Македонија
(Видео) Стоилковски: Нарачки на судии во Судскиот совет по директива на Заев
Нема крај на партизацијата што оваа црна власт ја спроведува во македонското општество, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилкоски.
Тој обвини дека при изборот за член на Судскиот совет, како што рече, бесрамно бил истуркан изборот на судијката Лорета Георгиева од Струмица за која Стоилковски посочи дека е сопруга на првиот човек на Зоран Заев во Струмица.
„Ова е очигледна надоградба на нарачаното ‘кацарска-судство’ и нарачаното ‘рускоска-обвинителство’ во Република Македонија. Очигледна е задачата, по партиски налог да се казнува и да се разрешува. Задача на Судскиот совет е да избира, унапредува и разрешува судии во сите степени на судството во Република Македонија“, нагласи портпаролот на опозициската партија.
Стоилковски на прес-конференцијата додаде и дека ова не е прв скандал на СДСМ поврзан со влијание во судството и рече дека Георгиева напредува само кога СДСМ и Заев имаат моќ во раце.
„Тоа се судските реформи на аболицираниот Зоран Заев, така тој ги замислува независното судство и европскиот пат. СДСМ без партиско судство не може да функционира. Со ваков избор може да се очекува на пролет наместо препорака, од Брисел да дојде порака ‘Со вака избрани судии, вие не сте за Европа’“, нагласи потртапролот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека колку побрзо оваа влада си замине, толку побрзо Република Македонија ќе се врати на вистинскиот пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.

