Македонија
(Видео) Манчевски и Поповски на конференција „Е-општество“ – Медиумски писмени граѓани за одговорни институции
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска учествуваа на 14. Меѓународната конференција „Е-општество“, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.
На конференцијата, со тема „Медиумски писмени граѓани за одговорни институции“, во пет одделни сесии се опфатени приоритетите во областите на слободата на изразување, медиумска писменост, транспарентноста и отчетноста. Беше констатирано дека е потребна координација и соработка со граѓанскиот сектор, бизнисите и академската заедница, со цел подобрување во работата на институциите и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.
Министерот Манчевски во своето обраќање се осврна на посветеноста на Владата преку транспарентноста и отчетноста на институциите да се доближи нивната работа до граѓаните, истакнувајќи ја посебно улогата на дигитализацијата на услугите, која, како што најави, ќе резултира со конкретни проекти во 2019 година.
„Со пуштање на употреба на националниот портал за е-услуги на почетокот на следната година и со можноста секој граѓанин да го активира својот електронски идентитет, долгите, сложени и нетранспарентни процеси за добивање документи и услуги ќе бидат минато. Секој ќе може од својот електронски уред да ја добие потребната услуга. Дигитализацијата на овие процеси ќе го намали влијанието на човечкиот фактор, а со тоа ќе се намалат и можностите за корупција“, рече Манчевски и додаде дека дигитализирањето на услугите ќе се врши со водење грижа за приоритетите, согласно со потребите на граѓаните и бизнис-секторот.
Говорејќи за медиумската писменост на граѓаните, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, истакна дека таа е силно и двонасочно поврзана со отчетноста на институциите констатирајќи дека со зголемувањето на бројот на медиумски писмени граѓани се зголемува и бројот на одговорни, отчетни институции.
„Како силни застапници на концептот ‘отворена влада’, кој во себе, меѓу другото, ги обединува комуникациите, транспарентноста и отчетноста, постојано имаме предвид да создаваме услови за да бидат исполнети функционално трите идеални улоги на медиумите кои можат да имаат огромно влијание врз доброто владеење, транспарентноста и одговорноста“, подвлече министерот Поповски.
Во оваа насока, тој ја оцени улогата на медиумите како набљудувачи и укажувачи, кои го штитат јавниот интерес преку следење на моќните сектори на општеството за откривање случаи на злоупотреба на власта, криминалот и корупцијата, како и ширењето на лагите и дезинформациите. Поповски се задржа и на последните извештаи на меѓународните институции и организации кои констатираат дека Република Македонија има демократско подобрување и станува држава со најветувачка шанса за демократски прогрес во Европа, како и дека е направен добар прогрес во слободата на изразување и подобрување на климата за работа со медиумите и намалување на притисокот врз нив, соопштија од Владата по завршувањето на конференцијата.
Во првата сесија се обратија и извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, и извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“, Фани Каранфилова-Пановска, и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар.
Тие се осврнаа на важноста на медиумската писменост, укажувајќи дека постојат многу предизвици во насока на подобрување на знаењата и вештините на граѓаните, за полесно оценување на информациите кои доаѓаат до нив од различни страни.
Говорниците се согласија дека е потребно поддржување проекти и заедничка платформа во насока на полесно справување со манипулациите и лажните вести од страна на граѓаните и следствено зголемување на нивната доверба во институциите кои ги почитуваат принципите на транспарентност и отчетност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

