Македонија
Завршија јавните дискусии за уставните измени, сугестиите ќе бидат испратени до Собранието
Јавните дискусии по нацрт-амандманите за уставните измени, со цел решавање на долгогодишниот спор со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, завршија во предвидениот рок од пет дена и опфатија широк спектар на засегнати страни.
Во рок од два дена по јавната расправа, Владата како овластен предлагач за уставните измени до Собранието ќе достави сублимиран извештај од главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт-амандамните или како амандмани на амандманите. Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани по јавната расправа и со одлука за измена на Уставот, што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.
„Уверен сум дека процесот ќе го затвориме во рамките на договореното и онака како што ќе пишува во одлуката за донесување на уставните измени во Законот за уставните измени, односно дека амандманите се составен дел на Уставот и ќе влезат во сила со денот на влегување во сила на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“, рече премиерот Заев на една од јавните расправи и потенцира дека измените на Уставот ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски, односно кога во ист ден ќе ги ратификува конечната спогодба за решавање на спорот за името и протоколот за нашето членство во НАТО.
Јавната дискусија почна со дебата во Владата и потоа продолжи со отворени настани за предложените уставни измени во МАНУ, на Универзитетот ФОН, во Општина Штип и во Тетово на Универзитетот на Југоисточна Европа со учество на претставници на академската и експертската јавност, претставници од граѓанскиот сектор, како и на граѓани што покажаа голем интерес на отворената покана на Владата.
Освен премиерот Заев, како претставници на Владата учество на овие дебати зедоа и заменик-претседателката во Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, како и повеќемина професори, академици и експерти за политички систем и уставни прашања кои беа поканети да го дадат своето стручно мислење за прашањата поврзани со уставните измени.
Во своите настапи за време на јавните дебати премиерот Заев потенцира дека и овој процес од посебен интерес за иднината за нашата земја се спроведува и организира со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање секое разумно и рационално дополнување и усовршување во духот на договорот од Преспа.
Во текот на дискусиите беа презентирани текстовите на усвоените четири нацрт-амандмани низ собранискиот процес, а посебно внимание се посвети на конструктивните предлози што дојдоа од пратениците во Собранието на Република Македонија, како и на предлозите од експертите и граѓаните што дојдоа преку отворената дебата.
За време на расправата беа разгледани предлози и сугестии, како што се прашањето дали како уставно решение да се набројат сите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, како правни решенија на кои се темели нашата државност или, пак, да бидат собрани во еден уставно-правен израз како конститутивни документи на нашата државност.
Како сугестија што се зеде предвид беше расправана и опцијата во Уставот да се наведе дека Република Македонија, освен за грижата за македонскиот народ во дијаспората, се грижи и за дијаспората на другите етнички заедници. За време на дебатите беше разговарано дека предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во Уставот и дека сите предложени решенија се во рамките на уставно-правниот јазик.
Во однос на преамбулата на Уставот како исход за државноста и нејзините специфики и како историско-политичка традиција врз основа на кои се гради духот на овој највисок државен конститутивен правен и политички акт, се нагласи дека преамбулата на Уставот треба да ги прецизира новите измени и да го одразува духот на новата реалност произлезена со договорот од Преспа.
За време на расправата преовлада мислењето дека нашата земја не може да ја смени својата географска положба, ниту својата историја, која е важна и темел на нејзиното постоење, но може да влијае на иднината со преземање на одговорноста и со донесување одлуки за имплементацијата на договорот од Преспа.
Учесниците на сите пет дебати се обединија во врска со ставот дека со договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ се трите цели што Владата сака да ги постигне со овој договор, со оглед на фактот што тој е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права и дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на придобивките.
Некои од експертите во јавната расправа оценија дека нацрт-амандманите се клучен основ за понатамошно опстојување на Македонија и нејзино вклучување во меѓународните организации и осврнувајќи се на важноста на договорот од Преспа, дадоа предлог и тој да биде дел од преамбулата.
„Убеден сум дека преку инклузивниот процес, со внесување сите одржливи сугестии, Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот бидејќи одговорноста е наша и тоа им го должиме на нашите деца, да го заокружиме процесот и да се посветиме на економскиот, образовниот, правниот развој на нашиот систем“, истакна премиерот Заев на една од дебатите и истакна дека се наоѓаме пред историска шанса да го заокружиме политичкиот процес кој трае веќе 27 години бидејќи нашата држава по сите резултати и храбри чекори што ги презеде го заслужува членството во НАТО и почнувањето на процесот на преговори со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

