаични системи со капацитет од 20 KW, претставува огромен чекор кон заштеда на енергија, намалување на трошоците и зачувување на животната средина. Проектот е реализиран со поддршка од повеќе институции, вклучувајќи ја Владата на РСМ, Министерството за образование, како и Бирото за регионален развој и Скопскиот плански регион, велат од општина Карпош.
Во петокот исто така беа поставени фотоволтаици во ООУ „Братство“ со капацитет од 25 KW, а за оваа интервенција Општина Карпош издвои парични средства од својот буџет во висина од 1.000.000 денари. Во таа насока, општинскиот Сектор за екологија и енергетска ефикасност деновиве ќе подготви стручна анализа, со која прецизно ќе се утврдат заштедите кои би се акумулирале од поставување на фотоволтаичните системи во училиштата, информираат од општината.
– Со ова училиштето ќе има заштеда на енергија поготово во летниот период кога нема настава, што значи дека тие ќе приходуваат на својата сметка за да ги намалат трошоците за струја во зимскиот период. Покрај оваа иницијатива, се заложивме сите училишта да имаат вештачка трева на своите спортски терени, во сите училишта ќе имаме по една компјутерска сала, а исто така сите основци во Карпош од петто до осмо одделение ќе работат на смарт панели. Сите училишни установи на наша територија ќе бидат реновирани, што значи дека целосно сме се посветиле на подобрување на условите за престој и работа на наставниците и учениците, истакна градоначалникот Јакимовски.
Досега, Општина Карпош со сопствени средства постави вакви фотоволтаични системи со капацитет до 40КW во основните училишта „Јан Амос Коменски“, „Лазо Трповски“, „Димо Хаџи Димов“, „Петар Поп Арсов“ и „Вера Циривири Трена“. Во рамки на годишната Програма на Секторот за екологија и енергетска ефикасност и Акциониот план за ЛЕАП 3, оваа година ќе се постават фотоволтаични системи и во останатите две основни училишта, „Аврам Писевски“ и „Христијан Тодоровски Карпош“. Со тоа сите основни училишта во општината ќе бидат целосно опремени со сопствени фотоволтаици, што ќе ги направи енергетски ефикасни и финансиски одржливи институции, се наведува во соопштението на општина Карпош.
Македонија
Викендов казнети 2.324 возачи, половина од нив за брзо возење

Во изминатиот викенд (12/13.04) продолжувајќи со засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 2.324 платни налози за сторени прекршоци од страна на учесниците во сообраќајот по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информира Министерството за внатрешни работи.
Во рамки на изречените санкции овој пат радарските контроли покажале дека дури 1.132 возачи не ја почитувале пропишаната брзина на движење, додека пак за неправилно паркирање евидентирани беа 271 прекршок, како и 191 прекршок заради управување на возило без возачка дозвола.
Покрај ова евидентирани се и 92 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, заедно со 105 возачи на мотоцикл кои што не носеле заштитна кацига, а 45 санкции се изречени за користење на мобилен телефон при возење. Исто така, 78 возачи се отстранети од сообраќај за возење под дејство на алкохол, а 16 минале на црвено семафор.
Во врска со прекршоците од Законот за возила од сообраќај се отстранети вкупно 64 возила од кои заради техничка неисправност осум а заради неважечка сообраќајна дозвола 56 возила.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.
Македонија
„СДС да не се бламира, туку да се информира за истрагата за случајот во Кочани“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Во СДС очигледно сонуваат навечер и кога ќе станат од досада решаваат да напишат соопштение, односно во истото да го раскажат сонот. Тоа е потврда и денеска, или пишуваат за случајот Кочани како немало истрага, како се било фарса“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на соопштениетo на СДСМ.
„Нема да им ги раскажуваме деталите, бидејќи надлежните институции на дневна основа информираат, секако за она што не може да влијае на истрагата.
СДС сега можат само да седат слушаат, поточно да се информираат за истрагата, прво за тоа што го пропуштиле па потоа за тоа што тековно ќе се случува.
Јасно им е на сите во каква состојба е СДС, ама барем нека не се бламираат дополнително, туку нека се информираат и нека почнат за добро на државата барем за оние малкумина верни што им останаа“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.