Македонија
Отворен регионален ресурсен центар за слепи лица во Битола
Здружението на слепи лица, со поддршка на локалната самоуправа, УНДП и Министерството за труд и социјална политика, како и со помош на други донатори, го доби првиот регионален ресурсен центар за слепи лица.
„Овој ресурсен центар за лицата со оштетен вид треба да ги покрива општините Битола, Ресен, Демир Хисар, Могила и Новаци. За овој ресурсен центар, за да биде одржлив во следниот период, со одлука на советите на општините ќе бидат издвоени 2 отсто од средствата наменети за здруженија на граѓани, со што би се овозможило и во следниот период центарот за функционира без пречки, односно да може да врши инклузија на лицата што имаат попреченост во видот. Во изминатиот период Општина Битола ги спроведе сите активности што се однесуваат на услогласување на потребната документација и сите процеси поврзани со тоа да се добие овој простор наменет за ресурсниот центар. На мое задоволство, ова е добар показател како може сите месни заедници да бидат ставени во функција на граѓаните“, рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
Регионалниот ресурсен центар е сместен во просториите на Месната заедница Коле Лачето, а ќе им биде ставен во функција на сите слепи и слабовидни лица од регионот.
„Три години молевме и тропавме на вратите, еве наидовме на разбирање кај новата локална самоуправа, аплициравме и го добивме проектот од УНДП, зградата се реновира, внатре имаме лаптопи со говорна програма, има сензорен екран, каде што се става книга и оној што е слабовиден ќе може да чита. Внатре има шах за слепи, домино за слепи, книги за слепи итн. Според евиденцијата на Здружението за слепи лица, во Битола ги има над 200, од кои четири се мали деца, и тие ќе може да се дружат и да го поминуваат слободното време во овој центар“, изјави претседателот на Здружението за слепи лица – Битола, Стево Костадиновски.
„Се надевам дека токму овој центар ќе биде пример за сите други општини во Република Македонија и за целокупното општество за тоа како и на кој начин треба да се обезбедат неопходните услови за нормален живот на лицата со попреченост“, рече пратеникот Александар Кирацовски.
Претставникот од УСАИД, Шпетим Љатифи, ја нагласи потребата од заедничката соработка со Здружението на слепи лица и изрази подготвеност за натамошна соработка и помош. Во ресурсниот центар ќе може да членуваат и други лица со инвалидитет, па просторот заеднички ќе им служи при реализација на нивните цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

