Македонија
Заев во книгата на жалоста за смртта на Џорџ Х. В. Буш напиша: САД загуби голем лидер

Претседателот на Владата, Зоран Заев, напиша порака со изрази на длабоко сочувство за смртта на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џорџ Х. В. Буш, во книгата на жалоста што денеска беше отворена во Aмбасадата на САД во нашата земја.
Премиерот Заев во книгата на жалоста напиша:
„Со смртта на поранешниот претседател на САД, г. Џорџ Херберт Вокер Буш, Соединетите Американски Држави загубија човек кој ќе остане запаметен како еден од најголемите претседатели, вистински лидер и пример за тоа како еден политичар треба да им служи на интересите на нацијата. Неговото богато државничко, политичко и хумано наследство што тој го остави зад себе и понатаму ќе продолжи да живее длабоко во срцата на американскиот народ, како и во сеќавањата на идните генерации.
Упатувам изрази на најискрено сочувство до сите членови на неговото семејство, како и до американскиот народ. Господ нека го благослови“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Медицинските сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот

Унијата на медицински сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот иако, како што велат од таму, претходно им било ветено дека ќе бидат вклучени во истата.
„Како претседател на најголемата и најактивна унија на медицински сестри во државата, остро реагирам на начинот на кој денес беше организирана јавната расправа поврзана со прашања што директно ги засегаат медицинските сестри.
Иако имавме официјална средба со министерот за здравство, на која јасно се договоривме Унијата на медицински сестри, предводена од здружението ЗМСТАС „За-нас“, да биде вклучена во работните групи, денес не бевме поканети. Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно се на терен и го носат товарот на здравствениот систем“, вели претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.
Таа додава дека медицинските сестри заслужуваат да бидат слушнати — не преку формални претставници, туку преку вистински, активни и професионално организирани тела, каква што е нашата Унија.
Бешлиовска бара објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и бара итно вклучување на легитимни и активни претставници на медицинските сестри во сите идни работни групи и јавни расправи.
„Апелираме до институциите да престанат со формални и политички решенија кои ја маргинализираат сестринската професија. Особено разочарува фактот што токму овие денови, додека државата нè игнорира, медицинските сестри од Македонија испишуваат историја. Овој викенд, во Струга, се одржа четвртиот меѓународен конгрес на медицинските сестри и Регионалната ЕСНО конференција, со повеќе од 80 предавања и со присуство на еминентни имиња од регионот, Европа и САД. Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри на меѓународната сцена“, вели Бешлиовска.
Македонија
Се намалуваат цените на горивата

Цените на бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе се намалат за денар и за денар и половина, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 7.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,660 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,931 ден/кг и сега изнесува 36,660 ден/кг.
Македонија
За пет дена 2.267 сообраќајни прекршоци, уапсени се 22 лица

Од почетокот на месец октомври полицијата констатирала 2.267 сообраќајни прекршоци, а 22 лица се уапсени за безобзирно управување на возило, соопшти МВР.
Во периодот од 01.10.2025-05.10.2025 како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2.267 издадени платни налози, 514 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење.
Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 22 лица, од кои 18 за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 605 прекршоци за неправилно паркирање, 258 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 73 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 32 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и тројца пешаци и 26 возачи на електрични тротинети. Исто така санкционирани се 111 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас.
Согласно Законот за возила, 73 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 29 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 30 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од МВР.