Економија
(Видео) Заев: Индикаторите покажуваат надеж и перспектива за економскиот раст
Сите индикатори покажуваат дека има огромна перспектива и надеж за економскиот раст и развој. Секако, тоа е возможно со развој на бизнис-секторот, на приватните иницијативи, и тука ги темелиме сите наши надежи, истакна премиерот Зоран Заев на настан посветен на промоција на „Белата книга 2018“ во организација на Советот на странските инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
На заедничката панел-дискусија претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на Советот на странските инвеститори и претседател на УО на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, дискутираа за актуелни економски теми и за предизвиците со кои се соочува македонската економија.
Премиерот Заев одговара на прашања што се однесуваа на остварените економски резултати во 2018 и очекувањата во 2019, на проблемот со недостиг на квалификувана работна сила, за структурните реформи во образовниот систем и пазарот на труд, како и на прашања поврзани со важната улога на регионалната соработка во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
„Третиот квартал завршува со пораст на извозот од 16,4 отсто, индустриското производство расте 5,2 отсто, а финалната потрошувачка 5 отсто како резултат на порастот на платите. Сите овие параметри се одличен индикатор дека сме на добар пат“, рече премиерот Заев.
Тој нагласи дека при креирањето на политиките и носењето на легислативата и законите треба да се земаат во обѕир барањата на бизнис-заедницата.
„Правиме едно правично поставување на казните и ја воведуваме опомената пред казната. Стопанството нè учеше дека треба инспекторите да работат со компаниите. Многу често грешките не се намерни и мора да укажуваме на нив со одреден рок на коригирање за санкциите да не бидат за полнење на буџетот. Тоа не го сакаме. Нашата алатка е да поттикнуваме да расте профитабилноста на компаниите, а со тоа ќе растат и приходите во буџетот“, истакна премиерот Заев и додаде дека важен елемент е борбата со сивата економија за што бележиме добри резултати со пораст на приходите од даноци и социјални придонеси од 15 до 24 отсто пораст во октомври 2018 во споредба со октомври 2017.
На дискусијата по повод промоцијата на публикацијата „Бела книга 2018“ посебно внимание се посвети на структурните реформи во образованието и пазарот на трудот, кои треба да го решат проблемот со недостигот на квалификувана работна сила, на кој посочуваат бизнис-заедницата и странските инвеститори во Република Македонија.
„Фокусот мора да биде и во средното и во високото образование. Вчера го донесовме Законот за практиканството во Владата на Република Македонија и го пуштивме. Алатка повеќе со која ќе овозможиме директно студентите да имаат своја практична едукација додека студираат да може да работат и заработуваат и да бидат подготвени за пазарот на трудот. „Кромберг и Шуберт“, „Дрекселмаер“ и ЕВН веќе прават метчинг-програми. Тоа е малку и треба уште повеќе да работиме во тој правец за да може да ги подготвиме младите со практично искуство“, нагласи премиерот Заев.
Осврнувајќи се на отворените перспективи за развој на економијата, премиерот Заев рече дека нашите тридецениски аспирации за членство во ЕУ и НАТО полека се заокружуваат и изрази очекување дека парламентот ќе ја заврши својата задача со што ќе се испрати сериозна охрабрувачка порака за странските и домашните инвеститори за членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што ќе обезбеди траен мир, стабилност, сигурност и безбедност како важен предуслов за нови инвестиции и развој на економијата.
Публикацијата „Бела книга 2018“ претставува концепт на приоритети на економските политики од перспектива на странските инвеститори, кој нуди и предлози за олеснување на работењето во специфични области со цел да се стимулира подинамично инвестирање на странски капитал во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

